КРЕОЛЦИ, МЕСТИСА, МИГРАНТИ И ИЛЕГАЛЦИ

Армандо Њиши

Con los pobres de la tierra
Quiero yo mi suerte echar
(Со сиромашните на земјата,
сакам јас судбата да ја исчекувам)
José Martí, Versos sencillos,1981

La creolisation qui se fait dans la Neo-Amerique, et
la creolisation qui gagne les autres
Ameriques est la meme qui op#re dans le mond entier
(Креолизацијата што се случи во Новата
Америка и креолизацијата што ги обземa и
другите земји на Американскиот континент е
истата онаа што делува низ целиот свет)
Edouard Glissant, 1996

Sappiate che della parola degli oppressi ci si puo fidare.
(Знајте, на зборот на потиснатите може му се верува)
Рашид- Анонимниот Мароканец, Io accuso!, 1996

Todos somos Marcos
(Сите сме Маркос)
Анонимен извик во градот Мексико.

Ќе се обидам да ги прикажам и да ги дефинирам пред вас – обид кој истовремено се однесува и на мене- контурите на четири човечки фигури од нашето време, кои понекогаш тежнеат да се поклопат, а често и да се слеат едни во други. Овој обид го направив од критички, но под присилата на нештата, сепак, европски аспект, бидејќи јас сум Европеец и, во секој случај, треба да ја понесам одговорноста за тоа.

Креолците, местиса, мигрантите и илегалците (секогаш погледнати од европски аспект) се чини дека се суштествувања во транзит, нестабилни како скитници и минливи како човековиот век. Фигури на минување и трансформација, од кои сите ние, на ваков или онаков начин, сме дел кој тежнееме да го отстраниме, се обидуваме да го заборавиме, за да не се чувствуваме како дел од нешто што ја разнишува вербата и сигурноста во идентитетот, стабилноста, доминантноста, растежот на битието и имотот, нешта кои ја сочинуваат силата што владее со луѓето од Север (од кадешто доаѓам), и со кои тие ја контролираат нашата заедничка планета.

Четирите наши фигури го населуваат и Северот и Југот од светот. На Север го брануваат јавното мнение и во медиумите за масовна комуникација поттикнуваат непрестајно количество на социолошки написи, политички анализи, и црна хроника; на Југ тие претставуваат прилично нормални  луѓе, под претпоставка дека „нормално“ има некакво значење на Југот, кое не е „нормализирано“ од Северот. Но, нивните природни места на живеење се праговите и козјите патеки, бариерите и средишните земји пресечени со граница која едновремено е и линија на „екваторијална“ фракција, помеѓу северниот и јужниот свет (секогаш), каде и да се наоѓа: на подвижните граници на Медитеранското Море, кај новата железна завеса помеѓу Мексико и Соединетите Држави, на станицата Термини во Рим, или пак во тоалетите на аеродромот во Њу Делхи, во фабриките, во канцелариите и метроата, на перифериите и на крстосниците, во умот и во спомените наши, на луѓето од северниот свет, на луѓето од јужниот свет, - „поинаку истоветно“ – како што вели еден поет од границата, итало- австроунгарски Евреин, Умберто Саба.

Креолците и местица, мигрантите и илегалците се меѓу нас и, делумно, тоа сме ние. Ние Европејците или Северноамериканците, расчеречени од повлечената коса црта која го расцепува социјалното ткиво сè додека не го раскине интимното платно во умот на секој од нас: катастрофалната црта меѓу богатството/сиромаштијата. Но, исто така и ние другите, кои се обидуваме да бидеме Југ во Северот, за да може, на потчинувачкото насилство што зазема глобални размери, да му се спротивстави светски јазик кој е сe уште во изработка: оној на цивилизацијата која се бори против насилството и го потпомага раѓањето на „новиот свет“. Последново тврдење може да изгледа како општа реторичка варијанта за „добрината“, со која секој би можел да се сложи. Една од оние „врвни“ и „универзални“ вистини, кои европските интелектуалци се сè уште способни да ги конципираат и да ги формулираат, арогантно, лицемерно, идиотски.  

