ВО КОНТЕКСТ НА ДИСКУСИЈАТА НА ТЕМА ЦЕНТАР-ПЕРИФЕРИЈА

Соња Стојменска - Елзесер

          Последниве децении во хуманистичките науки опозицијата центар наспрема периферија беше особено присутна и дискутирана. Посебно е провокативно да се промислуваат литературата и културата низ призмата на просторните, односно на географските поими. Што е она што е централно, а што е она што е периферно; што е она што е локално, а што е она што е глобално; што е европско, а што неевропско; што е западно, а  што е источно во културата, та, во нејзините рамки, и во литературата? Овие прашања ги окупираат мислителите и писателите и ги предизвикуваат да ги анализираат постојните и да креираат свои сопствени визии за таквите просторни дистинкции. По појавата на проектите, како што се геофилозофијата, психогеографијата и геопоетиката, станува јасно дека културата е многу силно поврзана со просторот (локацијата, местото), речиси исто толку или дури и повеќе, отколку што е одрредена од конкретниот  историски миг, односно со самото време (конечно, времето и просторот секогаш функционираат во спрега, како што укажува и Бахтиновиот концепт на хронотопот). Посебната улога на географијата и на геометријата при разбирањето на книжевните процеси и дела е особено нагласена во книжевната картографија на Франко Морети (2005), кој покажа колку креативно може да биде толкувањето на литературата со помош на категориите на просторот и на локацијата.
          Опозицијата центар/периферија, како просторна категорија, претставува експлицитна карактеристика на урбанизацијата, т.е. на уредувањето на просторот и неговата организација. Затоа, таа е доминантна во промислувањето на урбаната култура, иако самиот феномен на градот е истражуван од страна на речиси сите дисциплини: како прво, од социологијата, потоа, од историјата и од политиката, од архитектурата, од географијата и од туризмот, итн. Polis, urbs, civis, град - тоа не е само местото каде што живееме, тоа не се само куќи опкружени со ѕидови, туку тоа е идејата за тоа како живееме и како сакаме и како можеме да живееме. Достоинството на градот било поткопано од руралната утопија на русоизмот во осумнаесеттиот век, кога градот почнал да се смета за седиште на криминал и на зло. За градот се сметало дека е создаден од ѓаволот, а наспроти него, за селото дека е создадено од Бога. Во периодот на просветителството била потенцирана етичката димензија на урбаноста. Модернизмот од урбаниот пејсаж направи основна сцена за уметничките дела – за многу романи, раскази, филмови и многу сликарски дела. „Градот е состојба на умот,“ има напишано Роберт Парк, лидерот на Чикашката школа за урбана социологија, во 1915 година (Park 1967, 1). Оваа опсервација е силен аргумент за значењето и за влијанието што градскиот живот го има врз идентитетот, врз психологијата и врз креацијата. Односот меѓу градот и уметноста секогаш вибрира меѓу реалноста и фикцијата. Градот во уметничките дела никогаш не е ист како што е во реалноста. Тој е секогаш измислица, резултат на комплексна имагинација, која претставува смеса од приватна и од колективна меморија, од нешто научено и од нешто доживеано, нешто свесно и нешто несвесно... Во литературата отсекогаш имало извонредни раскази, романи, песни посветени на одредени градови, познати или непознати во реалноста, или едноставно измислени (па дури и невидливи во стилот на Итало Калвино).
          Кога зборуваме за односот меѓу градот и литература не можеме да ја изоставиме  импресивната модернистичка фигура наflâneur, или на германски wandersmänner (израз познат од влијателниот есеј на Мишел де Серто од 1984 година), кој претставува одлична метафора за поврзаноста на човековата индивидуалност со нејзиното  урбано опкружување. Тој е персонификација на самата урбаност и, како таков, опстојува низ книжевните дела подолг период. Кон крајот на XIX век, тој бил многу популарен литературен јунак. Терминот почнува да се употребува пофреквентно по анализата на поезијата на Шарл Бодлер од страна на Валтер Бенјамин. Оваа фигура претставува своевиден шетач кој минува пешки низ урбаните пејзажи и пронаоѓа во нив мистериозни искуства, главно, предизвикани од визуелни ефекти. Неговите прошетки се без некоја посебна мотивација и обично преминуваат во авантури кои му донесуваат естетски или еротски задоволства. Во прво време flânery како појава била строго поврзана со Париз од периодот на деветнаесеттиот век, така шпто flâneur-от се шета најчесто низ романи напишани од автори што му припаѓаат на модернизмот во неговиот зенит. Оваа фигура, исто така, е присутна и во сликарството од тоj период. Подоцна, овој тип креативно доживување на градот се менувал, но, сепак, останал една од најпродуктивните прозни постапки. После појавата на влијателните есеи од Валтер Бенјамин, Крис Џенкс, Мишел де Серто и други, фигурата на flâneur стана метафора и методолошки инструмент за анализа на урбаната култура.
          Во книжевните проучувања оваа фигура сè уште претставува творечки принцип, и има голема улога во истражувањето на модерниот роман. Самиот роман може да се спореди со градот, така што процесот на читање може да се толкува како еден вид на flânery. Исто така е очигледно дека стратегијата на опишување е компатибилна со flânery, така што овој тип на нарација се среќава и во многу современи романи.
          Нашиот интерес во студијава е да се согледа како извесни реминисценции на оваа книжевна фигура функционираат и во македонската проза, како преку неа се опишува урбаниот пејсаж и како таа се претвора во процес на идентификација. Со таа цел ќе го фокусираме нашето внимание на еден неодамна објавен македонски роман, на романот Снегот во Казабланка од Кица Берџиева Колбе, објавен во 2005 година. Овој роман на своевиден начин претставува интересно продолжување на традицијата на модернистичкото flânery, но неговата главна преокупација е токму преку доминантните прошетки и лутања низ градот на главниот лик (младата жена Дина Аспрова), да се изгради нејзиниот комплексен идентитет, распнат помеѓу европските градски искуства и искуството на нејзиниот роден град Скопје. Долгите прошетки низ родниот град во неа будат сеќавања на нејзиното детство и на младоста и ѝ помагаат да ја пронајде сопствената духовна хармонија. Првиот елемент кој го одделува овој роман од модернистичката традиција е едноставниот факт дека раскажувачот на приказната кој шета низ сопствениот роден град е жена. Модернистичкиот flâneur речиси секогаш беше маж. Во модернистичката литература градот беше виден од машка перспектива. Во овој пример можеме да го набљудуваме градот Скопје преку женското око, а тоа е веројатно и основната причина што чувствувањето на градот во овој роман е длабоко испреплетено со љубовна приказна. Интересно е дека во овој роман прошетките и градските лутања (не само во родниот град, туку и во поголемите европски градови) се главните алки на сижето. Младата интелектуалка Дина, која привремено живее во Фиренца (и работи во Ufficci галеријата) е принудена да се врати во нејзиниот роден град Скопје за да се грижи за празниот семеен стан. Таа го напуштила родниот град пред повеќе од десет години и живее извесен период во Рим, во Париз, во Прага, и, на крајот, и во Фиренца. Ова е клучниот контрапункт на романот: европските урбани центри наспроти Скопје. Дина Аспрова ја опишува Фиренца со овие зборови:

