ПРОБЛЕМОТ НА ЕТИКАТА И ВРЕДНОСТИТЕ КАЈ ХЕРМАН БРОХ

Александар Војнески

I. Вовед
II. Проблемот на Вредностите и германската идеалистичка аксиологија; односот Вредности-Стварност
III. Херман Брох - од филозофија до литература, или за една транспозиција на филoзофскиот дискурс во романот
III.1. Брох и проблемот на Вредностите – филозофска експликација на проблемот на Вредностите
III.2. Месечари – или за растргнатоста на субјектот помеѓу идеалот и реалноста
III.2.1 Пазенов или романтика – големото прашање на избор на Пазенов
III.2.2 Еш или анархија – изгубеноста на субјектот во виорот на разнишан и нестабилен систем на вредности
III.2.3. Хугенау или трезвеност – конечен распад на стварноста и на Вредностите
III.3. Структурата на Месечари – Брох и неговата идеја и концепција на романот
III.4. Смртта на Вергилиј – конечно преиспитување на Вредностите во литературата и на литературата
IV. Херман Брох денес – место заклучок
V. Литература
Благодарност

I. ВОВЕД

          „Најпосле се уверив дека сите сегашни држави имаат лошо управување, зашто нивното законодавство е речиси непоправливо, ако не се случи нешто сосема неочекувано, потпомогнато од некаква среќна околност. И така, во слава на вистинската философија, бев присилен да тврдам дека само со нејзина помош може да се осознае сè што е праведно во животот и на државата и на поединецот; бев присилен да тврдам дека човечкиот род нема да се ослободи од неприлики, пред да дојдат на власт претставители на вистинската и благородна философија; или, пак, ако владетелите во државите, според некоја божествена промисла, не се зафатат со вистинска филозофија“ (Колева 2002, 13).
          Можеме да замислиме како ја мурти Платон својата веѓа строга,  додека ги пишувал овие редови од Седмото писмо (326 А Б) кое му е припишано него, без притоа многу да се сомневаме во вистинитоста на тезата дека се ова негови зборови. Длабоките брчки му го грчат неговото потемнето чело додека, со доза на немоќ, сфаќа дека, и покрај сè, единствениот избор е до крај да (се) оди во и со својата филозофија. И ние денес, по незамисливо многу повторени изгрејсонца, не можеме да помислиме дека би можело поинаку да се дејствува пред своите убедувања. Единствено тоа е чесно и доблесно. Според овој цитат, неоспорна е констатацијата дека Платон е првиот филозоф кој направил конкретен обид својата идеалистичка филозофија да не ја остави само на хартија, во пишана форма, туку се обидел и емпириски да ја материјализира, т.е. да ја примени во пракса преку неговиот (неостварен) стремеж за идеалната држава. Токму преку тие постулати кои ги задава како еден вид на канонизирани општествени, политички, правни и културни вредности и норми, Платон е првиот, а воедно можеби и најголемиот сонувач за идеалот на вредностите и етиката на човековото постоење и дејствување според принципите на една систематизирана идеалистичка филозофија која тој ја заговара. Истовремено, Платон е првиот филозоф кој – токму поради идеалистичкиот принцип во неговата филозофска мисла – во извесна мера ги догматизира принципите, односите и  постулатите кои треба да претставуваат вредносни норми во еден комплетно обмислен општествено-социјален систем на една држава, сметајќи дека тоа би бил единствен и универзален систем, за сите времиња однапред зададен. Со суровото прогонство (секако, само на хартија) на сè она и сите оние кои се неподобни за неговата идејно идеална држава, неоспорен е фактот дека во оваа идеја на Платон може да се перцепира тенденција кон експлицитен тоталитаристички однос и став. Со тоа тој, за жал, само ја ретериторијализира тиранската владетелска утврденост на оние тирански властелини (Дионис Постариот и Дионис Помладиот – и двајцата владетели на Сицилиска Сиракуза, каде Платон сакал да ја формира својата идеална држава), кои сакал да ги превоспита и преобрази во добронамерни и етички профилирани државници. Можеби е сè уште прерано да споменеме во овој текст дека политиката е прагматична дисциплина која ги трпи идеалите сèдодека ги држи под контрола и подредени. А, сепак, вистината, денес повеќе од било кога, е сурово таква. Во секој случај субјектот е тој кој најнепосредно го чувствува секој систем и секое општествено уредување, бидејќи тие се создаваат од него и постојат за него. Или барем така треба да биде. Платон, иако со чисти, искрени и добронамерни побуди и цели, ужаснат од тиранијата на владетелите околу него, сепак, на интенционален авторитарен начин се обидел да му ја скрати можноста на еден субјект за самосвесна валоризација на нештата и дејствата кои ги има и прави во рамките на своето контекстуално општествено опкружување. Од друга страна, пак, овој однос на Платон, нужно го наметнува прашањето за објективна систематизација на вредностите и етичките норми во рамките на еден општествен систем, ако тие доаѓаат од чисти субјективни афинитети и побуди. Колку тие етички вредности и норми ќе бидат релевантни и резистентни на духот на времето, и уште поважно, колку тие ќе придонесат за одржливост на истиот тој контекстуален дух на епохата и на културата? Дали, сепак, Платон е во право кога сака експлицитно да ги постулира и втемели, со еден догматски жар и ревносна размисла, вредностите на неговото време, оштествена и културна констелација? И најголемото прашање, секако, дали тоа и денес не ни е потребно? Дали и денес не ни е потребна таква организирана структура на понудени етички и системски вредности, благодарение на навиката за инстант културни вредности и начин на живот? Овие прашања ќе ги оставиме за завршниот дел од овој труд. Сега ќе се навратиме многу години наназад, кај оној кој му се спротивставил на Платон, за љубов на вистината. Кај оној кој не останал рамнодушен и ученички восхитен од мудроста на својот Учител, и со тоа ја поставил основата на целокупната дуалистичка перцепција и валоризација на нештата, која ќе ја обележи до денешен период западната филозофија, култура и цивилизација. Ќе се навратиме приближно не многу помалку години наназад од претходната филозофско-временска прошетка, кај многу поприземниот, поспокоен и рационален Стагирец од времето на Халкидскиот сојуз – Аристотел.
          Аристотел е првиот и единствен современик на Платон кој на неговиот идеалистички конципиран филозофски систем му се спротивставил со еден нов систем и методолошки пристап во определбата на вредностите во рамките на еден систематски организиран светоглед, воопшто. Според него, проблемот на вредностите е нужно рационален и нема никаква врска со трансцендирање на истите. Аристотел е поборник на рационалистичка филозофија, аргументирајќи дека сиот вредносен систем на една епоха е обврзно контекстуален и е поврзан со еден епистемолошки однос кон реалноста од аспект на нејзино спознавање и стандардизирање на вредносниот код. Кај него проблемот на вредностите нема врска со никаква трансцедентност, т. е. исто како што материјата е иманентна на формата, така и вредностите се иманентни на стварноста. Токму тој рационалистички став на Аристотел ќе биде факторот кој ќе го донесе опозитниот принцип во западната филозофија и ќе им се спротивстави на трансцедентните вредности на идеалистичката филозофија на Платон. Со тоа биле удрени темелите на бинарната опозиција во западната филозофска мисла, а преку неа и фундаментот на западниот културно-уметнички израз и однос кон уметноста.  Со сопоставување на овие опозитни филозофски системи, во западната филозофија се постулира можноста за избор и дефинирање на вредносен систем во зависност од афинитетите и размислите на различни филозофи кои следуваат после овие два грандиозни умови на западниот свет. Врз нивните спротивставени системи целокупната западна филозофија, литература и култура го наоѓа својот иницијален spiritus movens, и врз нив ги гради своите системи на вредности.
          Од ова може да се извлече еден заклучок, кој, истовремено, ќе претставува извесна воведна теза на овој труд: идејата дека Вредностите кои треба да бидат унифицирани во рамките на една општествена заедница, единствено можат да бидат такви само преку систематска одредба и подредба на истите, преку едно системско позиционирање на истите. А тоа не нè оддалечува многу од идејата на Платон за систематичната општествена, политичка, правна и културна организираност на една држава. Останува само прашањето на изборот на принцип и метод на кодифицирање на тие вредности и норми, дали тоа би бил идеалистичкиот принцип и метод или рационалистичкиот пристап и однос. Во секој случај, логично би било прашањето дали еден субјект во контекст на неговата општествена опстојба може да има можност да бира вредносни определби и норми, независно од системот чиј дел е? Генерално, од филозофски аспект, одговорот би бил негативен, со што би се потврдила егзистенцијалистичката теза за тегобноста на постоење на субјектот во рамките на општествено-социјалниот систем на вредности. Но, токму тие повремени епохални индивидуални иницијативи за промена на постоечките вредности и етички норми ја даваат надежта за продолжување на борбата против потрошливоста и истрошеноста на вредностите. Таквите великани на обидот за промена и придвижување на културно-општествените вредности кон една подобра иднина, со голем визионерски потенцијал, биле ретки низ историјата. Сепак, за среќа, ги имало. Дали доволно е сосема релативно и ирелевантно прашање. Токму овој феномен за превреднување на вредностите во склоп на систематичната организираност на едно општествено уредување и вредносна структурираност на една општествено-културна епоха не доведуваат дo едно големо име на западната култура, уметност и филозофија - Херман Брох. Филозоф и книжевно оригинален и тешко надминлив стилистичар на уметничкиот израз, Херман Брох е авторот чии две капитални дела, Месечари и Смртта на Вергилиј, во понатамошниот дел од оваа студија ќе бидат парадигматичен пример и апликативни дела преку кои ќе ја востановиме конкретната проблематизација и став кон феноменот на Вредностите како филозофска, општествено – политичка и уметничка категорија. Но, за да се дојде до делото од Брох, систематичноста наложува една релативно кратка методолошка експликација како вовед во проблемот на Вредностите.

