СЛАВИСТИЧКИТЕ ПРОУЧУВАЊА ВО ФРАНЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА

Лилјана Тодорова

Сé поинтензивниот интерес за јазиците во светот што, кон крајот на XVIII век ги беше опфатил поразвиените интелектуални средини од земјите на европскиот континент, пред сé Германија, Франција, Англија и Русија, бргу беше проширен и кон научните дисциплини како што се историјата, книжевноста, философијата, етнологијата. Под влијание на романтизмот овој интерес ќе се преобрази во афинитет кон осознавање на културните вредности со национален карактер, што ќе доведе  до особена потреба и желба за запознавање и собирање на народното творештво на разните народи. За неодминлив поттик во оваа смисла секако може да се смета, покрај  Макферсоновата (Macpherson) мистификација Осијан од 1760-тата година  или Старите англиски и шкотски балади на Томас Перси (Thomas Percy)  од 1765-тата, и Хердеровата Збирка народни песни од разни народи од 1778-та година меѓу кои се најде и прочуената елегија Хасанагиницапозната по карактеристичната стилска фигура словенска антитеза. Значјни се, исто така, и неколку  речници, а меѓу првите, речникот на германскиот научник Палас (P.S. Pallas) што се однесуваше на близу 200 европски и азиски јазици, познат како Санктпетербуршки речникшто беше составен за руската кралица Катерина II.[1]

Во ваква интернационална интелектуална атмосфера ќе се вклопи и дејноста на многу влијателниот Германец Јакоб Грим, но и на еден  Србин, значајниот Вук Караџиќ, како и на нашите знаменити Македонци, Браќата Димитар и Константин Младинови кои, како извонредни познавачи и собирачи на народното творештво, со особен усет за јазикот и за оригиналноста на усното творештво, ќе го привлечат вниманието на првите проучувачи на славистичката проблематика во светот.

За конституирањето и за развојот на славистичките проучувања на прагот на новото време - во тие први децении од XIX век - еден од поголемите придонеси несомнено дојде од Франција. Иако е несловенска земја, таа во тоа време на значајни иницирања покажува активен однос кон сé позабележителниот стремеж за институционализирање на славистичките проучувања. Веќе во учебната 1831/1832-та година истакнатиот славист Клод Фориел, основач на  компаративната славистика, ги инаугурира овие студии на Катедрата на Универзитетот во Париз. По шест години ваков специјален курс е воведен и на Катедрата за словенски јазици и книжевности  во Колеж де Франс (во 1840-тата година) од страна на Адам Мицкјевич во кој подоцна се вклучуваат и Сиприен Робер,  Адолф д’Аврил и натурализраниот Полјак Александар Хоќко. Кон средината на векот овде ќе предава и Луј Леже кој  инаку е еден од ретките што се здобил со сите квалификации на славист, докторирајќи  во 1868-та година на тема за делото на Светите Кирил и Методиј - теза којашто ја посветил на големиот хрватски книжевен мецена Јосиф Штросмајер. Со докторирањето, на Леже  веднаш му се отвора универзитетска кариера на Сорбона како и стекнување европски авторитет. За него, како што објаснува Ј. Штросмајер, инаку негов  пријател, се велело дека е „патријарх на француските слависти”. Речиси во исто време, во 1839-тата година, Гзавие Мармие, кој е еден од иницијаторите на книжевната компаратистика воопшто, воведува славистички и компаратистички предавања како „Странски литератури”  на Универзитетот во Рен, а  во Париз, во Школата за Ориентални јазици, Огист Дозон доаѓа за професор по славистички студии.

Иако во ова прво време било тешко за еден човек од Западот веднаш да ја сфати и да си ја разјасни сложеноста на прашањето кои сé народи со сопствен етнички карактер се подразбираат под  општото име Јужни Словени, сепак, со време, кога се зголемил интересот кон изворно запознавање на  овие балкански краишта, ќе се збогатат и знаењата и ќе добијат поголема легитимност. Меѓу првите позначајни дела што ја уточнуваат претставата за Македонија е патописот од 1840-тата година во 4 тома на Ами Буе[2], инаку лекар по професија и член на Acadèmie impèriale des Sciences во Виена, кој  се смета за еден од зачетниците на Балканологијата.

