ДРУГАТА СТРАНА НА СЕБЕСИ – ВНАТРЕШНОТО МНОШТВО ВО РОМАНОТ СКРИЕНА КАМЕРА НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

         Ивана Јовановска                                                   

                    

ДРУГАТА СТРАНА НА СЕБЕСИ – ВНАТРЕШНОТО МНОШТВО ВО РОМАНОТ СКРИЕНА КАМЕРА НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

 

   

 

Тони киселина што испарува би била потребна да се изгорат сите маани, сите човечки пропусти  и грешки, да се помине со намачканото дрвце за прегледување грло по раните, отоците и лузните од не-трпеливоста, не-љубовта, не-познавањето, не-пријателството што, апсурдно, не ги дели туку ги поврзува луѓето, зашто поинаку не би си биле трн во око и сопка во животот.

                                                                                                                                                                                                  

Лидија Димковска, Скриена камера

 

 

      Компаративното  проучување на книжевноста нуди воспоставување метафизички силна релација меѓу неа и богатството од научни дејности и дисциплини кои спаѓаат во доменот на интерес на уметноста. Книжевноста никогаш не е осамена и строго независна. Нејзиниот шарм лежи  во врските што ја прикотвуваат за нови и поинакви светови, дел познати, дел непознати и мистични. Нејзината посебност е во нејзината способност за поврзување, а нејзините механизми за доближување до човечкото се остваруваат единствено поради нејзината посветеност кон човекот, постоејќи во негова чест и корист. Имагологијата е една од дисциплините кои можеби најдобро и најцврсто ја гради својата врска со книжевноста, ја продлабочува и ja развива, доближувајќи ја до антропологијата, до психологијата и до мноштвото научни подрачја.

     Се радувам што во овој есеј имам можност да говорам за имагологијата и за внатрешната другост низ призмата на македонската современа постмодернистичка проза која евидентно ја зголемува својата популарност во последните пет години преку макотрпните обиди на неколку мали издавачки куќи од Скопје. Овој тип литература во македонското издаваштво донесе исклучително добра и свежа струја на млади автори кои се закитија со престижни европски награди за литература, признанија кои говорат дека на македонската книжевна сцена постои нешто ново и тоа треба да се прослави. Внатрешната другост, мноштвото ,,јасво општеството е една од  позастапените теми кај голем број македонски автори како: Давор Стојановски, Лидија Димковска, Игор Анѓелков, Ана Голејшка, Ненад Јолдески, Петар Андоновски и други. Мој предмет на интерес е можеби и најпознатото издание на македонската авторка Лидија Димковска Скриена камера,oбјавена во едицијата Проаза на издавачката куќа Или-или,  но и моето прво „вљубување“ во мноштвото аспекти на другоста и односот меѓу нив.

    Скриена камерa  е едно од оние дела кои ве поттикнуваат да се распишете, бидејќи Димковска, како раскажувач е еден од највештите македонски творци на приказни. Оваа современа романескна творба нуди мноштво теми за дискусија. Но, неминовно, препрочитувањето на овој кус роман ќе ве наведе кон една тема на која Димковска е особено фокусирана: прашањето за внатрешната другост и за мноштвото идентитети што произлегуваат од една личност, илустрирани преку наратор кој ги сведочи дејствата, односно скриената камера во палецот на главната протагонистка Лила. Овој роман на Димковска ги потенцира комплексните дискусии и дефиниции кои произлегуваат од мешањето на категориите како личен идентитет, другост, странство, соседи, политика, непријатели, љубов преку воглавно дневничките записи на Лила и преку редовните исповеди на скриената камера кои се поставуваат како објективен набљудувач кој може да ги коментира двојствата што се јавуваат во нејзината личност. Алузијата на скриената камера која се користи како раскажувач е подобна за остварување на намерата подробно и подетално да се разговара за внатрешната другост на некоја личност. Лила, главниот лик во романот е богат и невообичаен лик кој успешно си игра со мноштво идентитети, кои се природно дел од нејзината личност.