Но, всушност се работи, за The Heart of the Matter, користејќи го Грем Грин (Grahm Green), за сржта на прашањето за кое би сакал да ви зборувам. За мене тоа не е банална универзална вистина, ами една етапа од мојата судбина, последното место до кое стасав, каде што можев да запалам светлина за себеси. За некого, пак, можеби е провокација, ерес, богохулење. Се надевам.

Кој е креолот? Син на емигранти: на оние кои се откорнале од родните земји и го смениле правецот на нивниот животен пат, заминале и стаселе во нов свет, се обиделе да изнајдат начин да си создадат поднослива судбина среде други луѓе, побарале работа, ја нашле или си ја измислиле, повторно изградиле дом и изгледале потомци. Или, пак, се изгубиле во океанот несреќи, во ветровитата осаменост на Пампата или во лавиринтот на скаменти земји и замрзнати води во Лабрадор.

Но креолот е и син на колонизаторот: на оној, кој дојден од родината е во потрага по богатство и бизнис, успеси и почести, челни позиции и привилегии. Во новата татковина, тој станал газда, а така и се чувствува; врз освоената земја, тој го втиснал печатот на моќта, кој преку неговите деца, опстојува отаде него. Сепак, извесна горчина домува во неговата душа и му ја нагризува желбата и волјата за моќ: оддалеченоста (засекогаш?) од метрополата, протеран и во егзил, тоа што создал деца и богатсто другаде, без можност да ги врати во татковината стекнатите добра: богатството, моќта, децата, себеси.

Не е доволно. Повторно да се запрашаме: кој е креолот? Досега одговаравме од аспект на неговите родители, сега да тргнеме одназад. Тој/таа е роден/а во земјата на разликите: разлика што не се брише и што му ја претставуваат токму родителите, кои му овозможуваат постојано да ја допира со рака,  бидејќи земјата во која тој е роден, не е татковината на неговите предци, туку е колонија, место – наполу егзил, наполу туѓина, помеѓу случајот, како кај оние кои се раѓаат на брод или во некој попатен град- и неизлечливиот статус: имаш француско презиме, белец си, твоите родители се пораснати во исто село во Бретања или Прованса, но ти си роден во Луизијана или Квебек, во Мартиник, во Индокина, n’est pas?

Состојбата на креолот совршено е резимирана од Надин Гордимер - извонредната јужноафриканска писателка – во „Тој друг свет што беше светот“, последно од Northon Lectures, која таа ги одржа на Харвард во 1994 год., поместени во делото под наслов Writing and Being. Бела креолка: ќерка на европски емигранти (мајка Англичанка, татко Летонец, и двајцата Евреи), родена во единствената земја во светот, кадешто колонизацијата е вечна и парадоксална: сочинета од бело креолско малцинство кое доминира над црното мнозинство. За да ја разјасни оваа состојба, Гордимер нè потсетува на постхумниот и недовршен роман на уште еден голем креол на нашиот век, Албер Ками, Le premier homme. Да ја слушнеме Надин:

(…) Не се работи за приказна за човек од Неандертал. Жак е граѓанин на колонија, роден и пораснат во Алжир. Белец е, не е Арап, значи, како што се заклучува од одговорот на мајката, мора да е Французин. Но, никогаш не ја видел Франција. За имагинарниот Жак и за мене, уште од дете, премисата е таа: граѓанин на колонија. Ете ја приказната за тоа која сум.

Онаа што не припаѓа на ниту една земја.

Онаа што нема национален белег.

Растејќи, Жак сфаќа дека мора да се изгради самиот себеси. Принципот е следен: ако не може да биде атрибут на империјализмот, ако не може да биде туѓинец за Арапите, не-Арапин, тогаш што е? Негативец. Во таа смисла, поаѓа од нула. Тој е градителот на сопствената свест. Тој е Првиот Човек.

Да не обрнуваме внимание на родот; јас сигурно сум ја почувствувала истата потреба: да се изградам самата себеси, според метафората на Првиот човек, без кохерентни референци, стоејќи на сопствени нозе, без модели за следење.