Во еден подоцнежен период, по Берлинскиот конгрес, и професорот Адолф д’Аврил, истовремено француски дипломат и публицист, престојувал во Македонија и оставил значаен осврт од тоа време за оваа област, како што вели самиот „contrèe qu’on appelle depuis des siécles la Macèdoine”[3], но која се наоѓала во положба „опасно компликувана заради состојбата што ја создаде Берлинскиот конгрес од 1878-тата” („dangereusement compliquèe par un fait que le congrés de Berlin a crèè en 1878”). Според ситуацијата што ја затекнал овде и според која „во Македонија, кралството Грција има свои Грци, кралството Србија - свои Срби, кнежевството Бугарија - свои Бугари, па и романското кралство - свои Романци (Куцо-Власи или Цинцари),” тој ги претчувствувал „сериозните немири што можат да избувнат во Македонија” и заклучил дека овде продолжувала една тешка положба за која исто така имал пишувано,  опфаќајќи го особено моментот кога во 1767-та година под влијание на Фанариотите била укината Охридската архиепископија.[4] Инаку, А. д’Аврил пишувал и под псевдоним  Кирил (Cyrille) и оставил бројни прилози за културната историја на источно-европските народи кои импресионираат со бројот на детали (на пр., Voyage sentimental dans les pays slaves, Dalmatie, Montènègro, Herzègovine, Croatie, Serbie... )

Со време, и други научници особено филолози, историчари, географи, но и обични љубопитни патописци ќе крстосуваат по патиштата во овој дел на “Европска Турција”, внесувајќи во своите записи, книги или собран фолклорен материјал и други форми на информации, повеќе јасност во она што веќе било познато и, особено, во расчистувањето на некои постоечки дилеми. Такви нејасности постоеле, на пример, околу прашањата сврзани со потеклото на т.н. „македонско прашање” или со идентитетот на Македонецот – „оспорениот Словен”, како ќе го нарече Едмон Бушие де Бел (Edmond Bouchiè de Belle) кој  во Македонија престојувал во 1914-тата година како мобилизиран на македонскиот фронт (како правник) и ја напишал книгата La Macèdoine et les Macèdoniens. Нему „најдобро би му одговарало” овој „оспорен Словен да го нарекува, просто, Македонец” бидејќи, како што самиот објаснува “ако го прашате селанецот од околината на Острово или на Битола, што е, тој во деведесет посто случаи ќе ви одговори „Македонец”.[5] Исто така, и во однос на јазикот на „Македонците” („Macèdoniens”) Бушие де Бел сметал дека тој  „не е ниту српски ниту бугарски”, туку посебен дијалект.

И уште еден класичен филолог и историчар, Виктор Берар (Victor Bèrard), по своите патувања „низ словенска Македонија” ќе остави повеќе трудови (A travers la Macèdoine slave, 1892; Pro Macedonia, 1904), посветени на посебноста на Македонците меѓу другите словенски народи на Балканот. Потоа и лично ќе се залага, на меѓународните митинзи што во 1903-тата година ги организирале во Париз, Лион, Рим, заедно со Анатол Франс, Жан Жорес, Де Пресансе, пратеникот Дени Кошен и др., за заштита на Македонија (и Ерменија), потенцирјќи дека „Македонците се револуционери, но не се осамени”.[6] Подоцна, во 30-те години на XX век  вакви протести јавно ќе искажува и еден Ромен Ролан, нобеловец наречен „граѓанин на светот”, бунтувјќи се против „Белиот терор” на Балканот.