II. ПРОБЛЕМОТ НА ВРЕДНОСТИТЕ И ГЕРМАНСКАТА ИДЕАЛИСТИЧКА АКСИОЛОГИЈА; ОДНОСОТ ВРЕДНОСТИ-СТВАРНОСТ

          Вуко Павиќевиќ во својот вовед кон скратената верзија на неговиот докторски труд за односот на вредностите и стварноста во германската идеалистичка аксиологија, од самиот почеток прави една конкретизација за тоа кон што се однесуваат вредностите и на кој принцип почиваат тие. „Примарното и првобитното држење на човекот спрема светот е практично, што значи дека човекот отсекогаш морал и мора во својот стремеж за одржување на делата, да ја менува природата и своите односи спрема другите луѓе, и едното и другото да ги прилагодува на потребите не само за одржување туку и за развој и напредок“ (Pavicevic 1958). Примарен услов за востановување на еден конкретен и објективен став за односот на вредностите и стварноста, како и за нивно менување е нивното објективно, независно од нас самите, спознавање. Во тој контекст се прави една фундаментална поделба на поимот на Вредностите во склоп на еден конкретен систем, на едно конкретно општество (според истиот принцип од Аристотел, за контекстуалност и прагматичен сооднос на Вредностите и стварноста) со тоа што се упатува, од една страна, на вредности поврзани со биолошките потреби на луѓето и со нивната општествена позиција (сетилни, витални вредности), и од друга страна, вредности кои човекот ги става на еден повисок пиедестал од овие претходните (подредувајќи ги под нив, условно речено, “пониските“ вредности), субјективните, лични вредности на човекот како субјект поврзани со неговото возвишено и величествено место во Универзумот. И за двата типа на вредности е значајно да се упати на тоа дека нивната одредба не се базира врз индивидуалниот, субјективен порив и желба на човекот како субјект во општеството, туку првенствено, врзодредби и норми кои едновремено се поставуваат како општествени и морални, што е единствен услов за објективност во одредбата на Вредностите на една епоха (на духот на една епоха, како што ќе видиме подоцна дека го определува Херман Брох). Но, треба да се направи и разлика помеѓу одреден систем на вредности и самите вредности како такви. И двата феномени се проблематизираат во моменти кога се загрозени и во криза. Артур Шопенхауер упатува на тоа дека самиот поим на вредност е фантом и остаток од теолошкиот морал, на што Мишел Фуко се надоврзува со ставот дека вредностите се низа институции и техника за создавање или контролирање на субјективитетот. Со определувањето и поставувањето на приоритетна позиција на Вредностите фундирани врз општествени и морални одредби и норми (систем на вредности), на човекот како субјект му се укинува можноста да поставува норми и вредности поттикнати од неговиот индивидуален природен инстикт и порив кој го има во себе како природно битие. Тие одредби и норми во однос на индивидуалната волја на човечкото битие се поставени како барања кои тоа треба да ги исполнува и меродавни фактори според кои севреднува неговата општествена, културолошка и антрополошка дејствителност во рамките на еден конкретизиран општествен систем (систем на дефинирани и прифатени вредности). Тоа упатува на фактот дека Човекот како субјект не е безусловно и автоматски обрзан кон истите. Напротив, тој може да делува и против нив. Но, тие норми и одредби се факторот кој ја определува и категоризира неговата слобода на дејствување како позитивна или негативна, во зависност од неговите однос и поставеност кон востановените вредносни категории. Тоа, всушност, го прави човечкото битие врвна форма во рамките на природата. Спојот на природните и општествено–свесните фактори и сили го прави, истовремено, и субјект (кој ги определува општествените Вредности врз основа на претходно востановени норми и одредби) и објект на моралните норми (придржувајќи се кон истите). Кога на оваа поделба на сетилни (вулгарни, профани вредности, кои на филозофско рамниште и воопшто не се вредности по дефиниција) и духовни вредности ќе се додаде и религиозната претстава за светот и вредностите кои таа ги наметнува како приоритетни и доминантни, тогаш се добива склоп од факти и елементи според кои можеме да изградиме една општа претстава за Вредностите кои владеат во рамките на еден општествен систем.
          Меѓутоа, оваа методолошка и систематична поделеност на Вредностите во духот на една идеалистичка филозофија, не можеме ниту смееме да ја поимаме како конечна и ултимативна, не во однос на нејзината категоријална поделба на вредностите, туку во однос на доминантната позиција и приоритет кои ги имаат истите тие категориски поделени Вредности во рамките на еден конкретен, хронотопски определен опшествен систем, во рамките на една конкретна епоха со сите нејзини карактеристики и случувања. Идеалистичката филозофија се залага за една апсурдна апсолутна доминација на системот на вредности кој таа го заговара (таа апсурдност ја видовме и во  платоновиот пример со идеалната држава, даден во воведниот дел на овој труд) како нужно доминантна во еден општествено-политички и културолошки систем врз кој би се засновало едно системско уредување. Идеите и стремежите на идеалистичката филозофија ги надминуваат (не земајќи ги предвид или занемарувајќи ги) прагматичната потреба и стремеж на човештвото во одредена епоха, условени од чисто контекстуалните состојби и односи на субјектот и општеството, како и односот субјект-субјект. Апсолутната доминација на еден конкретизиран и методолошки обмислен вредносен систем (од типот на оној на Платон, или како оној на секој голем и влијателен религиски поредок) го скратуваат моментот на слобода на избор на субјектот во однос на почитувањето или непочитувањето на нормите и одредбите кои ја овозоможуваат и гарантираат валидноста на еден вредносен систем. Тоа консеквентно резултира со апсурдност на постоењето на еден таков апсолутен систем. Доколку субјектот нема можност за избор на афирмативен или негативен став и однос кон еден систем, тогаш потребата за постоење на еден систематизиран склоп на вредности е апсурдна сама по себе, и тој систем се доведува во позиција нужно да биде подриен токму поради тој апсолутистички (тоталитаристички) став.
          Следствено, се поставува прашањето Кој би бил условот за едно хармонично опстојување на еден општествен систем базиран на конкретни Вредности (од секој вид погоре категоризиран)? Одговорот би бил дека не постои и не може да постои идеален (утопистички) организиран и одржлив општествен систем во кој сите Вредности би биле во еден сразмерен, хармоничен сооднос и застапеност. Факторот кој го оневозможува постоењето на еден таков систем е истиот кој го создава и постулира секој еден општествен систем - Човекот. Субјектот како индивидуа во рамките на еден општествен систем е перманентно распнат помеѓу оној поредок на Вредности кој го прави системот одржлив и неговите индивидуални Вредности кои се засноваат на неговите природни, интелектуални и духовни потреби. Токму тој проблем на односот на субјектот и Вредностите, во една естетско-филозофска изразна форма го наоѓаме во романите на Херман Брох, романсиер, научник и дух со оригинална филозофско-научна промисла.

III. ХЕРМАН БРОХ - ОД ФИЛОЗОФИЈА ДО ЛИТЕРАТУРА, ИЛИ ЗА ЕДНА ТРАНСПОЗИЦИЈА НА ФИЛOЗОФСКИОТ ДИСКУРС ВО РОМАНОТ

          Она што го прави Херман Брох прониклив и иновативен научник, издржан филозоф и генијален романописец потекнува од неговата специфична комбинирана академска едуцираност. Неговите првични студиски дејности биле во областа на математиката и применетата техника. Тие студии требало да го подготват младиот Херман за достоен наследник на текстилната фабрика на неговиот татко. Се стекнал со инжинерска диплома, истовремено патентирајќи и нова машина за преработка на памук. Во периодот од 1926 до 1930 година студира комбинирани студии по филозофија, математика, физика и психологија на виенскиот универзитет, на свои 40 години, откако ја продал фабриката наследена од неговиот татко-индустријалец. Иако студиите не ги завршил поради незадоволство од еден од неговите професори, сепак, едукативниот процес суштински повлијаел врз неговиот мислечки и толкувачки потенцијал и развој. Таа ретка комбинација на студиската програма, окарактеризирана со еден компактен увид на научните и филозофските проблеми и нивното спознание, карактеристична за австрискиот образовен систем од тој период (слична едукација имал и Роберт Музил, уште еден од низата генијални автори со австриско потекло), кај Брох конечно ќе го дефинира и зацврсти неговиот однос и став кон светот, сликата на светот(како антрополошки, културолошки и поетолошки феномен) и кон животот воопшто. Брох и самиот има изјавено дека математиката е најчистото онтолошко познание; оваа негова премиса, водечка и кај многу други негови современици, интелектуалци и мислители од влијателниот Виенски круг формиран во 1929 година (Мориц Шлик, Рудолф Карнап, Фридрих Вајсман и Ото Нојрат) ќе биде фундаменталниот елемент кој ќе го дефинира со научна прецизност и строг математичко-логички пристап неговото проблематизирање на филозофијата, литературата, уметноста, културата, светот и животот како врвна енигма на човечкото битие кое го проживува истиот. Перцепцијата на проблемот и неговото решавање како математичка задача, нема да бидат ништо друго освен еден автентичен пристап кон проблемите на филозофијата и литературата кои Херман Брох ги третира и актуелизира како клучни за разбирање на светот и неговиот поредок. Преку својот филозофски дискурс, Брох не прави некои универзални значајни придвижувања на полето на филозофијата. Тој повеќе на нов и оригинален начин ги констатира, лоцира и проблематизира главните слабости на неговата епоха, и преку една луцидна и научно прецизна филозофска експликација ги разложува, ги објаснува, полемизира и филозофира за истите преку еден експлицитен филозофски дискурс на изразот. Но, она што го позиционира Брох над другите филозофи и интелектуалци од неговото време лежи во оригиналноста на изборот на медиумот во кој тој го најдува спасот и решението на проблемите на неговото време, со стремеж за објективна перцепција и разработка.
          „Големите книжевни дела го наоѓаат своето оправдување во метафизичката евиденција која го обзема човекот и кон  која книжевноста го трасира својот пат кога рационалните средства на мислењето повеќе не се задоволителни; книжевноста отсекогаш била нестрпливост на спознанието, и тоа сосема оправдана нестрпливост. Тоа веројатно беше првата причина за моето застранување во ненаучниот, книжевен израз, но покрај неа, се најде и друга, порационална причина – мотивот на непосредно етичко дејствување... За таквото дејствување, книжевните дела се многу посоодветни средства отколку науката.“
          Вака пишува Херман Брох во својата автобиографија, во однос на неговиот пробив во книжевниот израз. Тој медиум кој за Брох претставувал вистински предизвик и ултимативна изразна форма во литературата е романот како една од капиталните прозни форми. Токму преку двојната карактеристика на романот, како жанр со специфична структурна карактеристика и содржинска специфика - и двете дискутабилни и често проблематизирани од неговите зачетоци до денешно време – Брох наоѓа легитимно и соодветно поле на кое може преку една објективна перцепција да се прикаже конкретниот вакуум на вредности, скептицизамот и конечниот распад на системот на вредности на една нација, на една епоха. Брох ја наоѓа литературата како специфичен израз на човечкото битие чија единствена задача е да ги решава проблемите на општеството, а чии решенија ја избегнуваат „тешката“ наука. Романот како дискутабилен литературен феномен, за Брох ќе биде најголемиот предизвик и главна изразна форма (иако не смеат да се заборават и неговите брилијантни филозофски анализи во неговите есеи) на неговата минуциозна и прецизна аналитичност на антрополошките и филозофските проблеми на неговото време. Токму преку романескната изразна форма, Херман Брох ќе ја достигне реализацијата на неговата идејна теза за нужната поврзаност и условеност на етичкото (филозофското) и естетското (уметничкото) како една клучна и нераскинлива спрега за постоење и дефинирање на еден хронотопски одреден систем на вредности. Овој труд аналитички ќе се фокусира врз практичната реализација на Броховата идеја за поврзаноста на етиката и естетиката, на формата и на стилот и нивниот однос со содржината во рамки на една историски турбулентна епоха на човештвото.