„Верувај ми, во последниве десетина  години сум живеела во сите убави градови во Западна Европа, но ниту еден од нив не е како овој неземски бисер. Фиренца не е само град. Таа е отелотворена уметничка визија“ (2005, 7).

           Од друга страна, нејзиното родно Скопје е „зад грбот на Европа" (72), како што вели таа:

„За мене Скопје секогаш беше далеку од Европа и светот, тоа секогаш беше провинцијалност и теснотија, во која се задушував...“ (124) „Морам да заминам од оваа теснотија на духот. Овде. Од ова предградие на Европа. Македонија. Сонувам за Европа“ (169).

          Романот Снегот во Казабланка е базиран врз ироничен дискурс кој може да се препознае во лудистичката топонимија: Дина Аспрова создава своја виртуелна биографија во која нејзината земја Македонија е именувана како Казабланка и нејзиниот град Скопје е наречен Јустинијана. Тоа е иронија во однос на поставеноста на македонската држава и народ во современиот свет:

„...сликата на Казабланка ја создадов од немоќ, поради постојаните порази во моте походи на Западот на Европа. Ние не бевме тогаш провинција, кога го рецитиравме Рембо на Вардар. Ние тоа сме сега! Ако сме провинција, си реков, тогаш вистинска. Со стил! Егзотична. Затоа сите тие нешта. Казабланка, Јустинијана, Балканија. Шифри на немоќта“ (251).