Креолот е оној кој се гради себеси од нула, како Надин. Неговата патека- ако успее да ја изоди, ако се впушти кон отворениот предизвик на сопствената судбина, ако се откаже од тоа да се гледа себеси како домаќин или егзилант и го бара идентитетот во чорбата на разликите, а не во повторувањето кое не му е дадено и кое, можеби, е заштитничка но катастрофална измама- е онаа што Гордимер дополнително ја покажува. Преминот, трансферот, трансформацијата од восхитувач на „тој друг свет што беше светот“, оној вистинскиот, но кој се одвивал другаде, во Европа и во Северна Америка (најпрвин Фред Астер и Џинџер Роџерс, потоа Лондон на Дикенс и на Вирџинија Вулф, Париз на Балзак и на Пруст)- во граѓанин на сопствената земја. Но, сè уште без народ: белците не беа мојот народ/ црнците не беа мојот народ, „бидејќи за време на детството и адолесценцијата одвај ги забележував. Бев отсутна. Отсутна од нив.“ Надин се гради себеси, преку пишувањето и учејќи да размислува надвор од вообичаениот тек на своето општество, мешајќи се со црните интелектуалци и уметници. Таа учи дека заедно со другите може да се отвори патот и совесно да се спроведе транзицијата, трансформацијата, отпорот и спротивставувањето, сe до отворената револуција на милитантните групи на партијата African National Congress.

Овој процес, едновремено ослободувачки и конструктивен, ја наведува Надин да размислува, да пишува и да биде. Така, „тој друг свет што беше светот, не е повеќе светот. Мојата земја, тоа е светот во целост, негова синтеза. Не сум повеќе жител на колонија. Сега можам да зборувам за мојот народ “.

Креолот е човек кој, потекнувајќи од идентитетната разлика на егзилантите емигранти, не се обидува да го повтори изгубениот идентитет на предците, ниту, пак, се обидува да се потврди како жител на колонија, супериорен дури и во однос на старата татковина: нов човек, кој сам се создал себеси. (Ова е, во суштина,  северноамериканскиот wasp модел, кој произведува идентитет изграден врз дистанцата од „омразената“ англиска матрица, како и врз масакрот на другоста на домородците, воспоставувајќи сосем ново владение базирано на ветвите темели на насилството и бизнисот, прикриени со европски демократски идеали и со Џеферсоновата филозофија за melting pot, која не беше успешна.)

Креолот, кој се обидувам да го претставам е, пред сè, критички постевропски креол, нов граѓанин на светот, кој се ослободува од парталите на наследениот идентитет и самиот се изградува, првиот маж/жена, кој како странец во туѓа земја се вдомува меѓу сопствениот народ, оној во чија внатрешност е роден и кој успева да го признае како свој наместо тој од каде што потекнува, односно од каде што потекнувале неговите родители.

Во Соединетите Држави, ми се чини дека е многу тешко за оној што не е од колонијата, бел Англосаксонец и протестант, нов и самоизграден човек, да се чувствува како дома; ниту несреќните домородци, ниту црнците, ниту разните Европејци, кои не се англосаксонски мигранти, ниту пак latinos – и тие не успеват да се идентификувааат со оваа вкоренета фигура, вооружена и сигурна; додека пак, во Јужна Африка, бела креолка може да се чувствува припадник на народ, чие мнозинство е сочинето од црното население.

Би можеле да го посочиме како пример, патот на Надин Гордимер и на сите јужноафрикански интелектуалци, кои таа ги споменува, каконачин на Југот да  стаса до критичката постевропска креолизација.

Но, креол има и друго значење во нашите јазици, било во латинските, било во англосаксонските: општото значење- „мешана крв“. Северноамериканските речници под зборот „креолец“ укажуваат на: децата на француските колонизатори, родени во Луизијана или на Шпанци родени во Spanish America (сите, се разбира, white person), или пак, местиса негро-креолци („person who is part negro and part creole”); додека пак, yankee (кој би бил “white person who is a descendant of the English who settled in North America”, okay?), не се јавува меѓу креолците во Тhe Dictionary. Не е креолец.