Ваквите интелектуални француско-јужнословенски приближувања придонесуваат многу за засилување на славистичките проучувања во Франција, во кои постепено се  воведуваат и македонистички теми. Меѓу првите, тие се должат на Огист Дозон кој, откако поминува триесетина години во овие балкански региони, во 1859-тата година преведува „од оригинал” збирка народни песни насловувајќи ја, со оглед на тогашните услови „Српски народни песни” или „Бугарски народни песни”, придружувајќи го тој материјал со анализи и белешки кои го дообјаснуваат, во еден дел, нивниот македонски карактер. Така, во својата втора збирка од 1875-тата година Дозон, веќе како познавач на Зборникот на Миладиновци, вклучува и неколку песни од Источна Македонија како и една приказна, коментирајќи го, овој пат, во еден Поговор нивниот јазик, односно  различните дијалекти за кои смета дека „особено оние од Југозападна Македонија се разликуваат многу од останатите, посебно по изговорот и по сврзувањето”.[7]

По Дозон, и Луј Леже покажува македонистички интерес давајќи приказ на  Зборникот на Миладиновци што го објавува во 1875-тата година во списанието Bibliothéque universelle од Лозана на чии страници претходно ја беше разобличил мистификацијата  Веда Словена од Стефан Верковиќ.[8]

Натамошниот развој на македонистиката во Франција е тесно поврзан со периодот на Првата светска војна кога воените конфликти мобилизираа доста француски интелектуалци на борбените линии во Македонија. Меѓу нив ќе бидат и двајца веќе познати слависти што подоцна ќе станат најзначајни француски македонисти, Андре Мазон и Андре Вајан. Тие се беа оформиле во време кога меѓу најзначајните слависти делуваше прочуениот  лингвист- индоевропеист, Антоан Меје (Antoine Meillet), професор по компаративна лингвистика во Колеж де Франс, кој со своите трудови изврши големо влијание на европската лингвистика воопшто (Linguistique historique et linguistique gènèrale, Introduction à l’ètude comparative des langues indoeuropèennes). Во рамките на проучувањата на индоевропските јазици, Меје ќе го вклучи и македонскиот јазик и ќе третира и македонистичка проблематика. Познат е неговиот став дека лингвистот треба да умее да се дистанцира од пристрасните дневно-политички полемики и притоа да расудува како лингвист и „кога се работи за научно опишување на посебните карактеристики на македонските говори во Македонија” (Antoine Meillet, Les langues slaves dans l’Europe nouvelle, 1918).

Општо земено, првите две-три децении од XX век беа период на осетен подем на славистичката наука во Франција. Имено, според Ернест Дени (1849-1921)[9], професор на Сорбона чија специјалност беше особено историјата на Чесите, Словаците и Јужните Словени, за време на војната и поточно во 1919-тата година, неколкумина истакнати професори од париските институции Сорбона, Колеж де Франс, Школата за ориентални јазици и Школата за високи студии, организирале  серија предавања што се одржувале во круговите  на Сен-Жермен со цел да го задоволат манифестираниот интерес за  подобро запознавање со различните словенски народи и цивилизации, особено што на Сорбона сé уште немало Катедра за историја и  цивилизации на Источна  (Ориентална) Европа. Така доаѓа до идејата за основање Институт за словенски студии (Institut d’Etudes Slaves) кој, според Статутот имал за задача да развива дејност со „чисто научен карактер” и да основа списание Revue des ètudes Slaves (Статут од 1921-та година и  седиште на ул. Мишле, бр.9) кое излегува и денес. Прв претседател на Институтот е Андре Мазон кој беше и меѓу неговите најактивни основачи. Овој Институт уште веднаш ќе стане најзначаен центар на славистиката, а Париз нејзин „претставник во странство” (Е. Дени). Во списанието пак ќе бидат публикувани, уште во периодот меѓу двете  војни, и  повеќе македонистички трудови на Мазон,  Вајан, а по војната и трудови на нашите врвни лингвисти Блаже Конески, Божидар Видоески, Оливера Јашар-Настева и др., кои ја уживаа и понатаму поддршката и кога за претседател во 80-те години дојде славистот Бонамур. Значајно е што Вајан  во ова француско славистичко списание ќе отвори, во библиографскиот оддел, посебна рубрика за македонскиот јазик каде што и самиот објавуваше прилози или прикази и известувања за нови истражувања на македонскиот јазик.

