СИМБОЛИКАТА НА ПАТУВАЊЕТО ВО НЕВИДЛИВИ ГРАДОВИ ОД ИТАЛО КАЛВИНО

Ива Димовска

Книжевноста на патувањето (како во основа и самиот поим патување, кој означува „преместување”, „премин”) секогаш се стреми да ги надминува границите. Ако тргнеме од тврдењето на Мишел де Серто, кој согледувајќи го поимот патување во неговиот алегоричен или метафоричен аспект, тврди дека секое раскажување, во крајна линија, е организација на настани што се движат во просторот и во времето, тогаш може да ни стане појасна забелешката за природата на овој жанр, кој согледан на овој начин, и не ги гарантира границите на својот идентитет, вклучувајќи во него сè што ќе му се најде на патот. Но, построго гледано, дури и да не го прифатиме овој заклучок, сепак, може да се каже дека основниот карактер на овој вид книжевност, кој на овој или оној начин, се занимава со прашањата поврзани со проблемот на патувањата, се состои во тоа што ја преминува границата за да види што има на другата страна, да ѝ ја спротивстави внатрешноста на надворешноста, ова овде на она таму, да го прераскаже судирот меѓу нив, преведувајќи ја во текст и интерпретирајќи ја средбата со Другиот. И, иако книжевноста на патувањето најчесто опфаќа неспецијализирани жанрови, кои се движат меѓу повеќе книжевни категории, епохи, но и дела на автори со секаква идеолошка позадина и со различни интереси и експертиза; а нејзиното изучување е комплетирано со многу дуги научни области (во чии рамки спаѓаат и етнографијата, научната книжевност, географијата или социјалните науки, а во поново време и постколонијалните студии, рoдовите студии, студиите за националните идентитети), аспектот на Имагологијата, описот и средбата со Другиот и Другоста останува нејзина константа.

А токму тука се наоѓа најсуштествениот контакт на овој вид уметност со компаративната книжевност, која по пат на различни увиди и сознанија се обидува да го направи токму истото: да ѕирне отаде појавното, сè со цел да може да споредува. Според Доменико Нучера (и неговите ставови изложени во есејот Книжевноста и патувањата), привилегираниот аспект на книжевноста на патувањето, оној аспект кој во суштина ја отсликува и целта на реалното патување (мотивот заради кој едно патување се извршува, но и се раскажува), но и она на имагинарното патување (кога еден текст и припаѓа на областа на фантастиката) е потрагата по средбата со Другиот, која добива облик на исчекување и генерира многубројни слики со кои Другоста ќе биде дефинирана и раскажана: перцепцијата на Другоста ги мултиплицира можностите за нови контакти меѓу нашето битие и различните книжевни форми за кои се интересира науката за книжевноста. Како што вели и францускиот теоретичар Даниел Анри Пажо во својата книга Општа и компаративна книжевност „од сите опити од туѓината, патувањето е ветројатно најнепосредниот, ама и еден од најсложените”.[1] Патувањата, според Пажо се тема на изучување и на истражување на компаратистите веќе подолго време, кои ги проучуваат како повторно напишани преместувања, резултат на размена меѓу еден туѓински простор и изборот на едно писмо, една форма и една културна содржина. Патувањето служи и како модел за другите книжевни изрази, како што се измислените патувања и утопискиот расказ/роман.

