За Мираж

Имиџот на Mirage / Мираж


Еве конечно во Република Македонија нов простор за првото електронско компаратистичко списаниеMirage / Мираж. Еве еден свет со умножени знаци и значења, свет на проекции и сенки, на слики и привиди, глетки и заблуди, свет подложен на постојано споредување, толкување, идентификување, преиспитување, децентрализирање и на имаголошко спознавање и деконструирање.
Овој нов дигитален простор за толкување, за компаративна, поетичка и критичка промисла дејствува интерсубјективно и отворено во кружниот мега-контекст на заемното дијалогизирање и разбирање во современиот свет, оној во Македонија, а се надеваме и оној Другиот, надвор од неа. Тој се остварува преку теориски и метатеориски сознанија, преку херменевтички прикази, методолошки огледи, или преку низа интеркултурални и хибридизирани дискурзивни облици. Неговите внатрешни портали се именувани како:Книжевна херменевтика, Интертекстуалност, Интермедијалност, Теориски дискурси (Дискурсот за Другиот...), Компаративни поетики и Хибрид.
Mirage/Мираж дава предност на интердисциплинарниот и интердискурзивниот дијалог меѓу различни современи облици на манифестирање на поетиката и на културата, со цел имаголошките слики (имиџи) и конструкти да се разобличат како миражи (привиди, претстави), за да се актуелизираат некои подзаборавени форми на суштествување и мислење, форми кои кореспондираат со оние кои се во тек на создавање или кои се тукушто создадени во современиот свет кај нас, во Република Македонија, во Европа и во светот.
Mirage/Мираж ќе го негува усетот за новите светогледи и визии на книжевноста, уметноста и културата. Mirage ќе ја почитува културата (етиката и естетиката) на поттикнување на креативните облици на толкување на книжевните текстови и на текстовите на културата. Ова електронско списание е премин од јазикот кон стварноста, постојано патување меѓу речта и стварите, меѓу книжевноста и општеството, меѓу книжевноста и другите медиуми, меѓу книжевноста и човекот. 
Mirage/Мираж е интердискурзивна медијација на особеностите и разликите и на нивното умножување, но и рационализиран копнеж по нивното епистемолошко и онтолошко хармонизирање. 
Во една посткомунистичка, постколонијална и можеби неоколонијална (балканска и не само балканска) варијанта,Mirage се збиднува како пакет за самоидентификација, како компаративно превреднување на културолошките и епистемолошките стереотипи, со цел да се ревидираат структурите на индивидуалната и на колективната свест и сензибилитет.


Во уредувањето на првите два броја на списанито учествуваат млади компаратисти од Ателјето за креативно пишување при Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет Блаже Конески на скопскиот универзитет Св. Кирил и Методиј: Ана Алачовска и Билјана Туџаровска како координатори на техничката обработка на web-апликацијата; Сенка Анастасова, Драшко Костовски, Леа Липша, Јасмина Марковска, Звонко Танески и Султана Чулева. Соработници автори и преведувачи се млади компаратисти, како и членовите на Катедрата за општа и компаративна книжевност, односно членовите на Друштвото на компаратистите на Македонија. 
Списанието е конципирано и го уредува проф. д-р Катица Ќулавкова. 




Нешто повеќе ЗА
компаратистичкото Е-списание
 Mirage/Мираж

Ателјето за креативно пишување при Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" од Скопје има цел да ја промовира сопствената работа во електронска форма и концепциски настојува да применува интерактивни наставни методи на образование, кои подразбираат извесно излегување од ригидните рамки на екскатедарското високо образование. 
Mirage/Мираж се залага за напуштање на конвенционалните, стереотипни и стерилни начини на студирање. Ова компаратистичко е-списание им нуди на додипломците и постдипломците нови модели на образование, кои во себе го вклучуваат елементот на интерактивност и креативност, на теорија и прагма.
Mirage/Мираж е наменет на студентите на универзитетите во Република Македонија кои се занимаваат со проблемите од областа на теоријата на книжевноста, книжевната херменевтика, методологијата на проучување на книжевноста, компаративните поетики, културологијата, балканологијата, визуелните уметности и медиуми: студентите на Филолошкиот и Филозофскиот факултет, студентите на Факултетот за драмски уметности, Ликовната академија, Музичката академија и др. 
Mirage/Мираж им отвора можност на студентите од Р. Македонија за соработка со студенти од други универзитети во балканскиот регион, Европа и светот. Ова е посебно важно затоа што процесот на образование е отворен процес во кој е нужно да бидат инкорпорирани што е можно повеќе релевантни субјекти. На тој начин се овозможува размена на искуства за современите достигнувања од областа на компаратистиката, интермедијалните и интеркултурните сфери на промислување на стварноста. 
Во еден дел од електронското списание ќе бидат застапени текстови во превод од светски јазици, а во другиот дел текстови на македонски јазик, а по потреба и на друг изворен јазик на којшто е напишан текстот. 
Катедрата за општа и компаративна книжевност од академската 2001/2002 година воспостави соработка со компаратистичката студиска група на Универзитетот Сорбона Нова 3 од Париз. Mirage/Мираж е комплементарен на ХЕСП Проектот, чијашто цел е модернизација на наставните планови и програми. Раководител на ХЕСП Проектот е проф. К. Ќулавкова, а од партнерската институција - проф. Жан Бесиер (Jean Bessière). 
ХЕСП Проектот е финансиски поддржан од ЦЕУ - Будимпешта.Mirage/Мираж се реализира со финансиска поддршка на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија и секторот за електронско издаваштво на оваа Фондација.


                                              Скопје, 04.06.2002