III.1. БРОХ И ПРОБЛЕМОТ НА ВРЕДНОСТИТЕ – ФИЛОЗОФСКА ЕКСПЛИКАЦИЈА НА ПРОБЛЕМОТ НА ВРЕДНОСТИТЕ

          Пред да се говори за конкретните литературни дела на Брох, треба да се експлицира неговата идеја и концепт за системот на вредности и проблемот на Вредностите како филозофско-општествена категорија. Оваа експликација е од круцијален карактер, бидејќи претставува еден од двата главни сегмента на грандиозниот литературен потфат на Херман Брох како една оригинална и специфична комбинација на филозофска фундираност на романот сфатен и искористен како едно ново „орудие“ за спознание на стварноста и реалната слика на светот. Во третата книга од романот Месечари, како една кулминација на разградување на структурата на романот и деструкција на принципот на нарација наследен од авторите на реализмот, Брох, покрај другите новитети кои ги внесува на поле на изразот и структурата на својот роман (а за кои ќе стане збор подоцна), експлицитно го вметнува неговиот познат есеј Распадот на вредностите, кој треба да претставува еден опозиционен израз на оној чисто наративниот, а во кој прави една обопштена анализа и експликација на проблемот на Вредностите генерално (одредбите и категориите кои го формираат еден систем на вредности), како и на системот на вредностите кој го карактеризира неговото време. На едно филозофско рамниште, Херман Брох го определува секој еден систем на вредности како една категорија од формален карактер, а чиј содржински квалитет дополнително се квалификува на принципот на етичко дејство. Попрецизно кажано, системот на вредности претставува еден збир на формални одредби, принципи и норми на дејствување, како на субјектот така и на колективот во рамките на една општествена заедница (многу важна поделба кај Брох, ќе видиме подоцна) во име на една императивна конечна цел, перцепирана како апсолутна вредност со бесконечен карактер која Брох ја определува како естетички момент во системот на вредностите. Токму во таа поделеност на естетички и етички моменти во системот на вредности, Брох го лоцира клучниот проблем на една епоха и поконкретно на Уметноста. Естетичкиот принцип како еден врвен стремеж во склоп на еден систем на вредности е утврден и позициониран како една ултимативна вредност во условната хиерархиска поделеност внатре системот на вредностите кои го карактеризираат еден период, една епоха. Поради определбата на таа императивна вредност како совршенство, а со тоа и нејзината карактеристика на недостижност (во филозофски контекст), Брох го квалификува секој еден систем на вредности како нужно неодржлив и нужно подложен на подривање и распад. Земајќи го како пример христијанството во средновековниот период и неговиот догматски фундиран и одржуван склоп на норми, начела, правила и принципи на кои треба безусловно и строго да се придржуваат сите припадници и следбеници на таа религиска форма, Брох прави еден суптилен понирачки обид за експликација на целокупниот долгорочен распад на вредностите на западната цивилизација и култура. Во средновековието како еден симптоматичен период на доминација на христијанството и неговиот вредносен систем, според Брох, а и генерално земено, истото го доживува својот врв, својата кулминација. Во периодот на средновековието, христијанството е најблиску до целосно исполнување и достигнување на својата категорички определена императивна вредност – Бог, и неговата релативна, илузорна блискост до својата врвна вредност, до својот бесконечен и недофатлив апсолут, истовремено претставува и клучен момент за пресврт во доминацијата на тој систем на вредности. Брох во приближувањето до апсолутната вредност на еден систем на вредности ја гледа причината за почетокот на неговото нужно распаѓање и деградација. Во моментот кога еден систем на вредности ќе се доближи до своето апсолутно исполнување во рамките на еден општествен систем, истовремено тој од стремеж, идеал, цел станува една исполнета категорија за која единствено останува да биде историски лоцирана и определена, т.е. поврзана со еден конкретен историски период (оној во кој ја доживеала својата релативна исполнетост и врвна доминација). Поради таа историска локализација на еден систем на вредности, истиот е осуден на подривање и деградација кои резултираат со еден голем распад, разложување на истите. Според Брох, еден систем на вредности задолжително е подриван од друг систем кој самиот го создава, т.е. од систем кој се раѓа од истиот тој вредносен систем кој почнува да заоѓа и да се распаѓа. Во тој клучен момент – во моментот кога нужно доаѓа до еден, како што вели Фридрих Ниче, обид за превреднување на сите вредности, т.е. „критика на највисоките до[тогашни] вредности“ (Ниче 2003, 85), започнува деградацијата на еден дотогаш идеализиран систем на вредности. Меѓутоа, главен проблем, пред сè, во примерот со христијанството (а и на едно генерално ниво) Брох смета дека претставува таа нецелосна замена и трансформација на еден, сега веќе историски и со тоа осуден на пропаст, систем на вредности во еден нов систем на вредности кој ќе донесе некој нов поредок на вредносни определби. Во случајот со распадот на средновековниот систем на вредности на христијанството, и Брох, како и Ниче, наоѓа еден клучен момент на пресудна деградирачка судбина на западната цивилизација. Она што како реформаторска концепција го подрива христијанството, протестантизмот како систем роден од христијанството, не го понудува оној целосен новитет кој би гарантирал апсолутна замена на претходниот систем на вредности, а со тоа и ја продолжува на некој начин перманентната деградација на западната култура која започнува со распадот на христијанската етика и нејзините норми. Ниче го толкува средновековното христијанство како една целосно изместена концепција на религиските вредности кои се фундус на оригиналното, првично христијанско религиско верување. „Што отфрлил Христос? – Сè она што денес се нарекува христијанско. Христијанска е секоја рамнодушност кон догмите, култот, свештениците, црквата, теологијата“ (Ниче 2003, 95). На овој начин Ниче го лоцира проблемот на христијанството. Токму поради тоа што и протестантизмот, покрај тоа што се раѓа од христијанството, го задржува Бог како врвна, апсолутна вредност во својот систем на вредности, Ниче, а подоцна и Брох, ќе го карактеризира протестантизмот како еден вид на зло кое ја афирмира и одржува деградацијата и распадот на западната култура. Брох потенцира дека со задржување на истата концепција на системот на вредности кај протестантизмот, а промена само на нормите и принципите кои претставуваат насока кон бесконечната апсолутна вредност која се наоѓа на врвот од тој систем, не се доаѓа до она превреднување на вредностите за кое се залагал Ниче, туку дека доаѓа само до една ретериторијализација на доминантата преземена од претходниот систем на вредности. Од оваа позиција, Херман Брох ја прави поделбата на етички и естетички сегмент во склоп на секој еден систем на вредности, генерално. Имено, определувајќи ја апсолутната вредност (Бог, морал, капитал, убавина и слично, во зависност од специфичниот систем на вредности) како естетички феномен во рамките на еден систем на вредности, тој упатува на тоа дека таа апсолутна вредност не е етичка сама по себе бидејќи е зададена како норма, како принцип, како правило кон кое треба да се придржува и стреми субјектот. Бидејќи таа вредност е зададена како категорија на која ѝ е подреден целиот поредок во еден систем, е формален императив кој е услов за одржливост на самиот систем, не може да претставува етичка вредност поради нејзината априорна зададеност. Ниче априорно зададениот морал не само што го негира како вредност, туку и го третира како една целосно неетичка предрасуда преку која може да се контролира и да се манипулира субјектот во име на системот на вредности и општествениот поредок. Критикувајќи ги религијата и моралот, Ниче, во своето капитално дело Волја за моќ, ќе рече: „Човекот не се осудувал да си ги припише цвоите силни и необични состојби, туку нив секогаш ги сфаќал како ,пасивни’, како однадвор ,наметнати’: - религијата е производ на сомнежот во единството на личноста, таа е промена на личноста: – доколку човекот сè што е големо и моќно го поимал како натчовечко, како нешто што доаѓа надвор од него, дотолку самиот човек се смалувал – тој раздвоил две страни, едната многу бедна и слаба, и една многу моќна и необична, во две сфери, па првата ја нарекол ,човек’, а другата ,Бог’“ (Ниче 2003, 88). Неколку страници потоа ја дава конечната одредба на статусот и поимањето на моралот и религијата како средства, т.е. како форми: „Моралот и религијата се главните средства со чија помош од човекот може да се направи она што се сака...“ (Ниче 2003, 92). Моралот и религијата Ниче ги перцепира како форми на еден систем на вредности во христијански контекст и заради тоа не ги смета за етички феномени, поради нивната априорна зададеност и востановеност како цел, а не како начин на живеење, на дејствување. Ги третира како средства за манипулација на субјектот, т.е. дека се оправдува оти нешто се прави во име на моралот како возвишена цел, без притоа да се биде етичен во начинот на дејствување. За него тоа е первертирање на самата етичка вредност на моралот. Токму поради овие факти во рамките на филозофскиот дискурс, Херман Брох – исто како и Ниче – не можел да ги прифати апсолутните вредности на еден систем како етички категории. Напротив, Брох, етичкиот момент во склоп на еден систем на вредности го лоцира во начинот на доаѓање и достигнување на апсолутната вредност. Патот по кој се доаѓа до врвната вредносна категорија треба да е поплочен со идејата за етичност. Затоа Брох се залага за една уметност, поконкретно за една литература која ќе почива врз етички принципи. Достигнувањето на крајниот ефект, на крајната цел кон која се стреми уметноста, или поточно литературата како еден систем со сопствени норми и вредности (во зависност од епохата на која и припаѓа – најсилниот факт кој ја потврдува контекстуалноста и хронотопската одреденост на Вредностите), т.е. достигнувањето на естетичкиот императив како формална ултимативна вредност (повторно ги повторуваме, Бог, убавина, морал, капитал, здравје, еколошка чистота...) треба да биде базирана на етичка содржинска достигнатост. Начинот, патот до кој ќе се исполни доминантата на еден систем на вредности треба да биде со етичка подлога. Поаѓајќи од оваа идеја и филозофска концепција за разбирање на категоријата Вредности, Херман Брох ја постулира и дефинира својата литературна поетика, проткаена и дефинирана со огроман доза на филозофски дискурс, но и со генијален диегетски дискурс и израз. Замислувајќи ја својата голема и значајна литературна одисеја, Брох ја обмислува романескната изразна форма како метод и средство со чија помош би се дошло до едно објективно антрополошко и филозофско познание на светот и реалноста, транспонирани и претставени во самата содржина на романот како литературна форма. Тука доаѓаме до самите романи на Херман Брох, како едни специфични и оригинално структурирани наративни целини, кои се врвен стилски израз на неговото разбирање и поимање на сликата на светот во реалноста и сликата на светот во романот, како два нужно поврзани феномени кои се надополнуваат и се објаснуваат меѓусебно.

III.2. МЕСЕЧАРИ – ИЛИ ЗА РАСТРГНАТОСТА НА СУБЈЕКТОТ ПОМЕЃУ ИДЕАЛОТ И РЕАЛНОСТА

„Уметникот треба да прави добро, а не убаво“.
(Broh 1979b, 173)

          Оваа премиса за Брох ќе претставува идејна основа и примарна цел како во неговото поимање и сфаќање на литературата, така и во склоп на неговиот прозен израз. Тој ќе му биде принципот врз кој ќе ги карактеризира и профилира ликовите во неговите романи како субјекти со една релативна карактерна дефинираност. Токму на тој план Херман Брох прави еден сериозен исчекор и придвижување на полето на романот. Она што ги изделува романескните ликови во неговите романи (поконкретно во неговиот роман Месечари) од остатокот на модернистичката романескна традиција (како една контрареплика на реалистичката поетика и нарација) е нивната симболична и карактерна обременетост со спецификите на некој одреден општествен сталеж, класа или хиерархиска група од периодот на Бизмарковата доминација и цутот на капитализмот па сè до раната зора на национал-социјализмот и најавата на доминацијата на фашизмот. И самиот Брох ќе го потврди тоа во едно писмо упатено до сопругата на неговиот издавач Д. Броди (објаснувајќи го неговиот избор на профил за ликот на Еш): „одбрав просечен граѓанин, затоа што исконските религиозни нагони и ирационализми не поднесуваат интелектуализација на нивното настанување и реализирање“ (Broh 1982, 25). Во тоа е и големината на Брох како романописец: во грандиозноста на неговите ликови чии карактеристики не се индивидуални туку се сублимат на еден систем на вредности карактеристичен за една епоха и за една општествена класа, транспониран во карактерот на секој од главните ликови на сите три дела од трилогијата Месечари. Причината поради која ја прави оваа спецификација на неговите ликови е обидот за претставување на сликата на реалноста како слика на светот во романот како креација, со цел да се достигне една објективна претстава за стварноста и валоризација на нејзиниот валиден систем на вредности. Во духот на фрагментарноста и истовремено генералната концизност и поврзаност на трилогијата Месечари, ќе го насочиме и нејзиното толкување во рамките на овој труд. Ќе се обидеме да покажеме дека со својата луцидна и математички прецизна аналитичност на филозофските проблеми, Брох успева да направи една генијална структура на романот од аспект на претставување на проблемот на Вредностите во распад манифестирани преку главните ликови на трите дела од романот и оние кои се најавуваат како тековни и идни Вредности, а кои треба да бидат едно превреднување на претходните.