Во врска со последниве, може да се доведе и творештвото на еден од најзначајните италијански автори на  XX  век, Итало Калвино (1923-1985). Во својот магистерски труд за Калвино и сказната, Анастасија Ѓурчинова укажува на повеќезначајното и комплексно творештво на Итало Калвино, кое се одликува со неговата богата ерудиција, но и со неговите мошне разновидни интереси, честопати и од интердисциплинарен карактер, во кое се соединети најразлични, честопати навидум оперативни, наративни текови. Особено делата од последните две децении од неговото творештво во многу нешта се приближуваат до постмодерниот сензибилитет, при што неговиот романАко една зимска ноќ еден патник... . од 1979-тата година, во кој се согледуваат размислите на авторот за судбината на романот и на литературата воопшто во современата епоха, кој припаѓа на онаа група текстови кои раскажуваат приказни за начинот на кој приказните се пишуваат и читаат, и кој претставува обид делото да се рефлектира во себеси, како во играта на спотивставени огледала, (па со светлините, одразите и рефлексите неминовно потсетува на делата на Борхес) претставува своевиден книжевен манифест на ова движење од втората половина на XX век. Сите постмодернистички постапки застапени во ова дело- од т.н. mise en abyme (приказна во приказната) фаворизирањето на „малите приказни”, случајностите, различностите до интертекстуалните, метанаративните и комбинаторичките преокупации–веќе се застапени или најавени и во неговите претходни дела, меѓу кои се вбројува Невидливи градови од 1972-та година. Преференциите на Калвино кон кратката проза се видливи и во ова дело, тој никогаш не се откажал од овој вечно привлечен жанр на раскажувачката уметност, особено карактеристичен за италијанските простори. Неговите творечки идеали несомнено се збиеноста и концизноста на книжевниот израз, како што и самиот ќе изјави: „Јас сонувам огромни космологии, саги и епопеи затворени во димензијата на еден епиграм.”[2]  И иако Калвино никогаш не го напишал својот голем, вистински, „сеопфатен” роман (делото Ако една зимска ноќ еден патник... е најзначајно, но е пример за рушење на романескната структура), напишал голем број значајни дела во кои свртен и кон сказната и фантастиката, но и кон науката и книжевната теорија, вклопувајќи се во тенденциите на литературата од својата епоха, и најавувајќи ги оние на постмодернизмот, ја следи трагата на кратките книжевни форми, дела меѓу кои спаѓаат и „чудесните приказни за имагинарни градови” објавени како Невидливи градови.