          Урбаниот пејзаж во овој роман е модус за пронаоѓање и градење на идентитетот на главниот лик (па и на самата авторка). Во него шетањето по градовите е најчеста форма на раскажување. Дина Аспрова шета низ музеите во европските центри, на познатите места во нив и со тоа самата се чувствува како духовен роднина со сите скапоцени икони на европската култура: нејзини најблиски духовни роднини се Франтишек (Франц Кафка) од Прага, Пруст, Музил, Ман, Бекет, Достоевски и сите големи писатели од европската традиција, чии креации станале и нејзино духовно богатство. Тие сите го градат нејзиниот комплексен идентитет, кој страда од стигмата на неприфатеност и непрепознаеност:

„Си реков, не смее да ми пречи повеќе што тие славни предци во Западна Европа мене не ме сметаат за нивен роднина. (...) Јас, сепак сум уверена дека јас не сум отишла случајно во срцето на Европа. Еден ден и тие невидливи предци на духот во безвременоста ќе мораат да разберат и прифатат дека во моето срце отсекогаш живееше нивниот европски дух“ (113).

          Европскиот дух, од една страна, и родниот град и татковината, со сета нечистотија, прашина, провинцијалност и заостанатост, од друга страна, доаѓаат во судир во ликот на Дина. Но, што се случува во мигот кога таа се враќа во својот грд град? (Таа признава дека нејзиниот град не е убав, убав е само кога е покриен со снег, како што е во текот на речиси целиот период на одвивање на приказната, пред сè, поради метафоричноста на снегот.) Од зад градските агли се будат сеќавања на среќното детство и особено на љубовта на нејзиниот живот, која за жал, траела само една ноќ. Младиот сликар во кого се вљубува го напушта Скопје еден ден по нивната средба. Но, се чини дека тој останува нејзина судбина. За време на прошетките низ Скопје, во една од најубавите улици на градот, таа ја препознава куќата покрај која често минувала во детството за да ужива во музиката што ја свирела една мистериозна жена. Љубовта повторно е пронајдена по многу години и таа е симболизирана преку убавата стилска куќа, домот што таа го пронаоѓа со својот сакан човек, неговата стара изнемоштена мајка, нејзините пријатели од младоста итн.
          Така, нејзиниот живот, кој беше концентриран врз европската уметност и култура, музеите и театрите, прошетките по улиците на најубавите европски градови, одеднаш добива нов центар - таа конечно го наоѓа својот дом во кој сите вредности што ги смета за европски можат да се хармонизираат со нејзиниот интимен живот. Во таквиот исход поимите како што се европски дух и дома се соединуваат и опозициите се губат.

„А Европа ни се потсмева на тој копнеж по светска култура! Таа самата одамна го заборавила тој копнеж. Затоа е цинична со нас! Сака да ни ги испие животните сокови, дури и оние последните, оние што се уште не одржуваат во живот. Знаете ли колку е тешко да сакате цел живот да одите во земјата на Пруст, да живеете една година во Париз, да сте странец и сите да ве гледаат како да сте теле со три глави кога ќе го изговорите името Пруст? Затоа што тие веруваат дека вие сте варваринот од Балканот кому тие допрва треба да му направат буквар, за да научи да чита и да пишува! А вие одите кај нив за да им кажете дека уште кога сте имале петнаесет години, кога сте седеле крај Вардар, во миризмите на неговите води сте се капеле во мирисите на чајот од липи на Пруст. Вие со жар во срцето ќе им раскажувате дека ние, Нора и јас, како студентки, по цели ноќи ги рецитиравме Вашите љубени Маларме и Рембо на Камениот мост! Ние, сонувачите на светската култура! Мене не ме научи да го љубам Пруст некоја невладина организација или некоја стара европска фондација за време на моите талкања по пустелијата Европа! На таа љубов ме научивте Вие, овде, во Скопје, оној град, за кој во Париз ме прашуваат дали е предградие на Истанбул или на Тирана? (...) Тие, во Европа, нема никогаш да ми поверуваат дека татко ми ме научи на тој восхит за светска култура, пред да дојде Европа во Македонија и од нашите животи да создаде најголем хаос.Сакаат да веруваат дека ние отсекогаш сме биле варвари, оти, ако не веруваат во тоа, тогаш нивните вистини за Македонија се лаги. А тие се лаги! Европа не ја познава Македонија! Ние сме за неа тајна, оти таа е арогантен незнајко“ (313).