И така, си создадов претстава за критичкиот креолец, си ја создадов на работната маса. Станува збор за креолец кој успева да не одрече ништо, ниту Европа, ниту Африка или пак двете измешани меѓу себе и уште со други земји- креолец со далечно потекло, кој создава нов светски јазик. Подоцна, овој модел го пронајдов во живо, за време на латиноамериканската и карипска културолошка дебата од последните два века: од Хосе Марти, до Освалд де Андраде, од Роберто Фернандез Ретамар до Никола Гиљен и Дерек Волкот, од Едуар Глисан па сe до памфлетот на Ж. Бернабе, П. Шамоазо, и Р. Конфиан, É loge a la Créolité.

Тогаш, во мене, Европеец од Медитеранот, се отвори широк ментален премин. И мене, исто како и на Надин, ми се понуди можноста да мислам out of order и отаде; отаде мојата бескрајна / задушувачка цивилизација.

Насетив, минувајќи по карипските, бразилските, чилеанските и мексиканските траги, дека семантичката амбивалентност на зборот од португалско потекло, „Креолец“, крие вистински културолошки и политички конфликт: есенцијален. Било на ниво на личноста и нејзините „делови“, било на ниво на социјални групи, па дури и на континенти.

Сфатив дека северноамериканската wasp идеологија тврдоглаво го брише од сопствената шизматична/криминална чистотија терминот „креолец“ и го користи само за да ги посочи другите: децата на Французите или на Шпанците, оние со мешана крв, мелезите. Креолецот/wasp во моментот кога се одвојува од британската родна земја и одбива политички да ја признае, гради нова чистота, имагинарна, но многу моќна, бескрајна, не-креолска.

Обратно од неа, латинскиот модел радосно, болно, френетично го слави местиса значењето во креолството: во бразилската mescla и во канибализмот на Manifesto Antropófago (1928) од Освалд де Андраде (на кој се надовруваат Аугусто и Харолдо де Кампос), или во „nuestra America mestiza” од Хосе Марти (1891), на кој, денес, енергично се надоврзува Роберто Ф. Ретамар, сè до créoliszation на Едуар Глисан, која претставува „métisage sans limites, dont les element’s sont démultipliés, les résultantes imprévisibles”, како што тврди во Poetique de la Relation од 1990-тата и како што повторува со голема воодушевеност во неодамнешната Introduction à une poetique du divers.

Не кажав ништо ново! Она што е ново, е можеби тоа што јас, европски книжевник, кој не е специјалист за латиноамериканските литератури се просветлувам од вас! Наместо „да се просветлувам бескрајно“, како што велат моите поети Европејци. И од далечина му се восхитувам на младиот Ернесто Гевара, кога  на 14 јуни, 1952-та година, за време на својот дваесет и четврти роденден, во болницата за лепрозни Сан Пабло во Перу, за време на своето патување низ континентот на мотор, заедно со неговиот пријател Алберто Гранадо, открива дека „сочинуваме единствена раса на мелези од Мексико сè до Магеланскиот теснец“.

Ова „младешко“ и силно откритие на конститутивен метисаж важи за Гевара, кој на таков начин ја пронаоѓа „својата“ Америка, но важи и за мене, Европеец, кој ги пронаоѓам моите корени во исто толку конститутивен метисаж, како што направив во книгата Ние другите Европејци од 1991-та.

Мелезите зе носители на различјето и никогаш не го испуштаат од рака, како и мигрантите и трансексуалците, мутантите и cyborg од научната фантастика или како книжевните компаратисти и антрополозите кои се занимаваат со „новите хуманистички науки“, критички настроени и во постојана опозиција. Тоа се науки кои можат да го разбрануваат Северот и да создадат испревртување на ниво на култура (и не само академско), активна форма на отпор, да создадат кодекси за нов меридијален сојуз со Југот, како и нов светски јазик на спознанието и на праксата.

Местиса, всушност, е и маж/жена од север кој мигрира на југот од себеси и одлучува да се претвори во Југ, да стане Југ кој се опира и се противи на Северот на север. Ако креолецот треба да ја помине ничијата земја, како што ни покажа Гордимер, за да го пронајде својот народ, мелезот од север, Европеец или Американец, треба да мине низ темната долина на илегалата и примамливата рамнина на авантурата, осветлена како ден од ламбите на моќта.