III.2.1 ПАЗЕНОВ ИЛИ РОМАНТИКА – ГОЛЕМОТО ПРАШАЊЕ НА ИЗБОР НА ПАЗЕНОВ

          1888 година е, а Германската империја веќе 17 години е здружена со Пруското кралство. Јункерството, како еден засебен класен поредок во оваа комбинирана државно-кралска заедница со посебен систем на вредности, е во процес на својот залез. Неговите елитистички вредности се во распад. Разнишан е темелот и структурата на една дотогаш толку моќна класна структура. Младиот Пазенов е на крстопат помеѓу неговиот семеен имот и градската, урбана средина на тогашен Берлин. Двата топонима со различна култура – традиционална наспроти урбана. И двете средини со различни вредности. Ова накратко би била позадината која стои како основа на првиот дел од Месечари. Истовремено, ова е и големата раскрсница на која Пазенов треба да го избере системот на вредности кој ќе биде доминантен во остатокот од неговиот живот (во тој момент тоа е неговото размислување). Голема и тешка дилема за младиот поручник Јоахим фон Пазенов. Избор помеѓу традиционалните вредности на јункерството и воениот животен режим кој со својата строгост и пуризам гарантира стабилна средина, а кои се во фаза на распад и разложување, од една страна, и системот на вредности кој доаѓа „однадвор“, од другиот (Ружена, Бертранд), од новото, од прогресивното, од нетрадиционалното, од сè она што е „од онаа страна“ на воената униформа. Пазенов како субјект се наоѓа во позиција на една растргнатост. Од една страна се наоѓа неговиот осознаен систем на вредности кој е на заминување, кој се претворил во историски феномен, во историски факт кој своевремено имал апсолутна форма на доминантен квалитет на начин на живеење и однесување, бил врв на принципот на дејствување. Наспроти него, како една нова форма и концепт на вредности се јавува капитализмот кој е во зародиш и процут, а кој за збунетиот поручник воведува некои неоткриени сетила и чувства, некои нови искуства, дотогаш потиснати од пуристичкиот принцип на воениот режим како животен принцип. Растргнатоста на Пазенов е двојна, како и двојноста на неговиот можен избор. Општествено, социјално и семејно го има неговиот татко кој како по некоја логика на каузалитет на стварите, доживува еден нервен слом, еден психички растрој паралелно со падот и деградацијата на системот на вредности кој му го означил и исполнил целиот негов живот. Го има имотот на село, како еден последен бастион на една традиција која тоне, на еден специфичен начин на живот во склад и хармонија со традиционалните, догматски конвенции на еден епохален дух кој е на залез – духот и традицијата на јункерството и „идеалите на униформата“. Ја има Елизабета, субјектот кој всушност е една жива слика на аполониските принципи на танатолошки закостенетата традиционалност. Го има споменот за својот во двобој загинат брат, како една моќна опомена за нужната промена на нештата, а со тоа и на принципите и вредностите. Нема да биде излишно ако во целост го приложиме писмото упатено до Јоахим од страна на неговиот брат Хелмут, во контекст на тој последен предупредувачки апел за Пазенов дека системот на вредности, како и сите ствари кои се засноваат на една ултимативна вредност како форма и априорна цел:

„Не знам дали жив ќе се извлечам од овие по малку излишни ствари. Секако дека се надевам на тоа, но, сепак, речиси ми е сеедно. Го поздравувам фактот дека постои нешто што се нарекува морален кодекс, кој во овој толку рамнодушен живот претставува трага од некоја повозвишена идеја на која човек смее да ѝ се потчини. Се надевам дека ти во својот живот имаш најдено повеќе вредности отколку јас што најдов во мојот; понекогаш ти завидував поради војничката кариера; тоа е барем служење на нешто поголемо отколку самиот човек. Навистина не знам како размислуваш за тоа, но ова ти го пишувам за да те опоменам да ја напуштиш војничката кариера (доколку загинам јас) и да го преземеш имотот. Порано или подоцна, тоа сигурно ќе биде нужно, но додека е жив татко најдобро е да останеш подалеку од куќата, освен ако не ѝ си потребен на мајка. Ти посакувам сè добро“ (Broh 1982, 81).

          Системот на вредности, пред да го доживее своето историзирање, пред да „заглави“ во споменот на историското минато, делува како неприкосновена идеална цел која се сакрализира за да биде подобна за натамошна десакрализација. Меѓутоа, во моментите на распад на тој насочувачки концепт, поразот двојно повеќе тежи. Тоа е пораз на објективно и на субјективно рамниште. Падот на еден генерално востановен систем на вредности истовремено претставува пад и за субјектот како дел од тој систем, како негов афирматор. Хелмут, како што постојано ќе повторува најстариот, веќе растроен татко, Пазенов, умре за честа (Broh 1982, 83). Токму во тој момент на сакрализирачко возвишување на принципот и кодексот на Честа како една системски усвоена форма на вредност, поради чија априорна заколнатост и посветеност загинува младиот Хелмут фон Пазенов, се потврдува онаа филозофски поставена теза од страна на Брох за раздвоеноста на системот на вредности на етички и естетички феномени. Честа, во случајов перцепирана како категорички императив на вредност, останува само една празно достигната и задржана цел која својата привремена опстојба на валидност ја добива од загинувањето на еден субјект во име на истата. И ако од еден субјективен агол на валоризација на овој апсурден чин на загинување за својата чест, за Хелмут е етички да се загине за таа вредност, сепак, на едно објективно рамниште се потврдува дека самиот принцип на честа како апсолут содржински, т.е. во самиот начин на доаѓање и достигнување на истиот не се заснова врз етички момент. Тоа сака да го прикаже и докаже и самиот Брох, преку оваа стилски и диегетски манифестирана филозофска теза за апсурдноста на самиот систем на вредности токму поради неговата неетичка фундираност која нужно вродува со разор и деградација на истиот. Сета семејна поврзаност и обврзаност во семејството Пазенов е една стилски скаменета форма на еден систем кој останува во минатото без притоа да се обиде да се интегрира во најавата на востанувањето на новите вредности кои ги донесува капитализмот. Семејството е обврска за Пазенов која двојно го обврзува – обврска за лојалност кон семејството како еден микросистем на вредности, но и како вредност во рамките на еден макросистем, а со тоа и автоматска и безусловна покорност и лојалност на конзервативните вредности на кои тоа му е доследно. Тој систем ќе биде експлицитно критикуван и напаѓан како застарена и истрошена форма на идеолошки концепт и комплекс на вредности, од страна на другата, „прогресивна“ линија што ја застапуваат друга група на карактери во првиот дел од трилогијата. Една категорична и експлицитна критика на таа излитена конзервативност, за каква што ја поима ликот на Бертранд, е лоцирана во една серија од негови критички реплики насочени кон чинот на двобојот и умирањето во име на честа:

„Сепак, најчудно е ова: ние живееме во свет на машини и железница и во истото тоа доба во кое возат железниците и работат фабриките двајца луѓе застануваат еден наспроти друг и пукаат“ (Broh 1982, 93).

          за потоа да рече:

„Видете, најпостојани во нас се секако таканаречените чувства. Ние со нас носиме неразорив фундус на конзервативизам. Тоа се чувствата или поточно речено, конвенции на чувствата, бидејќи тие се без живот и се обичен атавизам (Broh 1982, 94).

          и со една конечна критика да се надоврзи на првата реплика:

„Ние мирно гледаме како двајца луѓе, и двајцата секако пристојни, бидејќи со некој друг вашиот брат не би се ни борел во двобој, како едно утро стојат еден наспроти друг и пукаат. Каква конвенционалност на чувство на морал и двајцата ги држи под своја власт, и колку моќно не држи и нас самите кога можеме тоа да го поднесеме. Чувството е тромо и оттука толку несфатливо свирепо. Со светот владее тромоста на чувствата (Broh 1982, 94).

          Конечно, во една симболичка збиеност (бидејќи ликовите на Брох се движат низ една згусната шума од симболи, како што ќе каже Милан Кундера парафразирајќи го стихот на Бодлер за да ја појасни и долови нивната позиција) Јоахим фон Пазенов, преку ликовите на Елизабета и Ружена, треба да направи еден дефинитивен избор помеѓу еден конзервативен и еден, условно речено, но сепак во контекст на периодот, прогресивен систем на вредности. Но, под таа општествена условеност на субјектот, имплицитно е манифестирана и една индивидуална, поривна растргнатост на истиот во поглед на избор помеѓу задоволување на поривите и сетилните нагони, чија целосна реализација наоѓа во и со Ружена и една антисетилна, целосно конзервативна робустност на пуристичкиот принцип преку ликот на Елизабета. Преку таа симболика Брох го поставува проблемот на избор и можноста за негово постоење, која единствено може да го потврди апсолутно секој систем на вредности (она за кое уште Спиноза со својот пантеистички филозофски систем и неговата етика го посочува како клучен елемент за потврда на субјектот како релевантна егзистирачка категорија), бидејќи, доколку се укине можноста за избор на друг систем на вредности од тековниот, тогаш и самиот тој тековен систем е суштински банален и апсурден во својата опстојба, па според тоа и ненужен и сосема излишен. Никос Казанѕакис ќе рече: „Човекот има потреба од малку лудило, инаку никогаш нема да се осмели да го пресече јажето и да се ослободи“. Каков и да е изборот на субјектот, каков и да е изборот на Пазенов, тој истовремено ќе ги потврди и двата системи кои се во состојба на судир. Но дали со било кој избор ќе се даде вистинскиот одговор на големото прашање кое е поставено во свеста на Јоахим фон Пазенов: Кои се вистинските вредности? Одговорот на ова прашање е речиси невозможен, или во најмала рака апсурден и релативен, исто како и релативноста на секој еден систем на вредности. И двата избори би биле вистински, и двата би биле доволно исполнети со лудило, традицијата vis a vis прогресот. Во време на еден општествен вредносен ирационализам во развој, Пазенов својот конзервативен дух „го користи како бекство во историската идила, во која сè уште треба да важат цврстите конвенции“  (Broh 1979, 299). Со тоа се поставува реализацијата на онаа идеалистичка теза која во самиот наслов на секој од трите дела ја внесува Брох, еквиваленција помеѓу личноста (субјектот) и апстрактниот поим (Пазенов или романтика). Романтиката ја перцепира како една заглавеност во историјата во обид и за зачувување на вредностите кои ги гарантира традиционалоста. Поради тоа, секоја една индивидуа, секој субјект кој во време на распад на неговиот идеален вредносен систем се придржува со едно брехтовски реченоромантично зјапање, се однесува како месечар кој со цврсто отворени очи како лунатик се движи низ светот и општеството кои поминуваат покрај него. „Кога некој од својата десетта година ќе се навикне да носи униформа, таа облека му се сраснува со телото како Несусовата кошула и никој, а најмалку Јоахим фон Пазенов, не е способен да ја одреди границата помеѓу неговото Јас и униформата“ (Broh 1982, 63). Уште на почетокот, преку оваа реченица, Брох на некој имплицитен начин ја најавува можноста и исходот на изборот на Пазенов пред големото прашање кое стои пред него како животна (Брох би рекол математичка) задача. Романтичната загледаност на месечарскиот дух на Пазенов во идеалот за пуританскиот и заштитен од униформата повеќе општествен и формален отколку сетилен живот, кој му се нуди преку бракот со Елизабета, како некоја лунарна плима го привлекува во една месечарска конечна прошетка кон брачната прегратка со традицијата на залез, кон „удобноста“ и танатолошката сигурност која ја нуди тој избор на тегобен конзервативизам. Изборот е направен. Распетиските маки се минато. Но, тегобноста останува. До кога? До третиот том на Месечари. А пред него го имаме:

III.2.2 ЕШ ИЛИ АНАРХИЈА – ИЗГУБЕНОСТА НА СУБЈЕКТОТ ВО ВИОРОТ НА РАЗНИШАН И НЕСТАБИЛЕН СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ

          Иво Френцел, во биографијата на Ниче на едно место пишува: „Ниче му се довери на Овербак дека има намера судбината на светот да ја земе во свои раце...“ (Френцел 1996, 155). Токму оваа реченица како по мерка му соодветствува на Август Еш, главниот лик од вториот дел на Месечари. Ако Јоахим беше на животниот крстопат за избор на својата лична судбина, Аугуст Еш мегаломански ја зголемува својата задача, својата цел, превреднувањето на колективните вредности, токму она за кое и Ниче се залага, во обид да ја земе судбината на едно цело општество како товар на својот грб. 1903 година е. Германскиот капитализам е во полн цут, во својот врв. Бизмарковата администрација е доминатна и стабилно утврдена. Она што ликот на Бертранд го најави како систем на вредности во најава во првиот роман, овде е веќе во целосна кулминација (и Бертранд се јавува во овој втор дел како еден закоравен капиталист, кој е сублимат на тој валиден, профитерски и материјалистички систем на вредности). Еш е лик без оној релативно стабилен фундус на еден систем на вредности кон кој секогаш може да се сврти (како што таа можност ја имаше Пазенов со вредностите на јункерствто, конзервативизмот, традицијата наспроти капиталистичкиот систем кој на голема врата влегувал во неговиот период) и да се потпре врз него како врз една, условно речена, сигурна потпора. Па неговата конфузност е удвоена, првенствено поради безредието и анархичната измешаност и доминација на целосно неетички вредности и принципи (од една духовна перспектива гледано) водени од материјални побуди и потреби, и како дополнителна несреќа немањето на цврсто тло поплочено со утврдени вредности, макар и на залез, по кое би се движел низ таа хаотична мултиплицираност на симболи и норми од материјалистички карактер. Ја губи својата работа како чиновник-книговодител и со тоа се прави конечниот раскин помеѓу него и системот на вредности кој е доминантен во неговото време. Како единствен стабилен двигател кој се заснова на индивидуалистичко верување е религиозното значење на жртвата, на жртвувањето како чин што ќе го спаси светот. Притисокот од малограѓанската средина на индустриските градови на Рајна, Еш го доживува како повик за спасение на светот преку симболичен спас на два клучни лика во романот – Илона и госпоѓа Хентјен. И двата лика претставуваат симболична слика на општествената класа на луѓе која претставува последен огранок на надоврешен систем на вредности кој веќе не се ни споменува, туку само се поима како историски феномен на епохата што претходела. Илона, лик-апстракција, лик-форма, претставува предизвик за Еш како обејкт на кој му е потребно, очајно потребно неговото спасувачко дејство. Самиот задавајќи си ја како конечна цел на чинот на ослободувањето, кој треба да се достигне со голема, натчовечка жртва, Еш ја поима Илона како врвен стремеж кој со негово ослободување етички ќе го оправда неговото дејство. Меѓутоа, таа перманентно ќе биде заменувана како конечна цел на ослободување кое истовремено ќе му донесе и симболично ослободување на светот, со ликот на госпоѓа Хентјен. Токму таа поделеност во приоритетот на својата “голема мисија“ ќе го гони Еш на постојани патувања, постојано движење, постојана потрага по конечното одредиште, по конечната цел, по конечното решение и лоцирање на главниот виновник за сета светска несреќа и неправда. Ако кај Пазенов повремените патувања беа илузорен обид за ослободување од „опасноста“ на хаосот и анархијата кои се закануваа над мирот и спокојството на Јоахим, во случајот со Еш тој патувачки мотив добива една утописка и есхатолошка димензија на визија за спасението кое како идеал се гледа во конечната миграција во Новиот свет, т.е. Америка. Неправдата е проблемот што му задава најмногу грижи и нелагодности на еден „принципиелен фанатик на педантеријата и совршениот ред“ како што го нарекува Слободан Грубачиќ во предговорот на првиот том одМесечари (1982, 22) господинот Август Еш. Еш е во постојана преиспитувачка потрага по вистинските вредности преку една перманентна конфузна опсесија која ја практикува како начин на живеење, дихотомиски поделена на ирационална разуздана сетилност и религиозноста како нејзин опозит. Општествените функции што ги врши во склоп на капиталистички позиционираниот систем (женските борбени мечеви за кои е принуден да бара кандидатки во борделите и јавните куќи, авантурите со лесните девојки кои се во потрага по материјален профит и слично), ги поима како средство и чин кој го доживува како лична жртва за една повисока цел третирана како врвна етичка доминанта – ослободувањето на тетка Хентјен и Илона од стегите на своите затворени светови исполнети со предрасуди, а преку нив и конечното симболично ослободување на светот. Вредностите кои како апсолутен стремеж си ги поставува Еш се со метафизичка природа, нивната основа и идеал имаат метафизички карактер. Евидентна е пресликаната протестантска етика, имплементирана во дејствувањето на Еш. Меѓутоа, слично како и Пазенов, Август Еш тие вредности од повисок ред, вредности на духот ги надредува над своите земски, општествени активности и притоа им придава на истите една етичка вредност, вештачки конструирана и востановена. Со тоа самиот ѝ го задава последниот удар на својата возвишена цел, ослободувањето на светот од неправда и несреќа,  правејќи од таа религиска и онотолошка доминанта еден естетички објект кон кој се стреми. Со симболичката сублимираност на стварите и вредностите во однос на субјектите, преку една материјална опредметеност (сликата на господинот Хентјен како последен јазол на она јаже на Казанѕакис за кое треба извесна лудост за да се пресече како заробувачки фактор во еден изминат, историски потрошен систем на вредности, ножевите на Телчер насочени кон Илона како исконска закана по правото на избор на субјектот во склоп на општеството), Брох прави една претстава за неодминливата каузална деградирачка судбина на Вредностите во еден историски контекст кој, едновремено, ги потврдува за потоа да ги погребе. Таа историска подведеност на Вредностите на индивидуални цели и потреби (во случајов на педантниот книговодител Еш, и материјалистички споредени со редот на книговодството), е вечно скинатата алка на синџирот кој би ги задржал во недопирлива висина истите, на едно безбедно растојание од историското и минатото. Тоа се потврдува во една луцидна реплика на Еш, исполнета со силна симболика:

„Без ред во книгите, нема ред ни во светот, а сè додека не настане ред, Илона и понатаму ќе биде изложена на ножевите, Нентвиг и понатаму ќе ја избегнува казната, Мартин вечно ќе чмае во темница“ (Broh 1982, 269).

          Но, и во тој последен спасителен момент, нивната апсурдност се потврдува како онтолошка судбина и вистина – нивното постоење без можноста да бидат надживеани и превреднувани ги релативизира до баналност на постоењето, ги лишува од нужна опстојба и ги прави апсолутни не-вредности, токму поради таа догматска карактеристика која би ги направила вечни. Вечни вредности не постојат. Исто како и вечни вистини. Сè се сведува на прашање на избор. На личен избор кој единствено го потврдува легитимитетот на субјектот како релевантен фактор во едно општество кое треба да постои заради него и од него, а не обратно. Еш, исто како и Пазенов, ќе се откаже од големата мисија за спас на светот, извршувајќи ги и последните чинови за реализација на истата (пријавата против Бертранд, расчистувањето со театарската институција и администрација) и ќе се одлучи за еден спокоен брак со тетка Хентјен, конечно наоѓајќи си го своето место во тој хаотизиран систем на вредности исполнет со една анархиска конфузија за духот. Им се враќа на книговодствените обврски во својот роден крај, добивајќи од нив една хронотопска смиреност во рамки на капиталистичото општество во својот ек. Но дали и неговиот дух ќе најде конечно помирение со историската, надворешна стварност? Тоа е конечното и најголемо прашање на кое Брох треба да даде одговор во рамки на трилогијата. Дали го дава? Ова последно категорично прашање нè носи во конечната, трета книга и нејзиниот главен лик во рамките на месечарското трикнижие на Брох. Не носи до Хугенау и крајот на Првата Светска војна.