Научната стојност/вредност на трудовите на овие француски слависти/македонисти, особено на Меје, Мазон и Вајан е таква што и самиот Блаже Конески[10], кога ги пишувал своите основоположнички трудови, пред сé Историјата на македонскиот јазик и Граматиката на македонскиот јазик, се повикувал на нив како на изворен материјал и на фундаментални аргументи, било кога ги проследувал развојните фази на македонскиот јазик, етимологијата, специфичните белези на македонската варијанта на првобитниот словенски литературен јазик, или процесот на создавањето на литературната форма на македонскиот јазик (Etude sur l’ètymologie et le vocabulaire du vieux slave и  Le Slave commun од Меје и Le Probléme du slave macèdonien, 1938 и Manuel du vieux slave, 1948-та од Вајан), било кога ги проучувал македонските дијалекти во народното творештво, системот на акцентот, морфологијата и синтаксата на македонскиот јазик (Contes slaves de la Macèdoine sud-occidentale: Etude linguistique; textes et traductions; notes de folklore, 1923 од Мазон; L’Evangèliaire de Kulakia. Un parler slave du Bas-Vardar, 1938, од Мазон и Вајан, како и Un lexique macèdonien du XVIe siécle, 1958 од Чиро Џанели и Вајан).

Од современите, пак, истражувања на македонистички теми кај  француските слависти треба да се одбележат оние на Пол Гард од Универзитетот во Прованса, кој особено го проследува воспоставувањето на македонската стандарднојазична форма и улогата во тоа на Б. Конески во однос на зачувувањето на контактот со традицијата, и народна и научна, и на  сопствените специфики на јазикот. Треба да се напомене дека денес е особено значајна  и улогата што во Франција ја има Катедрата за македонски јазик и книжевност при Институтот за ориентални јазици (INALCO) во Париз која се институционализира во 80-те години на минатиот век, откако неколку години претходно, од учебната 1973/-та година  работи  како Лекторат по македонски јазик и литература. Професорскиот кадар од оваа Катедра, прво Јадранка Христова-Фулон, а во денешно време и Фроса Пејоска-Бушеро (во својство и на шеф на Катедрата), имаат дадено голем придонес во реализацијата на растежот и реформирањето на Катедрата која веќе стекнува право и за мастер студии. Нивната образовна како и научна работа претставува вистинска промоција на македонистиката во Франција и пошироко, зашто овој  Институт како институција континуирано ужива висок углед во светот.

Кон ваквите македонистички трудови поврзани претежно со лингвистичка тематика, ќе ги надоврземе овде и оние што претставуваат француски проучувања и на македоската книжевност. Покрај веќе спомнатите теми на Дозон што го третираа македонското народно творештво и во кои се појавуваат и неколку компаративни линии со француските епски песни (циклусот за Крале Марко е  споредуван со песните за Ролан или со ликот на Гаргантуа од Рабле, а дури и со Сид од Корнеј), или анализите на Луј Леже при оспорувањето на Веда Словена, како и неговиот приказ на Зборникот на Миладиновци кој е еден од првите прикази што воопшто е даден на француски јазик, овде ќе ги одбележиме  книжевните проучувања од поново време, односно по Втората светска војна кога веќе можело да станува збор за македонска книжевност веќе слободно пишувана на, и официјално кодифициран, македонски литературен јазик.