Мигрантот од Исток кон Запад, од Север кон Југ е единствениот (мирољубив) авантурист на нашето време. Тој/таа одлучува, во име на честа, да си поигрува, да го ризикува животот и да мнува низ авантури, без сигурност и гаранции. Само од него/неа – доколку го имаме талентот за наративно и антрополошко слушање- може да дознаеме што е и колку вреди денес човечкото постоење; тој, всушност, е субјектот што раскажува од најризичното место, кое е најблизу до несреќата, до исчезнувањето и до смртта. Само мигрантот може да ја раскаже човечката судбина на нашето време со јазик кој еден ден би можел да стане светски, бидејќи тој/таа зборува од пештерата на најсиромашната Сибила: од под мостовите на големите западни или африкански градови; од беззаветните темнини на железничките станици; од крстосниците на широките улици на метрополите, каде што се наведнува и се нуди во забрзаниот простор, кој нетрпеливо исчекува да се смени светлото на  семафорот, на старите и деградирани  улици на проституцијата.

Сепак, и мигрантот може да стане нов модел за светски маж или жена. Мигрирањето е исконски и многу силен гест кој го пробива затворениот медитерански мит за Одисеј и го остава зад себе. Мигрирањето е архаичен гест на отфрлањето. Во смисла што утврдува нов принцип, потекло и поаѓање од почеток: “аrché“, како што велеле античките Грци. Мигрантот решава да се отклони од сопствената земја- мајка, безбедна лулка и засолниште, но со ветва егзистенција и сам да си го отвори патот.

Мотивот е есенцијален повеќе од кој било аргумент измислен од западните филозофи: ако сите ние живееме само еднаш на земјата, и тој проклет живот што ми се погодил е само ужасно и безнадежно лажно заминување, мизерна судбина без повик, одвратна бедотија, мигрирајќи ќе си обезбедам и ќе ставам во игра поинаква судбина, правејќи да не бидам осуденик од мојата земја. Ете зошто мигрирањето е врвен чин на достоинството, кој ја симнува маската на нацијата за да може да си создаде целосно човечка можност, навистина есенцијална.

Мигрирањето е трансцендентен гест на храброста, насочена против понижувачката тегобност на очајот. Затоа, мигрантот има право да му се одаде највисока почит. Тој/ таа  е носител на „светоста“ на нашето време, световна и светска, целосно пренесена во човечкото. Тој/ таа го става на ризик животот, и засега, ги има победено насилството и смртта. Тој/ таа е носител на нашиот бајрак, дури и по цена да ја загуби битката.  

Слушајќи го и почитувајќи го мигрантот, може да се роди „la ligne [et la langue] historuque de l’essor d’une culture globale“ како што се тврди во документот на  „Caritas Europa“ од 1993-тата гоин, се работи за цитат на кој сакав да му додадам едно „la langue“.

Миграцијата е гест на храброст кој води кон поинакво постоење и се спротивставува на депресијата што те гуши до самоубиство. Обајцата: мигрантот и самоубиецот бараат најголемо достоинство: мислам на Италијанецот Примо Леви и на Германецот Жан Амери (Ханс Маер), кои ги сметам за едни ода најважните европски мислители на нашиот век. Мигрантот цели кон себеси и кон земјата, самоубиецот- кон ништото. Во отсуство на Бог, мигрантот е најдобар меѓу луѓето, „најдобриот борец“. Иако се губи во темните води на Медитеранот, во перифериските улици на проституцијата, во смртоносната сообраќајница на дрогата, тој/ таа не колонизира и не освојува. Неговите деца - обратните креолци, оние кои Французите ги нарекуваат beurs, исто како што нивните родители ги нарекуваа „les touristes”- се подготвени да се борат за новото достоинство, не за магребското ниту за француско или за европско, туку за достоинството на новиот народ.