На овој начин, повторно се доближуваме до феноменот на имагинарните, измислените патувања. Пажо укажува на фактот дека, уште од времето на хеленско-римските преданија, секој патник, секој човек што пишува од патувањата бил сметан за „лажго”. Не можела јасно да се определи разликата меѓу реалното и имагинарното патување: писателот – патник со самото тоа што пишува ја поставува основата на својата тема e „лажго”, а најзначајно е да се види според каква логика се градат неговите „лаги” дури и кога текстот е претставуван како вистинско раскажување, односно какви „лаги” се податливи за да се преобразат во книжевна граѓа. Сепак, при дефинирањето на одликите на имагинарните патувања Пажо тргнува од сопоставувањето на својствата на нивните текстови со оние на патописот како книжевен жанр. Тој смета, дека во секој поглед, текстот на едно имагинарно патување нуди низа принципи, кои се спротивни во однос на оние на патописот, поставувајќи ги на страните на два различни пола патувањата и имагинарните патувања. Патувањето е одговор, премин од непознатото кон познатото, додека имагинарното патување е поставување прашања, противудар на светот на препораки заеднички за патникот и за читателот. На овој начин, патописот- кој според Пажо е израз на убаво препознатливиот културен миг кој се однесува на соодветствувањето на човекот и на надворешниот свет на постојано потврдуваната моќ на човекот над светот, на неговата безгранична умешност да го опишува и да го разбира светот, при што се преобразува во еден од толкувачките клучеви на светот и на историјата, сигурен во можноста да го преобрази непознатото во познато и блиско - се претвора повеќе или помалку во праволиниско продолжување на описите, на впечатоците и обидите. Записот на имагинарното патување пак, се преобразува во едно долго патување во книгите, патување во зборовите, и почнувајќи од нив се развива, се протега лексичката и инвентивната имагинација на патникот-раскажувач. Ова патување во зборовите е патување во знаењето, обележано од нужноста да се преврти сликата, да се утврди еден однос на сличност меѓу откриениот свет и светот кој е посакуваната цел. Додека патописот е приближување на еден географски простор, имагинарното патување е приближување на идеи, јазично преизградување на митските простори. На одреден начин, еден од најголемите „проблеми” со кои се соочува писателот при своите имагинарни патувања, е проблемот на јазичната граѓа, односно на кој начин на читателската публика да и се пренесат различните, субјективни перспективи, базирани на имагинарните предели. Иако овој проблем на јазикот и јазичното претставување е карактеристичен за сите видови книжевни жанрови (вклучувајќи ја тука и книжевноста на патувањето), тука како уште повеќе да доаѓа до израз. Токму на ова поле и најјасно се огледуваат идеите на Калвино, чиј интерес кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години во голема мера е поврзан со идејата за метанаративноста, насочен кон самиот процес на пишување и кон проблемот на наративните механизми, интерес кој кулминира и резултира со објава на повеќе дела меѓу кои се наоѓа иНевидливи градови. Калвино тука го насочува своето внимание кон самиот процес на пишување, кон сплетот од зборови кој прераснува во лавиринт, проблематизирајќи го овој книжевен аспект на тој начин што фантастичната авантура веќе не е (како во неговите претходни дела) пренесена во некое друго време или простор, туку се одвива на страниците на книгата, во самите зборови и нивните разновидни значења. Ваквите експерименти со правилата и принципите на наративните техники, при што авторите ги пресвртуваат вообичаените закони за создавање на книжевните дела се честа постапка во рамките на постмодерната книжевност, а заземаат и значајно место во творештвото на Калвино, односно во неговите огледи за комбинаториката, подетално разработени во неговиот есеј, клучен за овој период од неговото творештво: Кибернетика и фантазии–белешки за раскажувачката проза како комбинаторички процес (1967). Комбинаториката е еден од начините на истражувањето на неограничените можности кои книжевноста може да ги пружи преку анализирањето на елементите (чиј број е ограничен) и различните комбинации што може да се реализираат со помош на тие елементи (а кои се бескрајни) и кои авторот ги користи во процесот на создавање на книжевните дела. На овој начин и во Невидливите градови Калвино поаѓа од одреден број фиксни елементи, за да создаде од нив огромен број приказни, покажувајќи ја директно, во своето дело, идејата изложена во есејот. Во оваа книга, Калвиновата ars combinatoria е највидлива на организациски план, во распоредот на одделните кажувања, односно преку начинот на кој овие раскази се поврзуваат и ја даваат целината на книгата. Нејзината структура ја сочинуваат единаесет циклуси за единаесет градови, кои носат по едно женско име. Калвино ги поставува бројните приказни во заедничка рамка која обединува, но, исто така, и им дава посебна смисла на одделните раскази, при што секоја од овие единаесет рамки се вклопува во големата рамка на целината, која е составена од дијалозите меѓу двата главни лика Марко Поло и Кублај Кан. Како што вели и самиот Калвино во предговорот кон книгата,Невидливи градови, всушност, е серија патописни извештаи што Марко Поло му ги поднесува на Кублај Кан, царот на Татарите, извештаи кои се однесуваат на неговите возбудливи патувања и градовите од големата Империја на Канот, кои тој ги видел и запознал. Ваквата постапка на користење на „рамката” е карактеристична за Калвино и е препознатлива и во другите негови книги, каде што серијата раскази, најчесто, е обединета преку ликот на главниот јунак, но се разбира и е позната во претходната литературна традиција (на италијанското тло особено со Декамерон на Бокачо). Во оваа книга, во дадените циклуси на единаесет типови градови, при што секој тип по пет пати се појавува на симболичната шаховска табла, Калвино го развива својот омилен концепт на играта, на лудистичката конструкција. Симболиката на играта тука не е воведена само како инструмент за обезбедување на определена кохерентност и хомогеност на целината, туку таа станува и еден од начините на кој Марко Поло му ги доловува градовите кои му ги опишува на императорот, кој пак со помошта на оваа игра, ќе биде во можност, на некој начин да ги спознае градовите во своето царство:

Кублај беше страстен шахист… Си мислеше: Ако секој град е како една партија шах, оној ден кога ќе успеам да ги дознаам нејзините правила, конечно ќе гo поседувам целото мое царство, дури и да не успеам да ги посетам сите градови што тоа ги содржи. Всушност непотребно беше Марко, за да му зборува за неговите градови, да прибегнува кон толку многу детали: доволна беше една шаховска табла со нејзините фигури во точно определени облици.[3]

На овој начин, преку играњето шах, со користење на една нејазична постапка со цел да се доловат и да се опишат градовите, повторно, се проблематизира прашањето за најдобриот начин на јазичното уредување на книжевната граѓа, односно проблемот на рецепцијата, но и на продукцијата на книжевните дела: како да се создаде и да се пренесе едно дело, во случајов, да се опише градот, кога не може да се потпреме само на јазикот, кој во непознатата средина дејствува како средство за комуникација. Оваа дилема ги опфаќа сите аспекти вклучени во сферата на културата, проблемот на меѓузаемните односи и воспоставувањето на комуникацијата помеѓу два различни света, што неизбежно влегува во рамките на тематиката на имагологијата. Или според зборовите на Нучера: „елементот што најмногу нèинтересира да го разгледаме од компаративната перспектива кон која се стремиме и кој се концентрира врз прашањата на идентитетот и границите, не е патувањето сфатено како реално или имагинарно движење, голема или мала авантура на протагонистот, туку описот на другоста и трансформацијата на сепството во текот на средбата со другиот”.[4]

Проблемот на рецепција на книжевните дела, во голема мера присутен во делата на Калвино, најексплицитно обработен во романот Ако една зимска ноќ еден патник... во Невидливи градови уште повеќе е потенциран преку употребата на темата на имагинарните предели. Градовите што тој ги опишува се апсолутно имагинарни („Атласот на Големиот Кан ги содржи и картите на ветените земји, посетени само во мислите, но сe уште неоткриени или неосновани...”) [5], па според тоа и пределите на царството на Кублај Кан постојат само доколку тој верува во сето она што Марко Поло му го раскажува. Се чини дека  како што Кублај Кан ја има моќта да пресуди според раскажувањето на Поло, кој град влегува во рамките на неговата империја, така и читателот во тој процес ја има пресудната улога, тој ја поседува способноста да врши селекција, од раскажаниот материјал да одбере во што ќе верува од она што му го нуди Марко Поло. На овој начин, и самиот читател станува патник. Се бришат границите меѓу книжевноста и стварноста, меѓу реалното и имагинарното (надоврзувајќи се на размислувањата на Пажо, кој смета дека колку повеќе патописот, записот од едно реално патување ќе биде книжевен, толку повеќе ќе се оддалечува од белешката, од hic et nunc, од секојдневието на патувањето, стремејќи се да се слее во патувањето наречено имагинарно):

- Јас зборувам и зборувам, - вели Марко, - но тој што ме слуша ги восприема само зборовите што ги очекува. Еден е описот на светот кому ти му го подаваш своето добронамерно уво, друг оној што ќе кружи меѓу куќарките на носачите и гондолиерите од кејовите пред мојата куќа, на денот на моето враќање, а трет оној што ќе можам да го диктирам, во моето одминато доба, доколку ме заробат пиратите од Џенова и мe стават во затвор, во иста ќелија со некој писател на авантуристички романи. Оној што раководи со приказната не е гласот, туку- увото. [6]