Како  добра основа врз која можеа да се темелат првите позначајни проучувања на македонската литература, претставуваа, покрај другото,  книжевните преводи што на француски јазик почнаа да се јавуваат веќе по петнаесеттина години од ослободувањето на земјата. Особен придонес за тоа имаше  француското книжевно списание Europe кое на два пати (во 1965-тата и во 1978-та година) паралелно со избор  на дела од наши автори, објави и прилози посветени на македонската книжевност и култура. Кон ова во 1968 г. светски познатиот компаратист Пол ван Тигем во својот Речник на книжевни дела[11], за прв пат обработува во лексикографски вид 30-тина единици што започнуваат со дејноста на Кирил и Методиј, преку Климент Охридски, Григор Прличев, Браќата Миладиновци и Кочо Рацин и литертурата меѓу двете војни, опфаќајќи материјал сé до современите македонски писатели[12]. Подоцна, двете Антологии на македонската поезија во состав на Милан Ѓурчинов, едната од 1972-та година со избор на  поезија од нејзините почетоци до 1972-та, а другата од 1986-тата година посветена на современата македонска поезија, ги збогатија познвањата на македонската литература. Голема заслуга за овие изданија имаат неколку високи интелектулци од Франција како Жан Русло, Жак Гошрон и Ежен Гилвик. Треба да се додадат овде и преводи на бројни одделни творби, поезија и проза така што речиси и да нема автор што не е преведен на француки јазик, макар и со едно дело, што не значи дека е водено сметка за преводи на комплетни дела на нашите врвни книжевни творци, напр. на еден Блаже Конески. Ваквиот широк увид поттикнал и проследувања и проучувања, а меѓу позначајните прилози кон книжевните проучувања на француски јазик ги издвојуваме оние што  доаѓаат од перото на Жан Русло. Тој, учествувајќи на поетските вечери  во Струга, имал можност и директно да го почувствува богатството на македонскиот книжевен израз. Во еден од своите осврти за македонската поезија Русло ја потенцира и „сака да инсистира” на особената  оригиналност „sur cette non brisure entre le fonds collectif de la poèsie macèdonienne et les expèriences personnelles les plus audacieuses des poétes macèdoniens d’aujourd’hui”.[13]

Жак Гошрон пак, еден од редакторите на париското реномирано  книжевно списание Еуропе, и самиот автор на неколку поетски творби инспирирани од македонското поднебје како и на повеќе адаптации на француски јазик на наши народни песни,  даде повеќе прилози со анализи на дела од македонски автори, а во некои од нив применуваше и компаративен приод. На пример, во освртот посветен на Блаже Конески во кој Гошрон трага по она што е есенцијално во неговата поетика и што, особено, е заслуга на Конески за поттикнувањето на новата македонска литература, тој  ќе истакне: “Blaze Koneski ètait à l’èvidence le grand ainè de cette floraison poètique qui a donnè une ame à la patrie macèdonienne. Dècouvrir ce mouvement poètique de haut niveau me fut une joie inoubliable. Et c’est par enthousiasme que je dècidai de lui donner une voix française et une audience internationale.”[14]

Значајни валоризации ќе даде и големиот франкофонски поет Едуард Моник (Edouard Maunick), еден од директорите во УНЕСКО, во својотПоговор кон Личната антологија (Anthologie personnelle, 1950-1980) на Ацо Шопов издадена од УНЕСКО во 1994. Во оваа реномирана едиција, во 1986-тата година, на француски јазик беше издадена само уште студијата за Кочо Рацин (од Александар Спасов).

Македонската литература ќе го привлече вниманието и на неколкумина светски реномирани книжевни компаратисти од Франција, а меѓу  нив  Ив Шеврел, професор на Сорбона, кој во својата студиозна книга La Littèrature comparèe од 1989-тата година нашата литература ќе ја вброи, заедно со другите посебни литератури од тогашна Југославија. меѓу литературите во светот „пишувана на македонски јазик.”[15]

Во еден општ осврт на крај  ќе одбележиме дека во последниве години интересот во Франција за македонистиката не губи многу во својот интензитет, иако не би можело меѓу научните трудови да се посочат такви што ја имаат онаа ширина на истражувачки полиња кои ги покриваа речиси сите области на македонистиката, со компетенции што ги поседуваше еден Андре Вајан, на пример. Затоа пак постои очигледна  определеност за еден нов приод  кон интересот за оваа славистичка студиска група на  што укажуваат современите интенции за попродлабочени усовршувања на веќе стручно  оформените  македонисти на институционално ниво, на Катедрата за македонски јазик и литература при Институтот за ориентални јазици на Универзитетот во Париз. Поконкретно, тоа е изразено со актуелизирање на мастер и на докторски студии кои, секако, ќе имаат потреба и од поголема подршка од нашата земја како матична земја,  Во таа смисла извонреден прилог претставува двојазичната, на македонски и на француски јазик, Граматика на македонскиот стандарден јазик за странци од Лилјана Минова-Ѓуркова[16], издадена во 2006- тата година.