     Највпечатлив, за почеток, е нејзиниот идентитет на жена-номад кој има можеби и носечка улога во романот. За номадот како фигура во рамки на феминистичката теорија, Роси Браидоти одлично ќе забележи:,,Номадот е мојата сопствена, фигуративна претстава за ситуирано, постмодернистичко, културно издиференцирано сфаќање на субјектот воопшто, и посебно за феминистичкиот субјект. Овој субјект може, исто така да се опише како постмодернистички / индустриски / колонијален во зависност од личната позиција. Досега, оските на диференцијација како: класа, раса, етничка припадност, род, возраст и други, се сечат или меѓусебно си влијаат едни на други во основата на субјективноста, а поимот номад упатува на симултана појава на многу од нив (Браидоти  2002: 10).  Во  контекст на номадскиот идентитет, Браидиоти го дефинира номадот и како ,,... мит, политичка фикција која ми овозможува да размислам и да се движам низ воспоставени категории и нивоа на искуство: нејасни граници без означени премини.Понатаму, таа се осврнува на претставата на номадските субјекти во контекст на критичката свест наспроти униформираниот начин на размислување и дефинирањето на суштината на номадот.  Овие теориски согледби на номадизмот помагаат да се воспостави базичната рамка на првото ниво на конструиран идентитет кој постои кај Лила, Едлира и Џозеф – тројцата носители на дејството кои формираат специфични релации преку кои Димковска ќе допира до чувствителните теми како македонско-албанските односи, религискиот конформизам и догми, невладиниот сектор и неговата улога во културата во 21 век. Номадската определба кај сите главните ликови се забележува од различни перспективи: се следи од записите на Лила за нејзиното Шлегово, студиите во Романија, животот во Љубљана, потребата за посета на уметнички фестивали низ светот и писателската резиденција во Виена. Кај Едлира, номадството како определба која развива мноштво богати идентитети во нејзината личност е дефинирано преку нејзиното детство, нејзината љубов кон фотографијата, една од најекстровертните професии на светот, нејзината слобода да се заљуби во човек кој доаѓа од другата страна од светот. Номадизмот на Џозеф е воглавно духовен, потпрен на уметноста, на  сеќавањата за неговото семејство и  за традиционалните односи во коишто израснал. Од оваа перспектива, се забележуваат три различни номадски субјекти кои имаат една заедничка точка – потребата да ги истражат свесно или несвесно внатрешните мноштва на различности во себе и да комуницираат со нив. Комуникацијата со внатрешната Другост прикажана преку шаренилото на сепството е клучна во Скриена камера. Токму таа како појдовна точка нуди повеќе од следење на структурата на книжевното дело и навлегување во подлабокото значење и кај критичкиот читател нуди чувство на задоволство поради препознавањето на фигурите и аспектите кои се застапени во стилот на пишување на Димковска, како и конкретно во овој нејзин роман.

     Внатрешната Другост во романот освен преку номадизмот кој ги истакнува личните потреби на трите главни ликови е клучно изразен преку раскажувањата на скриената камера која како објективен раскажувач ги дефинира потребите и непријатностите на Лила. Самата камера е сопоставена како внатрешна Другост на Лила, нешто кое не ѝ е познато, а е дел од нејзиното минато и од сегашноста. Камерата е таа која ги бележи нештата наместо Лила, главниот посочувач кон другата страна на нејзиното постоење, а нејзините анализи се однесуваат и на Едлира и на Џозеф. А.-фикцискиот дневник кој Лила го пишува е уште еден споменик-запис кој е документ на мноштвото идентитети на Лила, за оние кои таа е свесна. Токму тоа е и разликата помеѓу А.фикцискиот дневник и скриената камера – таа првично се занимава со внатрешноста на Лила со која таа помалку комуницира или ја освестува, додека нејзиниот дневник е сведок на тоа што Лила веќе го има освестено. Димковска, во овој роман другоста ја поставува во однос јас-јас односно го проблематизира сепството преку роман кој ги отвора внатрешните порти кон длабоката рефлексивност и истражувачкиот тек на мислата од протагонистите кон самите себе.

     Прашањето за другоста која се истражува себеси, реферира дури и на односот кон самата себеси е застапена особено во новото поле на истражување на имагологијата – литературата на миграцијата, која директно се судира со расните, со  етничките, со половите и секаков вид други стереотипи. Димковска, се чини, со романот Скриена камера ќе даде придонес и на ова поле, имајќи ја предвид нејзината биографија. Имено, Нора Мол, воСликите за Другиот. Имагологија и интеркултурни студиидава поширок преглед на литературата на миграција преку разгледувањето неколку клучни пунктови. ,,Од имаголошка гледна точка, литературата на миграција ги поврзува судбините на популации од различни делови на светот (дури и од Европа), овозможувајќи дијалог помеѓу нив и со нас, а ние пак, сме повикани да комуницираме и да се редефинираме, да ја испробаме активно нашата релативност. На ваков начин таа претставува дел од дискурсот преку кој културите постојано го формираат, создаваат и преиспитуваат сопствениот идентитет и чувството за другоста. Во актуелната состојба не може да се избегнат гласовите и погледите кои доаѓаат од едно гледиште, надворешно во културна смисла, а всушност внатрешно, кои се во состојба да срушат бројни стереотипи, предрасуди и литературни  images                                                                                                                                                                                                          (Moл 2006:246.)

      Димковска се приклучува на генерациите автори кои преку нивните дела влијаат врз развивањето на врските меѓу различните нации и култури, најчесто продирајќи во нивното минато, каде што ја бара појдовната точка. Тоа е забележливо и во првично зајадливиот однос на Албанката Елдира и Македонката Лила кон тројцата  уметници за странската култура во која треба да поминат неколку месеци, нивното минато и нивниот обид за поправање на сегашноста. Оттаму,  внатрешнота Другост кај секоја од нив е поврзана со индивидуалното искуство и со перципирањето на различниот, со индивидуалната подготвеност за широкоградо разбирање на светот и околината која не е дом. Неминовно, личната потрага по напуштениот дом или по домот кој треба да се создаде прдоинесува за збогатување на внатрешното мноштво во личноста која е често поделена. Затоа, Димковска во Скриена камераговори за потребата на терминот ,,странствошто поскоро да му се соблече темниот призвук, колку и да е тешко, со цел, физичката другост да може да се помири со внатрешното двојство. Романот може целосно да се разгледува преку анализа на внатрешната другост кај ликовите и тоа го прави емотивен, комплексен и близок до читателската публика. Поради тесната врска со комплексната внатрешност на поединецот која се удвојува по напуштањето на домот, се појавуваат неколку клучни места за поврзување на другоста, романот на Димковска и внатрешноста на главните ликови:

·         Другата страна на себеси или внатрешните мноштва кај главните ликови особено се развиваат при напуштањето на нивните домови. Домот во Скриена камера е скривница за мноштвото идентитети но и иницијатор на истражување на себеси.