Субјективните искуства на читањето, пишувањето и патувањето се преплетуваат меѓусебно, за да се создаде една постмодернистичка игра меѓу писателот, нараторот, слушателот, читателот – кои со дијалогот кој го создаваат совршено и заедно учествуваат во целосната структура на текстот. Со оваа особина во делото на Калвино, со бришењето на границите меѓу светот и книжевноста, меѓу авторот и читателот, но и со ред други карактеристики својствени за неговата проза како: инвенцијата, сонот, циркуларноста, спекулативноста, доживувањето на стварноста како своевиден лавиринт (посебно нагласено во Невидливите градови), неговите дела често се доведуваат во врска со поетиката на Борхес. Но, тука, особено, доаѓа во прв план една од најомилените постапки на Борхес, но и на Калвино,интертекстуалноста - пишување на текстови врз основа на веќе постојни текстови од книжевната традиција - книги кои стануваат имагинарни континенти во кои други книжевни дела ќе го наоѓаат својот простор. Книгата Невидливи градови е заснована на патописната проза Милион (1299) од Марко Поло. Оваа позната книга од Марко Поло, во одредена мера, го содржи во себе и јадрото од кое тргнува Калвино, при создавањето на своите имагинарни - лебдечки, пловечки, висечки, небесни и подземни- градови. Опишувајќи ги чудесните нешта кои ги видел и ги сретнал во текот на своето патување по Ориентот, Поло сакал да даде сведоштво за различноста на овој дел од светот во однос на неговиот сопствен дом, за различноста која како концепт секогаш функционира и на нивото на Другиот, но и на нивото на Нас, при што го овозможува заемното објаснување на овие два ентитета, поларитета. Различност е сето она што се наоѓа отаде границите кои го детерминираат идентитетот: ние полесно се препознаваме себеси и појасно го сознаваме сепството кога ги пречекоруваме сопствените граници зад кои субјектот престанува да биде она што бил, за да се трансформира во Другост. Се чини дека ваквото спознавње на различноста на Другите, кое неминовно води кон спознавање на себеси, е и една од целите на оваа проза на Поло.

Тој вели:

Господа императори, цареви и водачи на сите други што сакаат да знаат за различни човечки генерации, за различноста на регионите на светот, прочитајте ја оваа книга во која ќе ги најдете најголемите светски чуда и ќе ја запознаете различноста на луѓето од Ерменија, Пресија, Татарија, Индија и на многу други земји... На кратко сè е поразлично во Индија од она што го има во христијанските земји, дури и овошјата и на ним сличните нешта.[7]

Сепак, како што вели Нучера, ова дело на Поло „е израз на доцниот средновековен менталитет”, поврзано е и зависи од целите и конвенциите на книжевноста во сопственото време, па во многу аспекти тој се обидува да ја декларира и да ја повторува објективноста на своите чудесни описи на различноста за да им придаде убедливост и веродостојност на своите искази. Оваа димензија е далеку надмината во расказите на Калвино, кој во својот предговор (повторно во еден постмодернистички манир, објаснувајќи ги постапките и чекорите кои претходеле на создавањето на ова дело, како и укажувајќи на текстовите кои ја користеле истата патописна предлошка вели: „ВоНевидливите градови нема градови што мoжете да ги препознаете. Сè се тоа измислени градови, а на секој од нив му дадов име на една жена. Книгата е составена од кратки поглавја, од кое секое би требало да понуди по еден поттик за размислување, нешто што ќе важи поодделно за секој град, или за градот воопшто.”[8]  Или малку понатаму: „Не помислив да ги следам патиштата на среќниот венецијански трговец, кој во 13 век стаса сè до Кина, од каде што како пратеник на Големиот Кан, помина добар дел од Далечниот Исток. Денес темата на Истокот е тема што треба да им ја оставиме на компетентните лица, а јас не сум таков.  Но, долж вековите секогаш имало поети и писатели што се инспирирале од Милион, гледајќи во него една фантастична и егзотична сценографија: Колриџ во една своја позната песна, Кафка во Пoраката на императорот, Буцати во Татарска пустина.[9]

На тој начин, неговите раскази стануваат обид да ја вообличи својата најдлабока рефлексија за светот и животот. Во едно од своитеАмерикански предaвања тој пишува: „Еден извонредно сложен симбол, кој ми ја пружи најголемата можност да ја искажам тензијата меѓу геометрискта рационалност и клопчето на човечките животи, несомнено е симболот на градот. Книгата во која мислам дека сум кажал најмниогу нешта секако е Невидливите градови, бидејќи во неа можев да се сконцентрирам на еден единственм симбол за сите мои размислувања, за сите мои замисли, и затоа што мислам дека во неа успеав да создадам една навистина прецизна и избрусена структура.” [10]