Откако овде во кратки црти го проследивме развојот на интересот за македонистички проучувања во француската славистика, во заклучок можеме да го издвоиме следново:

- француските проучувања што третираат македонистичка проблематика претставуваат здрава основа за објаснување на македонската јазична самобитност и како темелни трудови претставуваат неодминливи фундаментални/ аргументациски прилози  што се инкорпорирани во македонските проучувања како на историјата на македонскиот јазик (Б. Конески), така и на македонската  народна литература и на современата македонска книжевност;

- француските научници-македонисти ја почувствувале и опишале индивидуалноста на македонскиот јазик, укажале на постоењето норми во тој јазик до кои се доаѓа по природен пат и со негова стандардизација, а потоа го вклучиле и во компаративни проучувања (особено Меје и Вајан);

- на ваквите научни ставови француските македонисти останале консеквентни што укажува на постоење и на низа комплементарности, совпаѓања и заеднички заложби со македонските македонисти за афирмација на македонската јазична самобитност.

БЕЛЕШКИ

[1] Pallas, Peter- Simon, Linguarum totius orbis vocabularium comparativa Augustissime cura collecta, 1778.

[2] Bouè, Ami, La Turquie d’Europe, 1-4, Arthus Bertran, Paris, 1840.

[3] „земја која со векови ја викаат Макеоднија” : Adolphe d’Avril, ”En Macèdoine” in  La Quinzaine, revue littèraire, artistique et scientifique, IV e annèe, Tome XVI, Paris 1897, str.16 et suiv.

[4] Оваа статија (акт)  бил објавен во Revue de l’Orient chrètien, premiére livraison de 1897.

[5] Бушје де Бел, Едмон Македонија и Македонците, Македонска книга, Скопје, 1992, стр.49 (превод Аленка Лапе; делото е објавено на француски во 1922).

[6] Лаиновиќ, В. Андрија, Меѓународни митинзи у иностранство 1903 године за заштиту Македоније и Ерменије, Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, т. 4 (30), 1978, стр. 106

[7] Да се види: Тодорова, Лилјана, “Интересот на француските слависти Огист Дозон и Луј Леже за ,Зборникот’ на Миладиновци” воДимитрија и Константин Миладиновци, (140 години од смртта), Институт за македонска литература, ed. Зборници, Биома, Скопје, 2004, стр. 110-118.

[8] Луј Леже, исто така, подоцна, пишува и за мистификацијата Гусли (La Guzla) на Проспер Мериме, инаку прочуен автор на Кармен, во “Une supercherie de Mèrimèe”, La Nouvelle Revue, t. III, 15 juin 1908.

[9] Denis, Ernest, Institut d’Etudes slaves, Paris Centre de la Slavistique à l’ètranger, Questions contemporaines, No 25, Paris, Ligue des  Universitaires serbo-croato-slovénes, 1919, p. 13 et suiv.

[10] Да се види: Тодорова, Лилјана, „Блаже Конески и француските слависти: Антоан Меје, Андре Мазон и Андре Вајан“ во: Придонесот на Блаже Конески за македонската култура, Меѓународен научен собир 17 и 18 декември 1998, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Унив. „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, 1999, стр. 309-317; „Делото на Блаже Конески во македонско-француските лингвистички и книжевни релации“ во: Делото на Блаже Конески – Остварувања и перспективи, МАНУ, Скопје, 2002, стр. 231-243.

[11] Van Tieghem, Philippe, Dictionnaire des littèratures,Presses universitaires de France, I-III, Paris, 1968.

[12] Да се види: Урошевиќ, Влада, „Македонската литература во Франција и на француското јазично подрачје” (1945-1990), vo Книжевен контекст, 1/1995, Филолошки факултет – Институт за македонска литература, Скопје, стр.144-158.