Да стане Југ, за еден Европеец значи да мигрира кон скриениот дел од себе, кој живее во креолството и во миграцијата и во замислата за достоинство, и да заземе став во корист на креолците и мигрантите во светот, но и во корист на сиромашните на земјата, на оние кои не успеале да се извлечат од малерот што ги следи уште од раѓање и кои никогаш нема да мигрираат, оние најнесреќните. Да станеш Југ, значи да бидеш на нивна страна против сите оние, кои се против нив. Сметам дека на овој начин можам да укажам на една едноставна и скандалозна точка, жива и конкретна споредба со комплексноста на нашето време без утопии и осиромашено од смисла од страна на планетраното владеење, на парите и на бизнисот.

„Насекаде гледам заговор на богаташи, кои ја бараат сопствената корист под името и изговорот за општото добро“- ова е г-дин Томас Мор кој зборува на оддалеченост од половина на нашиот милениум што навршува и неговите зборови се вплотуваат со оние за теологијата и ослободувањето на Леонардо Боф и отец Бето, со изјавите на потполковникот Маркос и со размислите на отец Ѕанотели, кој живее заедно со очајните во депонијата на периферијата во Најроби, притоа негувајќи најчисто достоинство. Зборовите на стариот утопист совршено ја исцртуваат моќта која владее со денешниот свет: бизнисот на оние од север, над екваторијалната линија, која неповратно ја означува потчинетоста на југот во целост, маскирана од божемната планетарна демократија и од помошта пружана на „земјите во развој“

Мигрантот ги поместува линиите и идеите, им досадува на стереотипите, нè потсетува на онаа „човекова состојба“ (лингвистичка и концептуална инвенција на стариот добар Монтењ), која ѝ претходи на замислената реалност и на политичко- демократскиот спектакл на нашето општество, но која ги разгневува луѓето од северот. Богатите, меѓу нас, заедно со т.н. средни класи, доколку водат нормален живот (во смисла на вистинската нормалност, онаа од север), во крајна линија, си играат намалување на нивниот „стил на живот“ и приближување кон „прагот на сиромаштијата“ (сиромаштијата од северот). А сиромашните на северот не умеат и не можат да помислат дека може да мигрираат: каде? Веќе не може да посакаме подобар свет од нашиот. Тоа се луѓе без судбина и без свет, бидејќи им била одземена сета утопија, секоја мисла и можност за другаде. Се оддават на вулгарноста на замислениот живот произведен од телевизијата, единствената верна придружничка на нивната мизерија, и на соништата за добивка на лотарија. Тонат во немиот вртлог на невработеноста, кој ги лишува од достоинство и од смисла.

Само криминалците и воените лица – последниве штом ќе им се даде можност -  навистина го ризикуваат животот на север, но заради мотиви кои се сосем спротивни на достоинството: превласт, насилство и пари. Единствените „вредности“ за кои денес вреди да се умре.

Мигрантот, кој произлегува од чинот на отфрлање на своето старо потекло, често е подготвен одново да ја стави на коцка својата слобода и достоинство. Тоа и го прави. Тој/ таа е единствениот/ата што може да му раскаже на светот за светот, исто како што пред три илјади години Одисеј беше единствениот во кругот на Медитеранот, што можеше да раскажува. Затоа, мигрантот е и најдобриот сведок и најдобриот наратор на нашето време. Како Кундера или Јосиф Бродски, како Четвин или Наипол, како Ружди, најпознатиот меѓу писателите мигранти, сведен на парадоксален живот во илегала и кој најдобро ја дефинраше состојбата и вредноста на писателот- мигрант во еден незаборавен текст за Г. Грас од 1984-тата година (во Имагинарни татковини).

И еве нè, стасавме до последната фигура на нашиот квартет. Кој е илегалецот, и зошто нè засегнува?

Илегалецот е неочекувана и непосакувана личност во општеството во кое живее. Тој е невидлива личност, но позиционирана во интестинумот; латинското име на зборот: clem-intestinus значи „скриено внатре“.