Неизбежно е дека центарот на ова дело, јадрото на овој книжевен универзум е симболот на градот, околу кој како своевидна основа се преплетуваат сите останати нишки. Но зошто токму градот? Калвино во својот предговор вели: „Мислам дека книгата не сугерира само една безвременска идеја за градот, туку дека во неа се води, некогаш имплицитна, некогаш експлицитна, дискусија за модерните градови. Од некои мои пријатели урбанисти дознав дека книгата третира различни проблеми од нивната проблематика, што не е случајно бидејќи заднината е иста. И не само што на крајот од мојата книга се јавува метрополата на “големите броеви”, туку и она што изгледа како евоцирање на некој архаичен град добива смисла само ако се замислува и се опишува имајќи ги пред очи градовите на денешницата.
Што е денес градот, за нас? Мислам дека напишав нешто како последна љубовна песна за градот, во миг кога станува сe потешко тој да се поднесе како град. Можеби се наближуваме кон некој момент на криза во урбаниот живот, па Невидливите градови се само еден сон кој се раѓа од срцето на неподносливите градови. Денес со подеднаква упорност се говори за уништувањето на природниот амбиент, како и за ранливоста на големите технолошки ситеми, што може да предизвика синџир од нарушувања, парализирајќи ги целите метрополи. Кризата на преголемите градови е само друга страна од кризата на природата. Сликата на “мегалополисот”, континуираниот, едноличен град, кој што ќе го поклопи светот, преовладува и во мојата книга. Но, веќе има толку многу книги што предвидуваат катастрофи и апокалипси, така што пишувањето на уште една таква би било плеоназам, не е во согласностн и со мојот карактер. Она што му лежи на срцето на мојот Марко Поло е да ги открие таинствените причини што ги натерале луѓето да живеат во градовите, причини кои би можеле да бидат валдини и покрај сите кризи. Градовите се збир од многу нешта: сеќавања, желби, знаци од еден јазик. Градовите се месата на размена како што објаснуваат сите книги од историјата на економијата, но овие размени не се само размена на стоките туку размена и на зборовите, на желбите, на спомените. Мојата книга започнува и завршува со слики на среќни градови кои постојано се обликуваат, но и бледнеат, скриени во несреќните градови.”[11]

Калвино создава една љубовна проза за градот, во времето кое тој самиот го означува како криза за самата идеја на ваквиот организиран начин на живот, книга во која во подеднаква мера преовладуваат и меланхолијата и скептицизмот, но и надежта за обнова и живот. Самиот град во ваквиот концепт на Калвино се изедначува со универзумот, станува еден од начините на осознавање- начинот на кој Императорот ја осознава својата Империја, а читателот Различноста која го опкружува, дури и кога е имагинарна, станувајќи на овој начин средство за осознавање на моќта на човековата имагинација и инвенција. Во некоја мера со развивањето на оваа идеја за градот- универзум, градот- свет, Калвино како да се надоврзува на идејата за утопистичкиот град, во кој се вградени сите можни градови, и кој ја претставува сликата на совршениот град. Навистина често ни останува впечатокот дека сите градови во оваа книга се бесконечни и разновидни варијации на еден единствен град, што се гледа и од следните размислувања на Кублај Кан: „Кублај Кан увиде дека градовите на Марко Поло наликуваат еден на друг, како доаѓањето од еден во друг да не бараше патување, туку само смена на елементите”[12], но од самите размслувања на Марко: „И јас замислив еден модел на град од кој ги извлекувам сите други... тоа е град создаден само од исклучоци, пречки, противречности, несовпаѓања, бесмислици. Ако ваквиот град е нешто најневеројатно, со смалувањето на бројот на вообичаените елементи се зголемува веројатноста дека градот навистина постои. Значи доволно е да ги одземам исклучоците од мојот модел, па во која насока и да продолжам, на крајот ќе се најдам пред еден од градовите кој, иако добиен по пат на исклучоци, сепак реално постои”[13]  или од неговите описи на градовите: ”Секој од нив заслужува различно име; можеби за Ирена веќе зборував под некое друго име, можеби само за Ирена и сум зборувал.”[14]