[13] Poèsie macèdonienne, Anthologie - des origines à nos jours, Prèface de Jean Rousselot, Introduction, choix et notices par Milan  Djurcinov, Adaptations françaises,Jaques Gaucheron, Guillevic et Lucie Albertini, avec la collaboration de Klementina Grupceva et Vlada Urosevic, Les èditeurs français rèunis, Paris 1972, p. 9 (Prèface de Rousselot)

[14] Gaucheron, Jacques, ”Une grande figure de la poèsie macèdonienne - Blaze Koneski et la poèsie populaire”, во: Делото на Блаже Конески – Остварувања и перспективи, МАНУ, Скопје, 2002, стр. 60.

[15] Chevrel, Yves, La Littèrature comparèe, Presses universitaire de France, èd. Que sais-je?, Paris, 1989, p.22.

[16] Ѓуркова-Минова, Лилјана, Граматика на македонскиот стандарден јазик за странци, Grammaire de la langue macèdonienne pour lesètrangers, Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Филолошки факултет “Блаже Конески”, Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици, Штип, 2-ри август, Ск. 2006, 537 стр.

ЛИТЕРАТУРА

1. D’Avril, Adolphe, „En Macèdoine” in La Quinzaine, Revue littèraire, artistique et scientifique, IVe annèe,Tome XVI, Pаris, 1897.

2. Бабамова, Ирина, „Преводи на македонски книжевни дела во франкофонскиот простор (1990-2010), Годишен зборник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, кн. 36, универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Скопје, 2010: 345-355.

3. Bouè, Ami, La Turquie d’Europe, 1-4, Arthus Bertrand, 1840.

4. Бушје де Бел, Едмонд, Makedonija i Makedoncite, Македонска книга, Скопје, 1992.

5. Gaucheron, Jacques, “Une grande figure de la poèsie macèdonienne-Blaze Koneski et la poèsie populaire”, in Делото на Блаже Конески – остварувања и перспективи, МАНУ, Скопје, 2002 : 59-65.

6. Denis, Ernest, Institut d’Etudes slaves, Paris Centre de la Slavistique à l’ètranger, Questions contemporaines, No 25, Ligue des Universitaires serbo-croato-slovénes, Paris,1919.

7. Ѓуркова-Минова, Лилјана, Граматика на македонскиот стандарден јазик за странции Grammaire de la langue macèdonienne pourètrangers,Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Филолошки факултет “Блаже Конески”, Катедра за македонски јазик и јужнословенски книжевности, Штип, 2-ри август, Ск., 2006.

8. Конески, Блаже, Историја на македонскиот јазик, Детска радост, Скопје, 1996 (II издание).

9. Лаиновиќ В., Андрија, „Меѓународни митинзи у иностранство 1903 године за заштиту Македоније и Ерменије“, Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, т. 4 (30), 1978: 93-110.

10. Poèsie macèdonienne, Anthologie - des origines à nos jours, Prèface de Jean Rousselot, Introduction, choix et notices par Milan Djurcinov, Adaptations françaises - Jacques Gaucheron, Guilevic et Lucie Albertini, avec la collaboration de Klementina Grupceva et Vlada Urosevic, Lesèditeurs français rèunis, Paris, 1972.

11. Todorova, Liljana, „Блаже Конески и француските слависти: Антоан Меје, Андре Мазон и Андре Вајан“ во: Придонесот на Блаже Конески за македонската култура, Меѓународен научен собир 17 и 18 декември 1998, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, 1999, стр. 309-317;

12. ___________. „Делото на Блаже Конески во македонско-француските лингвистички и книжевни релации“ во: Делото на Блаже Конески – Остварувања и перспективи, МАНУ, Скопје, 2002, стр. 231-243.

13. _________. „Интересот на француските слависти Огист Дозон и Луј Леже за ,Зборникот’ на Миладиновци“ во: Димитрија и Константин Миладиновци (140 години од смртта) , Институт за македонска литература, ед. Зборници, Биома, Скопје, 2004, стр. 110-118.

14. Урошевиќ, Влада, „Македонската литература во Франција и на француското јазично подрачје (1945-1990)”, во Книжевен контекст I, /1995, Филолошки факултет – Институт за македонска литература, Скопје, 1995, стр. 144-158.