          Во овие зборови може да се почувствува стигмата на македонската интелектуалка, која се смета себеси за дел од европската духовна заедница, но формално не е прифатена во неа. Овој двоен стандард за она што е, а што не е европска традиција и пречи на младата  писателка. Проблемот на лоцирање на европската култура преку просторни поими поттикнува кон негово промислување како многу посложен феномен отколку што е тоа едноставна карактеристика на еден од светските континенти. Дали географските коти или геополитичките тенденции се единствените арбитри за тоа што е или што не е дел од европското културно наследство?
          Новиот европски имагинариум е распнат меѓу две тенденции: да ги поврзе сите различни струења во еден заеднички идентитет врз основа на заедничката меморија и креативност, и, истовремено, да се грижи за специфичноста и за уникатноста на сите различни идентитети во неговите рамки. Идејата за единство на различноста е многу позитивна, креативна и моќна, но, сепак, е многу далеку од нејзиното вистинско практикување. Што претставува вистински баланс помеѓу единството и различноста, за жал, сè уште е невозможно да се каже. Опозицијата центар-периферија се употребува во различни области: географски, политички, економски итн, но ако сакаме да резимираме, можеме да кажеме со други зборови: моќта, парите, величината во квантитативна смисла ја создаваат сликата на светот. Но, стигмата на периферност не е карактеристика само на сиромашните, слаби или „мали“ народи и култури. И најбогатите региони на Европа (на нејзиниот север, на пример) го имаат истиот проблем со комплексот на периферност.
          Исто така, мора да имаме на ум дека низ историјата точките на културна радијација, или позициите на културните центри се менувале. Дури и Балканот, таа „варварска" периферија на Европа во извесни историски околности бил центар на културни зрачења. Така, прашањето за тоа што е/се центар/центри и она што е/се периферија/периферии на културата сè уште е отворено. Самата култура, самата креација, и самата уметност во хармонија со нејзиниот интимен живот претставуваат вистински центар за младата жена во романот за кој станува збор. Таа се прашува себеси:

„Можеби, јас напразно го барам одговорот на мојата тајна на творештвото по славните градови на Западна Европа. Давид и неговите колеги музичари го свират во Скопје Моцарт, и во овој миг овде е срцето на Европа“ (322).

          Срцето на Европа е нешто што им е заедничко на луѓето од уметноста, музиката, литературата, културата, без разлика на кое место на глобусот се наоѓаат - можеби овој концепт би можел да биде решение за надминување на стигмата на периферност, маргиналност, провинцијалност.
          Затоа во овој труд се обидовме да ја проблематизираме опозицијата центар-периферија во културата со помош на илустрација на само еден современ роман од македонската литература во кој доминира урбаниот пејзаж. Се разбира дека постојат и други наслови во кои можеме да ја препознаеме истата запрашаност пред овој проблем, затоа што најпровокативна тема во овој миг во Македонија е нејзиното (не)членство во Европската унија.  Оттука произлегуваат најразлични видувања на Европа, така што во популарната култура може да се најде навистина широк спектар чувства и ставови кон ЕУ, од екстремна евро-фасцинација до крајна евро-фобија. Во романот Снегот во Казабланка од Кица Б. Колбе може да се почувствува ваквиот амбигвитет, но оваа приказна, во крајна инстанца, потврдува дека единствен начин да се надминат овие противречности е да се пронајде сопствениот идентитет, кој не поднесува да биде растргнат на географски парчиња и на различни страни од светот. Дина Аспрова во романот вели: „Јас живеев  над сите географски одредници“ (109). На тој начин, романот покажува дека идентитетот се гради некаде помеѓу (во конкретниов пример помеѓу различните географски места во Европа и различните културни средини) и секогаш е еден вид мешавина, културен и искуствен компендиум.

Литература

1. Benjamin, Walter. 1977. Charles Baudelaire: A Lyric Poet in the Era of High Capitalism. NBL. (1935 = “Paris – the Capital of the Nineteenth Century”; 1938 = “The Paris of the Second Empire.”)
2. de Certeau, Michel. 1984. Walking in the city. The Practice of Everyday Life. Berkeley: University of California Press.
3. Колбе, Кица Б. 2005. Снегот во Казабланка. Скопје: Три.
4. Moretti, Franco.  2005. Graphs, Maps, Trees. London: N.Y: Verso.
5. Jenks, Chris ed. 1995. Watching your Step: The History and Practice of the Flaneur. Visual Culture. NY: Routledge.
6. ______. 2004. Urban Culture: Critical Concepts in Literary and Cultural Studies. Taylor & Francis.
7. Park, R. E. 1967. The City: Suggestions for the Investigation of Human Behaviour in the Urban Environment. The City (R. E. Park, E. W. Burgess, and R. McKenzi ed.). Chicago: University of Chicago Press.
8. Williams, Raymond. 1985. The Country and the City (London: Chatto and Windus, 1973). Reprinted, London: Hogarth Press.