Се чини дека сликата на овој совршен град во умот и духот на Поло потекнува директно од неговиот роден град Венеција. Симболот на овој совршен град кој претставува синтеза, но и основа за сите имагинарни градови; кој потекнува од фантазијата, но исто толку и од најнепосредното искуство на сопствениот дом на Марко Поло; градот кој е воедно нашиот дом, но и сите оние градови кои ќе ги посетиме само во нашите мисли; градот кој во себе ги соединува сите Различности кои можеме да си ги претставиме, но и сепството од кое не можеме да се одвоиме- во оваа збирка раскази на Калвино, прераснува во симбол на самиот концепт на патувањето.  Ваквиот двоен аспект на восприемање и гледање на нештата, при што секое од нив во себе ја содржи и својата спротивност, како што појаснува и Ѓурчинова, е постојана карактеристика во делата на Калвино. Оваа бинарност во Невидливите градови освен во ваквиот концепт на структурирање на самата идеја за градот, е присутна и на едно поочигледно рамниште, преку двата лика: оној на императорот и неговиот емисар кои нудат спротивставени концепти за животот и за сфаќањето на светот, при што Кублај Кан ја претставува рационалната, логичната страна на перцепцијата, додека Марко Поло настојува да ја пронајде скриената, непознатата страна на нештата, и светот кој го опкружува. Овие карактеристики на двата лика се испреплетени и на едно подлабоко ниво во Невидливите градови на Калвино, каде владее рамнотежата меѓу строгоста на законите на комбинаториката и слободната имагинација на авторот.

И патувањето како и градот кој претставува негов симбол во ова дело на Калвино, е амбивалентно, двојно по својата природа: иако неизбежно претставува начин на спознавање на Другиот и неговата Различност, патувањето е единствено успешно ако ни овозможи подобро да се спознаеме себеси и своите потенцијали (на истиот начин на кој Кублај Кан ја спознава својата Империја и нејзините моќи и граници преку описите на имагинарните патувања на Поло)- само уште еден доказ за неговата моќ постојано да ги преминува, и буквално, и симболички, сите граници.

БЕЛЕШКИ

[1] Даниел- Анри Пажо. Општа и компаративна книжевност, Македонска книга, Скопје 2002, стр. 51

[2] Цитирано според:Анастасија Ѓурчинова. Калвино и сказната. Институт за македонска литература&Култура, Скопје, 2000, стр. 39

[3] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 135

[4] Пр. Армандо Њиши, Компаративна книжевност, ДККМ & Магор, Скопје, 2006, стр. 174

[5] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 175

[6] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 149

[7] Пр. Армандо Њиши, Компаративна книжевност, ДККМ & Магор, Скопје, 2006, стр.166

[8] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 5

[9] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 8

[10] Итало Калвино, Американски предавања: шест предлози за следниот милениум, Темплум, Скопје, 2006, стр. 56

[11] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 10/11

[12] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 57

[13] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 83

[14] Итало Калвино, Невидливи градови, Или-Или, Скопје, 2005, стр. 139

ЛИТЕРАТУРА

1. Ѓурчинова, Анастасија. Калвино и сказната. Скопје:Институт за македонска литераура & Култура, 2000.
2. Калвино, Итало. Невидливи градови. Скопје:Или-Или, 2005.
3. Калвино, Итало. Американски предавања: шест предлози за следниот милениум. Скопје:Темплум, 2006.
4. Њиши, Армандо.(Прир.). Компаративна книжевност. Скопје:ДККМ & Магор, 2006.
5. Пажо, Даниел- Анри. Општа и компаративна книжевност. Скопје: Македонска книга, 2002.
6. Ќулавкова, Катица. (Прир.) Поимник на книжевната теорија. Скопје:МАНУ, 2007.
7.  Ќулавкова, Катица. (Прир.) Теорија на интертекстуалноста. Скопје: Култура, 2003.