III.2.3. ХУГЕНАУ ИЛИ ТРЕЗВЕНОСТ – КОНЕЧЕН РАСПАД НА СТВАРНОСТА И НА ВРЕДНОСТИТЕ

          1918 година е. Крајот на Првата Светска војна е на близок повидок. Но, од едно за тој период историско идно време. Не и за ликовите во романот Месечари, поточно за оние од третиот дел на трилогијата. Војната како историски, општествен и социјален дестабилизирачки феномен го прави конечното погубување на стварноста и на вредностите. Ја имаме трезвеноста како апстрактен поим со конкретни прагматични манифестации и консеквенци. Го имаме Хугенау како еден целосно спротивен конципиран лик во однос на Пазенов и Еш. Хугенау или трезвеност е конечно поврзување на сите состојби и манифестации на Вредностите прикажани преку спојот на трите главни ликови од трилогијата – Пазенов и Еш од претходните два дела и Хугенау од последниот, трет дел. Оваа последна книга одМесечари е еден комплетен приказ на целосниот распад на една епоха, со сите нејзини стилски карактеристики, морални принципи и норми, општествени вредности, социјални вредности и деградација на колективниот дух. Трезвеноста како една од трите “афективни“ состојби на духот, како на субјектот така и на епохата, е единственото мерило на нештата за Хугенау. Тој е слика на еден бескрупулозен фанатик и опортунист, кој целосно има раскрстено со колективните вредности кои кај Пазенов и Еш беа конечна, ултимативна цел. Неговиот индивидуален систем на вредности е единствениот репер за валоризација на стварноста. Истовремено, тој за него е и единствениот принцип според кој ја води својата општествено-социјална дејствителност. Токму тој е последниот момент кон кој Брох стреми од почетокот на романот, конечниот доказ дека не постои апсолутно никаква логика која би можела да претставува една објективна виситна за универзални Вредности, а која би потекнувала од самиот систем на Вредности. Од еден идеолошки аспект на перцепција на проблемот на Вредностите, на Хугенау не може да му се замери за неговата субјективна концепција на системот на вредности кој е валиден за него. Неговите постапки и дејства се во целосна етичка согласност со тој систем на вредности, бидејќи апсолутно стремат и во најголем дел од случаите успеваат да ја постигнат доминантната Вредност која се наоѓа на врвот од тој систем – материјалната обезбеденост и материјалната придобивка, како една генерална доминанта и на самиот капиталистички систем. Токму поради тоа Брох го сместува овој последен том од трилогијата во еден дестабилизиран и етички разорен историски период, во едно воено доба. Поентата е да ја покаже неспоивоста на индивидуалните системи на вредности во еден објективен систем кој ќе биде подеднакво валиден за сите. Дестабилизираноста на епохата, на духот на епохата, а со тоа и на стилот на епохата, како единствен фактор врз кој може да се перцепира и валорозира културата на една епоха, вродуваат со таа фрагментарност на вредностите, која е најсилен подривач и деструктор на било кој систем на Вредности. Во Хугенау или трезвеност се среќаваме со една таква парцијална претстава на вредностите. Брох ни дава една распрсканост на вредностите преку секој од ликовите кои се веќе субјекти сами по себе и сами за себе во тој хаотичен историски период. Почнувајќи од Пазенов, кај него ја среќаваме присутноста на една друга растргнатост, помеѓу војничките и граѓанските вредности кои треба да ги штити во време на воен период, а кои се експлицитно контекстуално одредени и прифатени, од една страна, и од друга страна, духовните вредности на религијата, на христијанството кои ги носи во себе како дел од традиционалната вредносна концепција за животот како одраз на етичките и моралните вредности кај секое битие. Токму тие вредности ги застапува и за нив жолчно се залага Еш, оној кој не успеа да ги оствари своите месијански идеали во втората книга. Кај овие два лика, во тие моменти на заедничко дејствување и меѓусебно разбирање излегуваат на површина нивните конзервативно утврдени убедувања за човечките вредности кои ги споменавме погоре во текстот. Но, и тие, условно речено, врвни хумани вредности за кои се залагаат Пазенов и Еш во тоа нестабилно и разурлано воено време имаат еднаков легитимитет како и оние на Хугенау, побудени од капиталистичкиот систем и профитерската жед. Потоа го имаме Гедике како лик кој, откако е симболично погребан помеѓу мноштвото мртви трупови во борбениот ров, чувствува перманентна раздвоеност на неговото лично Јас(тво), на неговото сопствено битие. Тој е во потрага по тоа за навек загубено единство на своето Јас. Поради тоа се чувствува како еден десеминиран субјект, кој е еден вид на продолжена распаѓачка форма која трага по единството и логиката на својата содржина, т.е. на своето постоење. Јарецки е човекот со ампутирана рака. Неговиот идеал на телесна симетричност со еден потег на лекарите е претворен во спомен и историски момент на една засекогаш закопана во минатото вредност. Хана Вендлинг е млада жена која, поради војната се отуѓува од својот сопруг замината на бојното поле. Тој, како симбол за една класна припадност во мирнодопскиот период, во нејзината свест и меморија ги губи тие симболички карактеристики и таа чувствува трајна отуѓеност од нејзините класни симболи на угледната општествено-социјална позиција, која ја губи и по која со неуспех трага. Во таа месечарска залуденост кон изгубените вредности, Хана се отуѓува и од сопственото дете, кое е последниот потсетник на тие вредности кој, сепак не може да ѝ ги врати ниту да ѝ ги приближи.
          Сите овие ликови даваат една генерална слика на распрснатоста и распаднатоста на било каков систем на вредности во време на вонредна состојба. Нивната, како што погоре споменавме, неспоивост кај секој еден од овие субјекти раѓа еден генерален скептицизам за конечен крај на војната, а со тоа и за надеж за промена на хаосот во кој се обидуваат да се дефинираат како полни субјекти. Војната е концептот кој ги распрснува и дефинитивно ги распаѓа Вредностите. Таа нелогичност која секој поединечно ја гледа во вредностите на другите, го раѓа епистемолошкиот скептицизам како една стравична состојба, од која произлегува и нивниот животен скептицизам. Тие се месечари кои чекорат низ времето и просторот како низ некој сон, при нивна целосна „будност“. Соништата, кои Брох конкретно ги воведува како феномен и категорија во склоп на третиот дел на романот преку ликот на Хана, со едно психоаналитичко толкување ги перцепира како последното прибежиште на душата, но и како потврда на отуѓеноста со постепено заборавање на деловите (соништата на Хана во кои ѝ бледнее сликата на својот сопруг). Сите тие соништа и потраги по вредностите ги насочуваат ликовите од Хугенау или трезвеност во една „бела“ загледаност на месечарска состојба на духот кон бесконечното кое цело време им се провлекува низ раце. И малата Маргарита го насетува тоа непостоење на никаква цел. И врз неа се спушта отуѓеноста. Во еден момент на раскин со времето и просторот на тековните случувања, момент на конечно отуѓување, како еден од оние пингвини кои во моментот на помрачување на осетот за припадност на заедницата, во момент на едно лудило специфично за неговиот вид, заминува во непознат за него правец движејќи се кон сигурна смрт, така и таа со видот и духот загледана во бесконечното заминува во непознат правец. Брох ќе рече дека таа, како еден пребуден сонувач, во отсуство на конечна, постоечка цел, ја здогледува бесконечноста како цел кон која се стреми. И нараторот во романот ќе го потврди истото, велејќи дека „скоро е сеедно што ќе се случи со неа, бидејќи неа ја обзело месечарството на бесконечноста и никогаш нема да се ослободи од него“ (Broh 1960, 248).
          Вредностите на Хугенау му овозможуваат негов излез од зафрленото местенце во кое случките и дејствата претставуваа една наративна подлога за конечната пресметка и обединување на нарацијата и теориското филозофирање кои Херман Брох ги обединува во една епска структурираност и форма на теориската промисла. Тоа е и неговиот најголем и најдалекусежен успех – успешниот спој на два сосема различни дискурси, литературниот и филозофскиот, во едно од врвните дела на прозната литература. Тоа нè води и до следната проблематика на која треба да се задржеме во овој труд, а тоа е иновацијата од страна на Херман Брох во структурата на романот како засебна литературна форма со дотогаш догматски прифатените норми и стандарди на реалистичката поетика и наративна стратегија. Тоа е проблемот кој во кратки црти ќе го анализираме во наредното поглавје, а кое ќе не воведе во анализата и експликацијата за едно од ремек делата во светот на литературата, Смртта на Вергилиј.