Рашид, анонимниот Марокански писател, кој мигрирал во Италија, вели:

Не верувам дека вие знаете- или барем малкумина од вас знаат- што значи да се биде осамен во туѓа земја. Како да сте невидлив ентитет пред очите на сите. Поминувате крај луѓето, ги слушате како се смеат, како зборуваат, се сакаат, се караат, и знаете дека во сето ова вие не сте: воопшто и не ве забележуваат, или ако ве видат, најчесто ве гледаат непријателски или со недоверба.

Сала Метнани, Тунизискиот лауреат кој стасува до бреговите на Италија и ја пишува книгата Имигрант (1990), вели:

За момент, ми се чини дека сите оние кои доаѓаат од Југот на светот, на ваков или онаков начин, остануваат илегалци.

Илегалецот се храни со сенка и со смели зборови, најчесто замолчани уште на врвот на јазикот, пред да бидат изговорени. Состојбата на илегалецот значи најскриена, но и најмаригинална поставеност во однос на општеството во чии граници тој се движи. Толку екстремна што тој останува надвор, под и по онаа на сите останати субјекти, кои се вонзаконски и надвор од општеството. Екстремен маргиналец, затрупан во слепиот лавиринт на интестинумот.

Илегалецот има две можни судбини: да се обиде, со претпазливост и страв, да излезе на виделина за да стане легален, или пак вртоглаво да се сокрие од правилата постојано движејќи се, невидлив и само во етапи да трча долж скриениот и темен периметар на аномијата и напнатоста, во страв да не заспие, да не падне во неволја, да не биде протеран или пак да не биде затечен од смртта. Илегалецот е мароканскиот или албанскиот имигрант во градовите или селата на богатата и скржава Европа, кој секојдневно се бори со несреќата, но илегалецот е и индијанецот Кола, Мапуче или Кечуа, кој се движи низ висините на Андите и би требало да биде Чилеанец, Аргентинец или Перуанец, „граѓанин“ на Држави-нации, кои не ги познава и кои не го познаваат.

Како што се присетува и (аргентинскиот?) писател од Кола етнијата, Сиксто Веласкез Зулета: „el hombre es tierra que camina… En la sociedead de consumo los indios no tenemos cabida. El trabajo ancestral que hacemos entra dentro de la clandestinidad y aun de lo ilegal” (Човекот е земја што чекори...Во консуматорското  општество за нас Индијанците нема место. Примитивната работа што ја работиме е притаена, дури и илегална).

Надворешен и интестинален истовремено, илегалецот е најраскинатата фигура со повреден идентитет како и најапсурдната и срамна денешна фигура на одрекуваната другост. Илегалецот се плаши и влева страв. Бидејќи е носител на надеж и скандалозна и неверојатна утопија. Онаа што би го сменила светот испревртувајќи го однатре, од утробата.

Илегалци во сопствената земја се Индијанците Чапанеки и нивниот потполковник Маркос. Тие се борат, скриени и одметнати во шумите и планините на Чапас, против оние што вршат насилство врз нивниот живот на нивната земја.

Ако цивилизацијата е борба против насилството - како што потврди либералниот филозоф- антимарксист Карл Попер - тогаш, тие се сведоци за најцивилнатаформа и пракса на човечноста во нашиот сегашен свет.

И конечно, илегалец е и оној што во самата внатрешност на северот се обидува да и се спротивастави на глобалното владеење, на лагата, на вулгарноста и на насилството, кои се скриени под кожата (веднаш под кожата) на западната демократија. Да се биде илегалец во мојата земја, значи да се избере да се биде сам  и без поддршка. Слободен да се спротиставиш без ризик да бидеш затворен илиdesaparecido, се разбира, но без пријатели, без водичи и сосема збунет.

Како човек секогаш да се побуни на вистински и ефикасен начин, со оглед на тоа што е потребно за сè да се бунтуваме, а јасно е дека веќе не можеме во секој момент да посегнеме по оружјето?

Како би можеле, на Северов, да пронајдеме и да спроведеме дејство соодветно на тоа што го извел Маркос? Понекогаш - верувам, со истата нетрпелива надеж на човек, кој во својата земја го остава настрана секој цент за да си го плати траектот до северниот свет- сонуваме да заштедиме сé што можеме за да си купиме калашњиков. Не вредат, ниту тој калашњиков, ниту сонот.