·         Идентитетите на личностите во романот се надоградуваат и варираат преку средбите со различните култури и држави, така што мултикултуралноста е клучот за градењето ликови со богати внатрешни светови.

·         Номадизмот во романот на Димковска е во најтесна врска со потребата за отворена комуникација со внатрешното мноштво, со потребата за отворено, непосредно, јасно соочување со непредвидливоста и со новитетите во животот.

      Особено интересни за анализа се и Едлира и Џозеф, два сосема различни ликови кои ги водат нивните комплексни борби во себе. Елдира, младата фотографка од Тирана, внука на Енвер Хоџа, во разговорите со претставникот од австриската фондација Клаус, покажува сомнежи кон искуствата од нејзиното детство. Едлира активно го чувстува бранувањето на нејзиното срце кое бара нови места, нови земји и култури каде што може да го покаже тоа што е нејзино,  тоа а да не е дома. Нејзината тивка желба да се биде далеку од дома значи да се избега од вистинскиот контакт со судирите во себе, да се побара полесен пат кој можеби ќе биде подобар. Со таква идеја таа стигнува во Виена, иако е веќе болна. Оваа млада девојка не сака да ја прифати другата страна од себе која знае дека е веќе болна. Џозеф, пак, за разлика од неа, станува свесен за својата комплексна внатрешност најмногу преку врската со Едлира. Љубовта, како што вели Димковска, е ,,егзил кој е потежок од политичкиот”, што станува реалност во односот на Џозеф и младата фотографка кои набрзо ќе бида разделени. Токму љубовта е онаа која може да ја разбуди другата страна во нас, да го поттикне и осознавањето на повеќе внатрешни иденитети, копнежи и желби, што, всушност и Џозеф го прават збунет. Неговото прво соочување со љубовта наспроти чистата вера е крстопатот на кој не може да ја избере вистинската насока, или барем онаа која е правилна. Насоката ќе биде покажана по заминувањето на Едлира. Двата лика се борат со бирањето на она што е правилно меѓу новите аспекти заа себе кои ги откриваат, и укажуваат на тоа дека процесот на себеспознавање е во тесна врска со прифаќањето на она што е непознато, различно, друго. Ова е една и од носечките идеи кои се проткајуваат во овој роман и остануваат како запечатени во меморијата на внимателниот читател. Прашањето за себеспознавањето преку познавање на другоста.

     Значењето на едно книжевно дело за светското литературно творештво се мери по многу критериуми. Но, и покрај дефинициите на Умберто Еко за семантичките и за критичките читатели, и покрај академските разлики меѓу читателите и продукцијата на квалитетни дела, сепак, постојат одредени книжевни дела кои ги премостуваат разликите меѓу нив. Токму Скриена камера е роман од таков тип. Непосреден и непретенциозен, внимателно структуриран и отворен кон различни читателски групи, брзо го освојува вниманието на македонската книжевна јавност и сé уште придонесува во поттикот за продукција на квалитетна книжевна лектира која ќе едуцира и ќе ја подобрува домашната издавачка култура. Дел од прашањата што ги отвора Димковска припаѓаат на репертоарот перенијални теми, класично познати и третирани во романескната продукција низ целиот свет и кај нас. Но мајсторството во употребата на наративните постапки е тоа што ја издвојува Скриена камера во напливот книжевни дела во  современата македонска продукција.                            

 

 

 

Литература                       

 

Бановиќ-Марковска, Ангелина.  2007. Групен портрет.  Скопје: Магор.

Браидоти, Роси.  2002.  Номадски субјекти.  Скопје: Македонска книга.

Димковска, Лидија. 2014. Скриена камера.  Скопје: Или-или.

Њиши, Армандо. (Прир).  2006.  Општа и компаративна книжевност.  Скопје: ДККМ &Магор.

 

 Крстевски, Душко.  2008.  Скриената камера на Димковска. Блесок бр. 60 (Достапно на www.blesok.mk. Пристапено на: 16.03.2021).

Јанковски, Владимир.  2017.  Кога зборовите стануваат филм. (Достапно на https://lektira.mk/kritika/koga-zborovite-stanuvaat-film/Пристапено на: 17.03.2021)                                                 

Ќорвезироска, Оливера.  2017.  Насамо со литературата (Достапно на https://lektira.mk/kritika/nasamo-so-literaturata/Пристапено на: 17.03.2021).