III.3. СТРУКТУРАТА НА МЕСЕЧАРИ – БРОХ И НЕГОВАТА ИДЕЈА И КОНЦЕПЦИЈА НА РОМАНОТ

          Во својата голема студија за Хофманстал и неговото доба (1979, 3), Брох упатува на една генерална, но суштинска поделеност на интересот на  наративните и драмските форми, велејќи дека епот (големиот антички еп и дантеовиот еп) се занимава со тоталитетот на универзумот, старогрчката трагедија со тоталитетот на извршување на судбината, т.е. и двата вида остануваат во суштина анти-индивидуалистички, или уште подобро речено а-индивидуалистички. За разлика од нив, романот, и тоа почнувајќи од Сервантес, го достигнува тоталитетот на индивидуумот, па дури и неговиот лирски тоталитет, како свој целосен израз, неограничен ни однадвор ни однатре, подобен како за општествен така и за душевен живот. Брох тврди дека во романот се добива онаа потребна ширина (простор) за отсликување на општествениот тоталитет преку тоталитетот на поединечниот човечки живот кој се одвива во рамки на општествениот, како што и обратно, самиот човечки живот единствено може комплетно да се опфати кога се прикажува општествениот тоталитет кој е негово опкружување. „Формата на романот во XIX век, била спремна да ја преземе улогата на негова адекватна уметност и во неговиот индивидуалистички натурализам да се развие во целосен процут“ (Broh 1979, 7).
          Токму таа идеја за опфаќање на тоталитетот на општеството преку тоталитетот на индивидуата и обратно, како два нужно поврзани и соодветствувачки тоталитети, Херман Брох се обидува да ја имплементира во рамките на своето литературно творештво. За него, литературата, поконкретно романот, е нешто многу повеќе од филозофскиот дискурс. Брох со своите дела прави еден обид да се надмине чисто теорискиот филозофски израз преку една стилизирана литературна изразна форма, кој едновремено ќе биде израз на човековата потреба за креација и на човековета потреба за толкување на стварите во општеството кое го опкружува. Ако првата потреба е чисто уметничка, уметноста како изблик на креативниот порив во човечкото битие, а вториот израз е повеќе теориско-филозофски, она што сака да го постигне Брох во своите дела е обединување на овие два дискурси во еден генерален универзален израз на човечкото битие во однос на стварноста. Чисто реалистичната и натуралистичката изградба на романескните карактери, за Брох, е недоволно исполнувачка во однос на претставувањето на тој заемно поврзан тоталитет на стварноста (општеството) и на индивидуата (субјектот). Тој проблем го критикува Брох, трудејќи се во своите дела да го надмине. Затоа, во обид да се дефинира еден индивидуален карактер на некој од ликовите од Месечари, без притоа тој да не биде и една генерална симболична претстава на еден општествен феномен, е речиси невозможно. Ликовите кај Брох се нешто повеќе од романескни субјекти и единствени индивидуи. Универзализацијата, како еден специфичен феномен, што ја применува Брох во профилирањето на ликовите од Месечари резултира со една релативизација на нивната индивидуалност. Тие како индивидуални битија се неодвоиви од таа генерална слика на тоталитетот на стварноста. Заемната поврзаност ги прави едното без другото нецелосни и банални. Сликата на светот во романот се манифестира двонасочно, со претстава на сликата за светот што ја има субјектот како и со претстава на сликата на светот во кој се наоѓа субјектот. Токму таа интеракција кај читателот, еднакво како и кај авторот треба да вроди со една објективна претстава за генералната слика на светот транспонирана во романот како наративна форма на отсликување на стварите. Поради оваа потреба да се опфати целокупниот тоталитет на индивидуата (нераскинливо поврзан со тоталитетот на стварноста, на светот), Брох трага по една успешна комбинација на разни типови на дискурзивни јазични форми, која ќе биде една, според многу параметри, мегаломанска конструкција на структурата на романот. Многу е битно да се напомене дека сите неуметнички јазични дискурси кои ги интегрира Брох во Месечари (филозофскиот, есеистичкиот, новинарскиот) како и сите уметнички јазични дискурси (лирскиот, драмскиот) не се апсолутно подредени на диегетскиот дискурс на романот. Херман Брох прекуМесечари ја реализира идејата за една мултиплицирана изразна форма на тој тоталитет кој сака во целост да го прикаже и долови во својот роман. Значи, до претставата за тоталитетот на индивидуумот како и за тоталитетот на стварноста, Брох цели да дојде преку една мултиплицирана јазична манифестација на различни типови на дискурс. Преку една деструкција на дотогаш речиси догматиски прифатената конзервативна форма и структура на романот, Брох докажува дека тоа воопшто не го нарушува единството на субјектот и светот. Напротив, дека тоа придонесува за една целосна претстава за тоа единство. Романот како форма на израз, според Брох може да ја издржи таа деградација на неговата дотогаш стабилна структура, без притоа да ја изгуби стабилноста на легитимитетот во претставата за сликата на светот во негови рамки. Во Месечари, покрај една континуирана и постепена претстава на распадот на вредностите преку деградацијата на субјектот, Брох прави и една континуирана и слоевита деструкција на романескната структура. Поточно речено, деструкцијата на структурата на романот многу моќно придонесува за претставата на распадот на вредностите.
          Во првиот дел од трилогијата, Пазенов или романтика, во склад со релативно сè уште стабилната подлога на традиционалниот систем на вредности на кои се повикува Пазенов, Брох задржува една, условно речено, стабилна наративна композиција, со извесни дигресии и модификации. Тие модификации се однесуваат, пред сè на категоријата наратор и на диегетската форма на прикажување на настаните. Нараторот во првиот дел е еден вид на обејктивен посматрач на мислите на Пазенов преку кои Брох ги пренесува настаните кои се дел од првата книга. Токму така, во првата книга Брох избира една психолошка форма на романот, еден вид на тек на свеста на субјектот кој е главен медијатор помеѓу стварноста во романот и читателот. Таа психолошка доминанта на романот соодветствува со афективната состојба на романтична сомнабуличност на ликот на Пазенов. Сепак, евидентни се отстапките кои венсуваат новитет во нарацијата. Прекршувањето на внатрешниот монолог и постоењето на доживувачки говор доведуваат до едно губење на границата помеѓу исказите и размислувањата не ликовите. Таа фрагментарност и неконзистентност во јасноста на сентенците е во служба на една двојна поетолошка функција, меѓусебното неразбирање и отуѓување на ликовите кое е прикажано со таа расеаност на исказите од една страна, и доловување на еден возвишен дијалог во кој се „поврзани и организирани гласовите на различните мисловни ориентации во склоп на трилогијата“ (Broh 1982, 18). Во тоа лајтмотивско поврзување на поединечните мисли и фрази се забележува влијанието на Џојс врз изразот на Брох. Со Пазенов или романтика Брох ја започнува, едновремено, претставата на тоталитетот на распадот на Вредностите и претставата на едно ново интегрирање на единството на романот преку дестабилизација и деградација на неговата скаменета структура. Тоа интегрирање на тоталитетот на стварноста преку тоталитетот на субјектот во романот продолжува, со една зголемена обединувачка постапка на духовниот и на животниот тоталитет на човекот, го менува и изразниот концепт во втората книга на трилогијата, Еш или анархија. Во неа, следствено, како и во првата, таа апстракција изразена преку мотивот на анархија внесува свои маркантни елементи во самата форма на романот, преку едно проширено раслојување на дијалошката форма која е поинтензивна во вториот дел, како и посебната синтакса, реченичниот спој и логиката на јазикот во комбинација со вметнатата психолошка мотивација кај ликовите. Тоа е обид (и тоа многу успешен обид) на Брох за превреднување и надминување на догматскиот и скаменет вокабулар на стварноста кој „не успева да допре до онаа повисока сфера на реалноста налик на сон“ (Broh 1979b, 163).  Истото го кажува и преку една реплика од втората книга: „Зборовите со кои се означуваат стварите западнале во неизвесност; изгледа дека зборовите станале сираци“ (Broh 1982, 355). Во вториот дел од трилогијата, Брох го проширува јазичниот дискурс со воведување на новинарско-репортерскиот израз како еден дополнителен феномен и фактор во претставата на тоталитетите. Сопоставувањето на различните јазични дискурси, книжевни и некнижевни, генерира една проширена достапност на начинот и обидот за достигнување на генерално објективната претстава на стварноста кај Брох. Да се допре до објективното преку сите можни расположливи средства на јазикот кои може да се интегрираат во структурата на еден роман, за Брох е тоа сосема издржлива обременетост за самата романескна форма и истовремено, предизвик за авторот. Поради тоа, завршниот трет дел на трилогијата претставува една монументална манифестација на сопоставеност, паралелизам, комбинирање и мешање на неколку засебно сосема утврдени и самодоволни јазични дискурси кои ја даваат структурата на Хугенау или трезвеност. И ако, без сомнеж, првиот и вториот дел од трилогијата се претстава на една релативно заокружена раскажувачка целина, третиот дел е дефинитивно конечниот удар кој Брох ѝ го задава на архитектониката која е вообичаена за романескната форма. Во делот за Хугенау се среќаваме со една динамична интеракција на различни стилови и јазични дискурси, кои интензивно се менуваат. Преку тоа се добива една непрекината раскажувачка концепција на епизодите што резултира со една недофатливост и тешка прегледност на истите. Таа фрагментарност во радикални граници е заокружена како таква со нумерирањето на засебните поглавја, со што се прави и еден математички прецизен распоред на деструктурирањето на архитектониката на романот и ориентациона поткрепа на дестабилизираната позиција на читателот среде тој спој на брзоменувачки дискурси. Со тоа Брох прави една седиментација на „трите идеологеми на општествениот супстрат“ (Broh 1982, 30) – романтика, анархија и трезвеност – упатувајќи дека формата е повеќеслојно условена од историски категории и зависна во голема мера од неестетски категории. Филозофските размисли, филозофскиот есеј Распад на вредностите (кој Брох интегрално го интегрира во склоп на третиот дел од Месечари), драмската форма на дијалогот помеѓу ликовите, лирските пасажи и во неколку наврати чистата лирска форма во деловите посветени на девојката од Војската на спасот (Повест за берлинската девојка од Војската на спасот), репортерските извештаи, и на крајот наративниот литературен дискурс како една нитка која се провлекува помеѓу сите претходно споменати како еден истовремено и самодоволен, но и обединувачки елемент, едно сврзувачко ткиво кое ги оправдува останатите дискурси и се оправдува самото себе преку нив – тоа е грандиозната структура на книгата која ја заокружува тритомната месечарска „авантура“ на едно општество во распад, на потонувањето на една епоха со чисто историскиот категорички императив на темпорална определеност и поимливост на  нејзиниот стил и систем на Вредности. Категоризирајќи го својот роман како полиисториски, Брох ги поставува неговите димензии на генерална претстава на една епоха во сите нејзини сегменти, со сите нејзини категории и феномени. Реализацијата на таа идеја ја наоѓа во спојот и поклопувањето на стиловите (книжевни и некнижевни) и прекршувањето на литературните родови во рамките на една голема повест за еден систем во распад, еден голем гносеолошки потфат реализиран преку таквата естетика која ја афирмира Брох. Милан Кундера во својот есеј за Месечари ќе му замери на Брох за не сосема коректната определба на својот роман како полиисториски, пред сè поради фактичкото присуство на една, условно речено, генерална романескна особеност на трилогијата на Брох (наспроти, како што посочува Кундера, една скоро нечитлива структура, на пример, на романот Nachsommer од Адалберт Штифтер, сонародник на Брох, кај кој, како еден парадигматичен полиисториски роман, недостасува таа особеност на романескна форма). Сепак, неоспорен е успехот на потфатот на Херман Брох за една објективна претстава на деградацијата на една историски определена конкретна епоха со својот до баналност распаднат систем на Вредности. Со тоа Брох потврди дека романот може да биде еднакво успешна форма како за претставување на една слика на светот, така и за спознавање на истиот со неговата стварност објективно транспонирана во рамките на истиот. Таа спознајна можност која му ја припишува и му ја потврдува на романот како литературна форма, Брох ќе ја искористи како главен фактор за уште еден многу поголем и еднакво значаен потфат – преиспитување на вредностите на литературата, а со тоа и на Уметноста како еден општествено контекстуализиран феномен и неодминливо влијателен фактор во дефинирањето на стилот и Вредностите на една епоха. А тоа нè води до едно од најбрилијантните и генијални дела во историјата на романот и на литературата воопшто, неповторливиот роман на Херман Брох Смртта на Вергилиј.

III.4. СМРТТА НА ВЕРГИЛИЈ – КОНЕЧНО ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ВРЕДНОСТИТЕ ВО ЛИТЕРАТУРАТА И НА ЛИТЕРАТУРАТА

„...тоа, во прв ред, е негова пресметка со сопствениот живот,
со моралната коректност или некоректност на тој живот,
со оправданоста или неоправданоста на поетската дејност,
на која тој живот и бил посветен...“ (Broh 1979b, 221).