Состојбата на илегалата на интелектуалецот – бунтовник од северот, упатува на неговата крајна осаменост, го означува неговото трагично задоцнување, сведочи за неговата неефикасна страст, го покажува неговиот циклофазичен, но неумолив очај. Никој не те слуша, сите можат да си дозволат да те запостават, како сè уште да имаш дваесет години и да си осуден уште да чекаш, секогаш, како селанецот кој стои пред вратата на Законот, во познатата парабола на Франц Кафка. Но, со тек на време, таа блокада не останува инертна, туку станува сè потешка и поотпорна. Сиот гумен отпор на моќта те опколува и ги насочува остриците кон тебе. Ако посакаш, тогаш, таа апсурдна и вонвременска „младост“ ќе ти овозможи да напластиш толку сила и слобода, толкав капацитет за бунтување, што конечно ќе можеш да помислиш, барем да помислиш дека е возможно нејзиното изразување и применување во секој чин. И така, во еден момент, ќе посакаш (сакаш) отпорот да биде сè поголем, и да не се намали, за ти да бидеш сè понеуморен и послободен да одиш против него. Се чувствуваш како Рашид, анонимниот Мароканец: „Илегалата на која нè принудивте е добро школо: нè учи да се движиме меѓу вас, обидувајќи се да привлекуваме внимание што е можно помалку, да станеме невидливи“. Невидлив, но моќен, меѓу илјадниците продадени медиокритети на  интелектуалци, писатели и уметници од Северот, сирачиња на револуцијата само на хартија, но плачливи дрдорковци при судот на моќта, моралисти на разорувачка хипокризија: од Арбазино до Сичилијано, од Барико до Нани Морети, од... (болно е дури и само да се споменат нивните имиња во најзаостанатата и декадентна провинција на Северот: Италија).

Креолците и местиса, мигрантите и илегалците се фигури предодредени да склучат сојуз. Тие насекде се борат против насилството на нашето време: глобалните размери на финансискиот глобализам и на бизнис- мафијашката доминација која владее со светот. Тие одат во судир со колонизаторите, кои веќе колонизираат оддалеку без да си ги валкаат рацете, како што тврди Едуардо Галеано; одат во судир со оние што се чувствуваат како доминирачка чиста раса; во судир со трговците со робови (жени, деца, сиромашни), чија мизерна судбина преминува во хорор судбина: од сиромаштија директно во пеколот. Нивната маршрута веќе не е Middle Passage меѓу Африка и Америка, споменат од карипските писатели; сега е цела мрежа која ја обвива земјината топка, Интернет на срамот...

Ние другите, кои се спротивставуваме, иако раздалечени и раштракани, бараме заеднички да го научиме и да практикуваме светскиот јазик на една нова цивилизација, што мачно и упорно се обидуваме да ја повратиме, каде и колку што можеме, во шумата Лакандон или на европските, африканските или на кои било други универзитети во светот.

Сметам дека ние другите креолци и местиса, мигранти и илегалци можеме да си потхрануваме вистински Great Expectations, исто како стариот Пип на Дикенс, дури и подобро од него.*


 

*  Ја прочитав Introduction à une poetique du divers, излезена во 1996-тата, на Глисан откако го напишав и го изложив овој текст во Хавана. Долго размислував дали „поетиката на креолизацијата“, толку луцидна и вџашувачка во оваа последна книга („créolisation: les éléments hétérog&eagrave;nes les plus éloigenés sont mis en présence et produisent un résultat imprévisible”) можеше (требаше) да ме наведе да го прегледам мојот портрет на креолот, кој станува претерано, да речеме, статичен, кога ќе се спореди со тој на Глисан. На крај, сметав дека би било добро ништо да не менувам, токму затоа што „мојот“ креол е поинакво претставување од она што го нуди карипскиот писател. Можеби тие ќе можат да се сретнат и да меѓусебно да се потврдат во можно заедничко место на разговорот, наместо да си противречат за да се елиминираат.

Од: Креолци, местиса, мигранти и илегалци, Рим, Мелтеми

(превод од италијански: Ирина Талевска)