          Вака во неколку збора е опишано „дејството“ на веројатно најграндиозниот роман од Херман Брох, во есеј посветен токму на овој роман Белешки кон „Смртта на Вергилиј“ поместен во српскиот превод на Броховата Dichten und erkennen (Pjesnistvo i saznanje), со што имплицитно се упатува на една негова пресметка со феноменот на книжевноста, со нејзината етичка основа (за која тој се залага, како и за етичката основа на целокупната уметност). Ликот на Вергилиј, преку една интроспекција, преку еден внатрешен монолог, прави едно преиспитување и превреднување на целиот негов живот, целото негово поетско дејствување и целиот негов творечки опус, во очи на својата смрт. Токму тоа го прави и Херман Брох, преку овој роман кој, колку што е прозна творба, толку е и лирски израз на авторот. Етиката на животот на крајот од истиот, вреднување преку своите дела и преку своите постапки и приоритети кои биле доминантни во рамки на истиот – тоа е она што го преокупира Вергилиј во последните осумнаесет часа од неговиот живот, од пристигнувањето на брегот на Бриндизи до неговата смрт во палатата на императорот Август. Едновремено, преку таа конструкција на внатрешен монолог на ликот во романот, Брох прави една валоризација и легитимација на сопственото Дело, на сопствениот живот. Неоспорно битен е фактот дека Брох започнал да го пишува Смртта на Вергилиј во време на нацистичко заточеништво, кога неговиот живот бил во секојдневна неизвесност. Тоа потенцијално соочување со смртта сосема автентично ги поставило димензиите и до распукување проширените граници на романот кој бил во зародиш тогаш. Во Смртта на Вергилиј, границите на прозното и лирското се конечно раскинати. Изборот на лирските мотиви кои маркантно го карактеризираат и обележуваат романот, се еден генијален избор на решение за постигнување на она што Брох си го задал како цел во овој роман – соединување, конечно тотално спојување на рационалното и ирационалното. Моќта на лирското, на лиризмот и неговата онтолошка спознајна карактеристика нудат едно силно понирање на субјектот во сопствената душа, во сопствената свест, до најдлабоката душевна стварност. Таа автореференцијална моќ која е откривање на најскриените делови на човековата психа, дух и емоции е последното средство со кое се послужува Херман Брох за една конечна стилизирана претстава на спојот помеѓу надворешната стварност на светот и внатрешната, завиена и мистична стварност на човекот и неговиот живот, како две антонимиски спротивности. Романот-песна на Брох, преку својата внатрешна, содржинска единственост на една долга интроспеција на поетот, како преку својата стилска единственост е во еквиваленција со единството на човечкиот живот. И двете единства, и двата феномени – песната и животот – се способни за една унификација, за еден спојувачки тоталитет на најконтрадикторните содржини. На големото прашање на ХелдерлинЧуму поезија во скудно време? Херман Брох, со својот лиризиран роман емпириски го дал најлегитимниот прашање-одговор: што ако не Поезија?! и кога ако не во скудно време?! Токму таа онтолошка спознајност до која, на уметнички план, единствено преку поезијата се допира, го нуди спасот на скудното време од својот дезинтегрирачки распад на вредностите. Она што како „музички“ квалитет Брох го применува во Месечари – лајт мотивот – во Смртта на Вергилиј Борх го заменува со една далеку помоќна и поексплицитна музичка вредност, музикалноста на лириката како еден книжевен род проткаен силни и еруптивни музички елементи. Тој лирски мотив е основа на изразот и начинот на прикажување кој го форсира Херман Брох во овој роман. Ако романот, пред сè, е податлив за едно епистемолошко спознание на стварноста и, како што вели Брох, нејзино објективно прикажување, тогаш лириката, поетската пенетрација во најдлабоките душевни темници, е оној дел што му недостасувал на романот, а кој Брох го интегрирал во рамките на истиот, за преку него да направи едно интегрално спознание како на најзавиените сфери на човечката ирационална свест, така и на највисоките сфери на чистиот човечки разум (врвен рационализам). Претсмртното фаќање во костец со своето Дело, со својот творечки опус, со својот живот во целина, тоа е последната битка, последната разрешница на дилемите на Вергилиј. Едновремено, тоа е и конечната разврска на Брох со феноменот на литературата како една продолжена гранка на филозофското спознание, со стилот, со Вредностите и со целокупната епохална деградација на етиката и на моралот во време на еден историски луд период (периодот Втората Светска војна). Етичките постулати на кои треба да почива Уметноста, не од уметнички туку од човечки аспект етички постулати, тоа во вистинска смисла на зборот го прави едно дело морално и етички оправдано. Тоа е аргументот на Вергилиј кој го дава како најсилен адут во име на неговата желба за уништување наАјнеида. Само човечкото добро кое може да му го даде еден уметник на светот, го прави неговото дело оправдано и вредно за опстој. Таа дилема на значајноста на своето дело во однос на сеопштата етика е главната грижа која ја носи и ја размислува ликот на Вергилиј во последните часови на неговиот живот. Тоа е и главната дилема и проблем кој Брох се обидува да го реши емпириски, преку своите романи, да се биде етичен и во уметноста во која често единствена цел била естетицизмот. Како што рековме многу погоре во овој текст, за Брох конечниот производ на уметноста е чист естетички феномен, независно дали се работи за естетска убавина или за естетска грдост (онаа естетизирана допадливост на грдото и грозоморното што Бодлер ја издигнал на ниво на уметност). Битен е чинот на доаѓање до тој конечен производ, до таа конечна цел. Занемарувањето на патот до таа цел Брох го перцепира како феномен на кичот, кичот сфатен како еден неодминлив дел од уметноста (ларпурлартизмот како еден пример за стварање на кич е еден од примерите на Брох). Брох ја „жртвува“ структурата и утврдената фабуларна композиција на романот како форма, за да постигне една ултимативна цел, врвно одредиште на неговата филозофија и поетика – да ја интегрира етиката како неодминлив дел од литературата, па и од целата Уметност. Во тој дух на „жртвено“ чинодејствување, Смртта на Вергилиј ја доведува уметноста на романот до нејзините крајни граници. Во него се споени сите структурни, стилски, филзофски, семантички, лирски и наративни елементи како еден генерален уметнички конципиран израз, кој неформално ги исцртува границите на она што може да се нарече „последна“ фаза на оригиналниот и автентичен израз на прозната традиција на литературата. Естетски гледано, сето она што следува после Смртта на Вергилиј (освен Кортасаровиот Куцкамен, забелешка на авторот на текстов), е една голема продукција чија оправданост се бара преку есеизмот, критиката, критичката аргументација како нејзини надворешни обсерватори, а кои еднаш Брох ги направил и уметнички вредни и достојни. Стилот на Брох во Смртта на Вергилиј е карактеризиран со еден перманентен стремеж кон доведување во единствен спој на дијаметрално спротивставените сосотојби и енергии на човечката духовна сосотојба и човечката душа. Од таму потекнува оној мрачен мотив како генерална стилска карактеристика на неговото писмо (за кој некои и му замеруваат) како автентична атмосфера на судирот и спојот на тие духовни енергии. Таа интегрирачка способност и генијалност која ја манифестира Брох како негов автентичен авторски квалитет, кај читателот создава едно чувство на искуство како да чита една долга реченица од огромни размери. Се јавува чувството како една единствена мисла да се протегнува на околу 420 страници, колку што е долг и самиот роман. И како конечна потврда на генијалноста на Брох, сета оваа генерална карактеризација на неговиот роман што погоре ја споменавме делува како еден природен тек и структура на романот. Тешко е да се лоцира и евидентира некоја изнасилена вештачка конструкција во склоп на овој роман-песна. И покрај исклучителната комплицираност и комплексност на стилот од Брох, тој делува сосема природно, без можност во него да се насетат било какви однапред зададени принципи кои шаблонски би ги следел авторот. Токму поради таа природност на неприродниот човеков израз, т.е. на уметничкиот израз кој како стилизиран феномен ги надминува границите на природната човечка комуникација, Смртта на Вергилиј е едно од последните големи дела на литературата на XX век, а веројатно и едно од последните грандиозни дела на литературата воопшто.

IV. ХЕРМАН БРОХ ДЕНЕС – МЕСТО ЗАКЛУЧОК

          Ако Брох тврдеше дека сè она што ќе се доведе во позиција да стане историски факт, историска вредност, како систем на вредности е лишено од легитимитет за негова перцепција како трајна вредност, да видиме дали таа негова теза се потврдила преку неговото литературно дело од денешен аспект на една нова епистемолошка криза (или онаа од негово време, само со друга форма и во друг контекст) и од аспект на едно време со изгубено чувство и збунета идеја за систем на Вредности. Пред сè, да ја преиспитаме уште еднаш неговата систематичност и методолошка конципираност на неговиот стилски уметнички израз. Дали во целокупното литературно творештво на Брох има систематичност и некаква конзистентност, на план на стилот, изразот или реализација на идејно поставената доминанта во неговиот индивидуален систем на вредности? Ова е прашање кое следствено, со добивање на својот одговор ќе го афирмира или негира и постоењето на некаков систем на вредности на неговото субјективно егзистирање. Ако направиме еден нов осврт на претходната експликација за неговите два највлијателни романи, ќе видиме дека Брох, како филозоф и како писател, не само што имал идеја и концепт на личен систем на вредности, туку дека се потрудил целосно да го интегрира како една прекривка под чија закрила стојат неговите литературни дела. Ако етиката, како доминанта на еден човечки живот е подлога и основа на човековата дејствителност, на секој план (материјален, интелектуален, креативен, творечки), и ако тоа претставува врвен успех на еден субјект, тогаш, во случајот на Херман Брох, несомнено станува збор за една успешна уметничка, но и врвна животна реализација на еден филозофски идеал (она што на Платон, како што споменавме во воведот на овој труд, не му успеало). Делата на Херман Брох се емпириска потврда и доказ за легитимитетот и валидноста на неговиот етички заснован идеал и творечка дејност. Иако делува малку егоистички и себично што со својата генијалност, можеби го задава еден од најфаталните „удари“ врз прогресот на литературата и романот како конкретна форма и израз на едно креативно рамниште, преку создавањето на едни од најдобрите дела на литературната уметност воопшто (нешто слично налик на последниот „удар“ што Маларме ѝ го задава на Поезијата преку самата поетска форма), сепак, неговиот грандиозен подвиг на полето на нарацијата го востоличува во групата на најоригинални автори во историјата на литературата. Она што навистина се потврдува како универзална вредност поврзана со името на Херман Брох е неговата оригиналност на погледите и идеите за литературата и за уметноста воопшто. Иако тој, на еден книжевен план успеал да ги реализира неговите замисли и идеи, сепак, за нас неговиот идеал за етиката како ствар и концепт од кој треба да се раѓа поетиката и уметноста претставува платонска идеологија кон која сме задолжени да се стремиме. Неговиот неповторлив израз и стил не може и не треба да биде предизвик за достигнување. Во таков случај секој еден автор би се осудил, едновремено, на еден блед обид за подражавање, а со тоа и би ја погазил основната идеја и теза на самиот Брох за етиката како фундамент на естетиката. Денес, кога концепцијата на системот на Вредности (кои за жал и не можат да се наречат Вредности со етички предзнак) е фундирана на експлицитен материјален идеал, оној кој Брох така отворено го критикуваше и го обвинуваше за распадот на една епоха и на духот на една нација, идејата на Брох треба да биде една реоткриена Вредност на животот. Нечесната (зло)употреба на етичките елементи во име на чисто потпросечна естетска форма на уметноста која ѝ се покори на една инстант култура погазувајќи ги сите вредности на литературата (зборуваме генерално, со должна почит на исклучоците кои сепак не ја прават генералната објективна слика за уметноста позитивна) денес е наша реалност. Ангажираноста на литературата во име на индивидуалните и субјективни вредности на поединецот резултира со еден тотално неестетски и етички безвреден кич. Денес повеќе од кога и да е на Уметноста ѝ треба еден нов идеал, еден нов апсолут на тронот на нејзиниот систем на вредности. Брох треба го оставиме во историјата. Истовремено, треба да ја надминеме и самата Уметност на нашето време. Да го надминеме и нашето време. Не заради Херман Брох. Не заради Уметноста сама по себе и сама за себе. Туку заради себе. За да се легитимира една вечна вистина која, воедно, можеби е и вечно проклетство, за меѓусебната (не)припадност и (не)осаменост на субјектот, која Брох ја постави, со сета моќ на нејзина етичка порака во себе, за завршна сентенца на трилогијата Месечари, а која ќе ја има истата улога на завршна порака и во овој труд (двете негации во заградите се само израз на субјективен сомнеж кај авторот на овој текст): Не си прави себеси никакво зло! Бидејќи сите ние сме сè уште тука!

V. ЛИТЕРАТУРА

1. Бојаџиеваска, Маја / Србиновска, Славица. 2004. Роман – статус, толкување, перспективи. Скопје: Сигмапрес.
2. Broh, Herman. 1958. Vergilijeva smrt. Beograd: Kosmos.
3. ______. 1960. Mesecari (1918. Hugenau ili trezvenost). Beograd: Nolit.
4. ______. 1979а. Vergilijeva smrt. Zagreb: Sveucilisna naklada LIBER.
5. ______. 1979b. Pesnistvo i saznanje. Nis: Izdavacka radna organizacija „Gradina“.
6. ______. 1982. Mesecari (1888. Pazenov ili romantika; 1903. Es ili anarhija). Beograd: Nolit.
a. Grubacic, Slobodan. Predgovor. 5-42.
7. Kundera, Milan. 1990. Umjetnost romana. Sarajevo: Veselin Maslesa: Svjetlost.
8. Ниче, Фридрих. 1998.  ECCE HOMO. Скопје: Епоха.
9. ______. 2003. Воља за моћ. Београд: Дерета.
10. Pavicevic, Vuko. 1958. Odnos vrijednosti i stvarnosti u nemackoj idealistickoj aksiologiji. Beograd: Kultura.
11. Платон. 2002. Политеја. Скопје: ТРИ.
a. Колева, Елена. Платон – историско-митска личност. 5-71.
12. Spinoza, Baruh de. 1970. Etika. Beograd: Kultura.
13. Ќулавкова, Ката ур. 2007. Поимник на книжевната теорија. Скопје: МАНУ.
14. Френцел, Иво. 1996. Ниче. Скопје: Зумпрес.
15. Nietzsche на Stanford.
16. Broch на kirjasto.sci.fi

БЛАГОДАРНОСТ

Би сакал да му упатам огромна благодарност на младиот филозоф и естетичар, Кирил Бисероски, за трпението при сослушувањето на моите идеи и ставови изнесени во овој текст, за несебичната поддршка и огромниот придонес во дефинирањето на филозофската проблематика и материја застапена во истиот и за неговите непосредни конструктивни и несебични совети во конципирање на дел од структурата на овој текст. Верувам дека и двајцата излеговме почесни и поискрени од долгите и исцрпни разговори. Благодарност и до Коста Бојчески, Александар Мицески и Виктор Јованоски. За многу нешта. Барем толку им должам. А толку и можам.

од авторот